Го посакувам на сите она најважното, најуниверзалното-многу љубов и искрени прегратки: Новогодишно интервју со министерката за одбрана Славјанка Петровска

Добивај вести на Viber

„Новата 2023 посакувам да биде позитивна година, да гледам повеќе насмеани лица, сите да нè служи добро здравје, чиста мисла и искрена љубов. Да се сакаме повеќе и да се обидеме во секој од нас да го гледаме најдоброто“ ... ова меѓудругото го порача министерката за одбрана Славјанка Петровска во специјалното новогодишното интервју за Женски магазин.

Новогодишната ноќ, како што ни откри министерката ќе ја помине одмарајќи и читајќи роман, а сè останато што сподели со нас, читајте во редовите подолу..

* Каде ќе ја поминете Новогодишната ноќ и што ќе им посакате на најблиските, пријателите, и сите граѓани?

- Ова е прашање на кое последните неколку години не го знам одговорот се до последен момент. Пред десетина години уште на 1 декември знаев и каде ќе бидам, и со кого ќе бидам, и што ќе облечам и колку дена ќе трае забавата. Денес искрено не ми е важно каде сум, туку повеќе со кого сум. Сакам да се чувствувам удобно и опуштено. Имало години и кога сум сакала да бидам сама, да заспијам пред полноќ, без гледање во часовникот и да се разбудам рано наутро како да е сосема обичен ден. Но, секако имало  години на славење кое започнувало на 30 декември, а завршувало на 2ри јануари, денови исполнети со друштво, музика, супер журки.

Оваа година на 31 декември и 1 јануари ќе одмарам и ќе го читам најновиот роман „Сагата за Рајна“ на мојата драга пријателка Оља Петрушевска Томева, за кој оние кои го прочитале велат дека се чита во еден здив и дека ви го краде сето внимание.

На моите пријатели, моите сакани и граѓаните ќе им посакам Новата 2023 година да ја пречекаат со верба во љубовта и надеж дека сите ќе бидеме подобри личности од тоа што сме биле во годината што изминува. Посакувам безброј убави мисли, насмевки и добри дела кои ќе бидат храна за нашето ментално и физичко здравје. И најважното, најуниверзалното: многу љубов и искрени прегратки. 

* По што ќе ја паметите 2022, а  што си посакувате за 2023 година?

- Оваа година ми прелета како брза птица. Во јануари ја превзедов функцијата министерка за одбрана и од тој ден приоритетите ми се променија. Динамично, на моменти напорно, но сепак задоволна за тоа како ми помина годината. Благодарна сум и среќна сум за сите нови личности кои ги запознав, им благодарам за подадената рака кога ми беше потребна поддршка, за советите, за добронамерните критики. Новата 2023 посакувам да биде позитивна година, да гледам повеќе насмеани лица, сите да нè служи добро здравје, чиста мисла и искрена љубов. Да се сакаме повеќе и да се обидеме во секој од нас да го гледаме најдоброто.

* Негувате ли новогодишен амбиент, колку се радувате на украсувањето по дома, и китењето на Новогодишната елка? Дали подароците се дел од вашата новогодишна традиција?

- Украсувањето ми е посебна церемонија. Затоа што за мене, тоа не е само декорација, туку ширење позитивна енергија и топлина во домот кој треба да прими многу љубов и добри луѓе. Кога украсувам сум најрадосна и најсмирена, едноставно уживам. Од секој украс си правам приказна и го посветувам на некој што ми значи. Оваа година имав малку поинакво украсување. Заедно со дечињата на моите најблиски соработници се собравме во мојот кабинет и заедно поминавме неколку часа правејќи новогодишни честитки и пишувајќи желби. За миг се вратив во деновите кога бев во основно училиште и од растеглива хартија и други додатоци правевме украси и честитки. Убави спомени.

И некако овој период од годината ме асоцира и на подароци, убаво спакувни, мали или големи, ама полни со љубов.

*Какви спомени од детството ви будат новогодишните и божиќните празници, како ги поминувавте?

- Кога бев дете тоа беа најрадосните денови за мене. Почнуваше распустот и секогаш заедно со моите родители и брат ми некаде одевме, најчесто тоа беше Маврово и задолжително одевме повеќе семејства за да биде повесела дружбата. Јас сум и „зимско“ дете, роденденот ми е во јануари па веднаш после Божиќ почнуваа подготовките за славењето на роденденот и јануари ми беше многу убав месец, радосен и полн со смеа и забава. За Бадниковата вечер секогаш бевме заедно моите родители, брат ми и јас. Татко ми го кршеше лепчето со париче и наздравуваме за среќникот. Мајка ми имаше посебна енергија за таа вечер. Секогаш беше радосна додека ја спремаше Бадниковата трпеза, а јас гледајќи ја, секогаш се моткав околу неа сакајќи да помогнам на трпезата да има некое мое дело. Додека и помагав учев многу за готвењето, за традицијата, за обичаите. Сакав сè да знам, и постојано прашував. За сè што се правеше таа вечер мораше да има објаснување и јас морав тоа да го знам. Признавам, таа љубопитност ја имам и денес. Мора за сè што правам да имам објаснување или за сите обичаи мора да знам зошто се прават баш така и баш тој ден и баш на тој начин.

* По Новогодишната ноќ, секој од нас со огромна радост го чека доаѓањето на Божиќ,  а постарите велат „кај и да си за Божиќ дома да си“.  Имате ли некоја традиција која ја практикувате за Божиќ? Обичаи кои сте ги наследиле од вашата мајка, баба...?

- Кога ќе се спомне Божиќ првото чувствто што ме обзема е радост. Секое раѓање, секој почеток на нов живот е посебен, радосен. Но, Христовото раѓање е многу повеќе. Тоа е почеток на една нова ера, почеток на Исусовите чуда во кои некои од нас веруваат, некои не. Но, никој не спори дека многу од тие чуда, појави и настани и до денес науката не успеала да ги објасни. Божиќ е радост, љубов, топлина.   

Мајка ми секогаш ја подготвуваше најубавата Божиќна трпеза, и секогаш на Божиќ имавме гости, многу гости. Тоа се мигови кога сите во семејството се посветени на радоста и љубовта. Божиќното утро го почнувам со утринска, Божиќна литургија, а последните неколку години и така го дочекувам Божиќ, со целовечерна служба во Бигорскиот манастир. Правилото на кое ме научи мојата покојна мајка беше што и да е, колку и да те мачи нешто, Божиќ слави го со широка насмевка и чисто срце, доволно широко да ја собере љубовта која те чека.


Ирена Ставрова