Облекувањето на македонскиот национален дрес беше мојата најголема желба: Сузана Синадиноска за љубовта кон фудбалот

Добивај вести на Viber

Сузана Синадиноска е поранешна фудбалерка. Прв капитен на Женската фудбалска репрезентација. Сега е тренер. Веќе 12 години ја тренира женската фудбалска репрезентација У19. Нејзините почетоци со фудбалот датираат од 1997 година . Прв пат фудбал заиграла во Машинац, фудбалски клуб од Ниш, бидејќи во тоа време, во Македонија немало женски фудбал.


Вели дека нејзиното детство го поминала играјќи со топка наместо со кукли, а „Чекори по земја, но гледај кон ѕвездите“ е мотото кое ја води низ животот. 

Најголема поддршка во фудбалската приказна, Сузана има од семејството, но тука се и пријателите и спработниците. Во ова интервју, со оваа дама зборуваме за нејзините почетоци, планови, амбиции, а ни откри и кој е нејзин идол и за кој фудбалски клуб навива.


*Сузана, вие сте поранешна фудбалерка. Раскажете ни ги вашите почетоци, како се роди љубовта кон фудбалот, зошто фудбалот, како се снајдовте на 16 години во друга држава?

-Уште од мали нозе знаев дека сакам да се занимавам со фудбал, детството го поминав играјќи со топка наместо со кукли, истото беше и низ училишните денови. За моето заминување во друга држава најголем “виновник” е еден пријател на мојот татко кој го препозна мојот талент и ме препорача на фудбалскуот клуб „Машинец”- Ниш, Србија. Секој почеток е тежок па така и мене, сепак имав само 16 години, меѓутоа периодот на адаптација траеше кратко, целокупниот тим и играчите ни за момент не дозволија да се почуствувам како да сум далеку од дома, ме прифатија како да сум дел од нив со години и заедно создадовме незаборавни искуства и темели на мојата понатамошна кариера.


*Бевте прв капитен на Македонската женска репрезентација – која година беше тоа, од каде идејата да застанете на чело, имавте ли прекар по кој бевте позната?

-Кога ќе се навратам на тоа време, низ главата ми поминуваат моменти каде соиграчите и стручниот штаб ме нарекуваат “Македонец”, јас бев единствена Македонка која во тоа време играше за странски клуб а во нашата држава сè уште не постоеше женски фудбал.

Точно, на самиот почеток на женски фудбал во Македонија бев назначена за капитен на женската Фудбалска Репрезентација на Македонија. Најверојатно моето меѓународно искуство ми помогна да ја добијам таа позиција, облекувањето на македонскиот национален дрес беше мојата најголема желба а капитенската трака дозволи да се чуствувам уште посилна, помотивирана и гладна за понатамошен успех. Моето семејство со гордост го следеше секој мој чекор и ми беа најголемата поддршка, нив ќе им бидам вечно благодарна. Моите прекари произлегуваа од две работи “Машинец”-клубот каде што започнав и “Ратае” - моето родно место, кое верувајте со гордост ги носев.

*Пред какви предизвици бевте исправени тогаш?

-Пред какви предизвици? (Се смее) секакви. Најпрво со моите најблиски, мојата фамилија сепак испрати малолетно дете во друга држава, адаптација на средината, спортот, тимот како и на самата држава. Со капитенската трака пак доживеав различни предизвици, останатите девојки беа понеискусни, но веднаш ги прифатија сите мои искуства, се трудев константно да ги мотивирам и да докажувам дека успехот доаѓа само со работа и посветеност, за наша среќа во тоа време сите бевме желни за докажување, напредување и чекорење кон нови победи. Исто така во предизвиците би ги додала и народските кажувања “фудбал е машки спорт” , “ја губиш женственоста”, “ќе ти се искриват нозете”, “женските не можат да бидат успешни во машкиот свет” итн... меѓутоа се ова за мене беше само дополнителна мотивација и еве веќе во 2022 година Македонија се повеќе се доближува и вложува во женски фудбал на мое огромно задоволство.


*Денес сте тренер на женската репрезентација до 19 години? – зошто се одлучивте на тој чекор. Какво е чувството, која е тајната на успехот?

-Кога станува збор за успех тука нема тајна, упорноста, мотивацијата, посветеноста, тренингот и вложување во самиот себе се клучните работи за еден спортист да успее. За У 19 конкретно бев назначена од нашата Федерација, навистина сум среќна што сум дел од еден прекрасен стручен штаб и мотивирани девојки кои заедно со нас чекорат низ терените на А репрезентација.


*Која е Сузана Синадиновска приватно ?

-Која сум јас? Една гласна и скромна девојка, опкружена со луѓето кои ги сакам и моето семејство. Ден денес го следам фудбалот, особено женскиот и секогаш оставам простор за личен напредок. Годините навистина се само бројка, во мене сè уште живее таа млада девојка која замина во Машинец и се врати посилна и помотивирана.


*Кој беше/е ваш идол?

-Идолите на сите нас во тоа време беа Илија Најдовски, Дарко Панчев, Горан Пандев, Синиша Михајловиќ, Драган Стојковиќ Пикси, на моја среќа лицно се познавам со сите нив.

*Клуб за кој навивате?

-“Партизан” - Србија беше мојот омилен клуб во тоа време а од премиер лигата би го издвоила „Челзи“. Секако тука би го додала и „Тетекс“ од моето родно место.


*Колку се променети работите во фудбалот од времето на вашите почетоци до денес ?

-Работите се навистина многу променети, во моментов постојат многу клубови, многу нови надежи, постојат повеќе фудбалски репрезентации, девојките имаат можност да се напреваруваат од 15 години а во младинските категории имаме и помлади надежи, исто така во женскиот фудбал навистина многу се вложува, има простор за напредок кој ќе се достигне само со упорна работа, навистина верувам во нашите девојки.

*Колку сте задоволни од постигнатото до денес, кои се вашите идни планови, цели, амбиции?

Моменталните амбиции ми се поврзани со девојките од У19 да имаме пласман на европско првенство на чело со селекторот Астрит Мерко и секако на секое наредно натпреварување да имаме подобри резултати. А за останатите планови ќе оставиме времето само да ви покаже, сепак не можам се да ви откријам.

*Дали некогаш сте се соочиле со предрасуди, дека не треба или пак дека не знаете да играте фудбал, од страна на машкиот пол?

-За предрасудите како и што веќе споменав секако дека многу ги имаше и сè уште перзистираат особено од машкиот пол, но со тек на време и тие стивнуваат, сепак резултатите зборуваат сами за себе.


*Кој за вас е најголема поддршка во целата ваша приказна?

-Моите родители се најголемата поддршка од  самиот почеток, секако тука се и моите пријатели и соработници како и младите фудбалерки.


*Што ве мотивира во животот?

- Живеам со мотото „Чекори по земја, но гледај кон ѕвездите“, сметам дека секој човек се раѓа со одредени амбиции кои треба да ги следи, да го слуша внатрешниот глас и никогаш да не се откажува од предизвиците. Патот кон успехот е долг и трнлив, но погледот од таму е сепак најдобар.


*Ваша порака за младите кои се занимаваат со спорт?

-Пораката за младите ми е секогаш иста, на прво место да им е училиштето, а потоа и спортот. Им препорачувам да имаат култура на терен, спортски дух, многу работа, упорност и да не се откажуваат. Сепак ова интервју ке го завршам со моето фудбалско мото „Срце на терен“ а вас ви благодарам за поканата и ве оставам во добро здравје.


Ирена Ставрова

Фото: Приватна архива