ОБРАЗОВНИТЕ АСИСТЕНТИ БЕЗ СКРШЕН ДЕНАР: Нема исплати ни за април, ни за мај

Образовните асистенти кои до средината на март беа ангажирани за работа со деца со посебни потреби во основните училишта во Скопје, останаа без денар во април и во мај. Нивниот ангажман е прекинат зошто училиштата нема да ја продолжат учебната година, па децата на кои им се потребни образовните асистенти остануваат дома.

Станува збор за вискообразовни кадри, чиј надомест за оваа услуга изнесуваше само 9.000 денари и тоа бруто. Дел од нив кои зборуваа за Фактор, а сакаат да останат анонимни, појаснуваат дека за март ги добиле парите, но за останатите два месеца добиле известување дека договорите за Општо корисна работа им прекинуваат.

- Ова беше вистински шок за нас. Како самохран родител останувам и без тие неполни 9.000 денари. На почетокот се надевавме дека можеби ќе продолжи школската година, но веќе сме информирани дека договорите ни престануваат. Јас сум дипломиран педагог, и долги години не можев да најдам вработување, па ова работа, која верувајте, не е ни малку лесна, колку толку ми беше од голема помош. Ангажирана бев четири часа со детенце со мала интелектуална попреченост. Нашиот ангажман ги прави родителите на дечињата да бидат посмирени, знаејќи дека децата им се во добри раце. Единствено сега ми останува да се надевам дека ќе бидам повторно ангажирана од септември кога ќе почне новата учебна година, вели соговорничката за Фактор.

И нејзините колеги-образовни асистенти изразија своевиден револт, што голем дел интелектуалци, не по своја вина останаа дома, нагласувајќи дека Владата до сега информираше за пакет економски мерки, во кој никаде ја нема оваа категорија интелектуалци.

- Факт е дека финансиите, месечниот надомест што го добиваме е преку УНДП, но во вакви услови, во време на пандемија, би требало да се мисли и на нас. Сите останати категории работници и оние што се на договори за дело имаат какви такви примања, велат за Фактор.

Од Општина Центар за Фактор потврдија дека договорите за Општо корисна работа на образовните асистенти се прекинати и дека за ваквата одлука добиле и официјален мејл.

- Образовните асистенти беа исплатени само уште за март, но за последните два месеца нема да добијат надомест бидејќи не се повеќе даватели на услугите. Прво нивните услуги беа ставени во мирување, се до конечниот став на Министерството за образование дека наставата нема да продолжи. Веднаш потоа добивме мејл од Работна Група на програмата за Општо корисна работа, да ги известиме асистентите дека не се повеќе ангажирани, вели Јагода Јанковска, раководител на Сектор за јавни дејности во Општина Центар.

Во мејлот што го добила Општина Центар се наведува:

- Заради неможноста на образовните и лични асистенти да ја испорачуваат услугата во училиштата и градинките кон децата со попреченост, оваа услуга во месец април 2020 беше ставена во мирување, без да се исплаќаат ангажираните лица заради немање на услови за реализирање на сервисот. Согласно владината одлука за продолжување на on-line наставата до крајот на школската година (10 јуни 2020), Проектниот Одбор  донесе одлука за прекинување на овие сервиси во програмата ОКР 2019/2020, од причина што во овие услови нема можност за испорачување на овие услуги.

Ве замолуваме да ги информирате ангажираните лица дека согласно оваа одлука се прекинува серрвисот , а согласно претходните одлуки нивната исплата завршува со месец март 2020.По одлуката на ПБ можете да ги раскинете и договорите со ангажираните лица и да ги информирате Центрите за Вработување дека овој ангажман се прекинува.

Анита Буховски