Од дете ме носеа во винарска визба: Интервју со Венера Гелебешева- Крстиќ
Венера Гелебешева- Крстиќ е главен енолог и директор на производство во винарската визба „Сковин“. Вели дека љубовта кон виното го наследила од татко ѝ, и најубав спомен на детството и се сликите кога мајка ѝ ги носела неа и нејзиниот брат да го видат татко ѝ ми во визбата, затоа што беше за време на бербата не го гледале дома. За Венера, која денес е мајка и сопруга, мирисот на грозјето, на ферментациите е нешто што останува врежано во сеќавањето.
* На почетокот би Ве замолиле да ги издвоите најзначајните моменти од Вашиот досегашен професионален пат.
Постојат повеќе значајни моменти во мојот професионален пат и сите се поврзани со виното и мојата професионална оријентација, а тоа е правење на вино и сите бенефиции што ги носи мојата струка. Сум работела како енолог во повеќе винарски визби, со различен капацитет и обем на работа. Сепак, како најзначен момент во мојот професионален пат би го издвоила моето доаѓање во винарската визба „Сковин“ на место главен енолог и директор на производство. Оваа позиција беше вистински предизвик за мене и ја прифатив со сите одговорности и тешкотии кои ги носеше со себе. Ме исполнува и ми овозможи да се издигнам на професионален план, да запознаам многу нови техники, нови луѓе и многу патувања.
* Каква е положбата на жените во македонската бизнис заедницата? Дали, според Вас, нивниот потенцијал е доволно препознаен?
Со оглед на тоа што имав можност многу да патувам, можам да кажам дека жените во македонската бизнис заедница се доста добро позиционарни и имаат можност да ги искажат своите професионални способности. Би се задржала на положбата на жените во винскиот бизнис во Македонија, каде што се доста доминантни. Скоро и да не постои винарска визба каде што нема жени енолози, а голем дел тие се на водечки позиции, како главни енолози. Многу пати сум наидувала на зачуденост од посетители или коминтенти од фактот што жена го води производството на вино. Меѓутоа, во Македонија тоа е некако нормално. Веројатно од фактот што жените се подобри организатори на производството и што е многу битно за оваа професија имаат поголем сензибилтет за виното.
Во прилог на ова е и фактот што многу од сопствениците на винарии им ја доверуваат оваа работа на жени енолози и ги препознаваат нивните можности во овој бизнис.
* Кој е главниот проблем со кој се соочуват жените во бизнисот?
Според мене главен проблем, ако може така да се нарече, е природата на жената. Таа е пред сѐ мајка, сопруга и мора да го најде вистинскиот баланс помеѓу домашните и професионалните обврски. Кога ќе успее во тоа, тогаш не постои проблем или пречка за да и професионално се докаже. Во секој случај, со самиот факт што сме ја одбрале оваа професија, наоѓаме начини сѐ да постигнеме.
* Со какви предизвици секојдневно се соочувате? Што Ви дава сила за да бидете комплетно успешни?
Работата што ја сакам е тоа што ми дава сила да бидам тоа што сум. Кога работите нешто со љубов, нешто што Ве исполнува тогаш сите препреки се надминуваат. Предизвици постојат секојдневно.
Најголем предизвик во оваа работа е бербата на грозје. Тоа е момент кој го чекам цела година. Во периодот на берба сум целосно посветена на грозјето и виното. Тоа е нешто што се случува еднаш во годината и за кое нема втора шанса. Тогаш се создава виното и тоа е нешто што бара целосна посветеност. Самото чувство дека создавате производ кој секоја година е различен, кој ја дефинира вашата професионалност, производ за кој ќе се зборува во годината што следи, ќе биде наградуван или критикуван, во кој луѓето ќе уживаат, прави да се чувствувам исполнето и ми дава сила да го работам ова што го работам.
* Како балансирате меѓу деловниот и приватниот живот?
Со оглед на тоа што јас сум во петтата деценија од животот, немам некои поголеми проблеми околу постигнувањето на тој баланс. Но, секако имаше моменти кога ми беше тешко да постигнам се. Разбирањето од страна на моите најблиски, сопругот и синот, ми беше и се уште ми е голема подршка во работата.
Повторно ќе ја споменам бербата на грозје, тоа е период од околу два месеца, кога воопшто не сум дома. Тогаш не постои работно време, не постојат викенди или празници. Постои само визбата и виното. Во тој период приватниот живот ми е целосно подреден на професионалниот. Но во споредба со останатите десет месеци во годината и не е нешто многу долг период.
Исто така, тука се и бројните патувања, деловни, студиски, дегустации на вино и сл. И тоа е неминовен дел од оваа професија. Морате да се дружите со луѓе, да посетувате саеми, манифестации, да видите каде се другите каде сте вие. Тоа е многу битно за надградбата на еден енолог.
Венера на дружба со колешките и со пријателките во винаријата „Камник“
* Дали во тинејџерските години имавте некои други професионални соништа?
Помалку лутав. Иако татко ми како енолог се обидуваше да ми ја пренесе таа љубов кон виното, во тинејџерските денови, како и секој друг тинјеџер, сакав да бидам нешто друго. Но после неколку дегустации на кои ме однесе и дружењето со луѓето од винскиот свет, сфатив дека ова е многу интересна работа и љубовта кон виното си дојде сама по себе.
Ми се вратија сликите кога мајка ми нé носеше мене и брат ми да го видиме татко ми во визбата, затоа што беше берба и едноставно не го гледавме дома. И мирисот на грозјето, на ферментациите е нешто што останува врежано во сеќавањето. И секогаш во време на берба тој мирис ме потсетува на детството. Изгледа уште тогаш сум била предодредена да ја работам оваа работа.
* Што Ве прави среќна? Каде ја насочувате енергијата, креативниот дух, кога не сте фокусирани на обврските?
Многу работи ме прават среќна. Ме исполнува тоа што го работам, за што сум учела и цел живот на некој начин инвестирала во себе. Виното ме прави среќна. Сé се врти околу виното. Посебно ме исполнуваат патувањата поврзани со виното, посетата на винарски визби, на други култури, запознавањето на нови колеги и најмногу од сé дружењата со нив. Тоа се посебен вид на дружења и друг свет на луѓе.
Тоа ми дава енергија да продолжам понатаму, да испробувам нешто ново, да креирам нешто ново. Правењето на вино е еден вид уметност. Ние енолозите сме посебен вид на уметници.