Од оброците за ќерката создава уметност: Кристина од Ресен има формула за деца нејадачи

Кристина Питроповска од Ресен е вистинска инспирација за мајките. Посебно за оние кои се соочуваат со деца нејадачи. Сопруга е, но и мајка на 16 годишен син и 18 месечна ќерка. За неа најважно е семејството и нивното здравје. А голем поборник е за здрава исхрана и здрави оброци за сите. 

Токму оброците кои ги подготвува за нејзината ќерка Илијана го привлекоа нашето внимание. Сервирани како вистинска уметност и постирани на социјалните мрежи да послужат како инспирација, фотографиите се воодушевувачки. Како почна приказната на 38 годишната Кристина, инспиративна до срж, ви откриваме во ова интервју а со неа ќе зборнеме и за мајчинството .

оздаваш уметност од детските оброци-како дојде до таа идеја?

Кога мојата ќерка почна да јаде цврста храна од 6 месеци, воопшто не беше заинтересирана и секој оброк ни беше приказна исполнета со молење, лажење, труд за лажиче или залак повеќе. А како на секоја мајка така и мене една од најважните работи на оваа возраст ми е детето да биде здраво, нахрането и чисто. Пробував буквално се, блендирано, пасирано, парчиња за во раче. Каснуваше по малку, но воопшто не доволно. Единствено јадеше овошје и брокула, тиквица и морков. Секој оброк завршуваше со доење. Кога после 13 -14 месеци стагнираше на килажа, а од друга страна покажуваше се поголем интерес за сликовници, приказни, дојдов до идеја дека можеби шарени и весели чинии ќе предизвикаат интерес.  И навистина успеав. Не само што почна количински повеќе да јаде, туку се разјаде и месо, јајце, леб и многу други намирници кои до тогаш воопшто не ги сакаше. Можеби за ова активно декорирање удел има и ситуацијата со вирусот моментално, поради која повеќе време сме дома и бараме занимација за децата.  


*Од каде најчесто црпиш инспирација?

Отсекогаш сум вљубеник во уметноста - особина која ја препишувам на мојот хороскопски знак вага. Но, никогаш не ме бидувало за цртање или сликање, ама ете во подготовката на оброците како да се пронајдов себеси. Често знам да ги декорирам и оброците за нас возрасните. Почнав онака од љубопитност, па увидов дека можам и дека детето се радува. Среќата ѝ како ја покажува ќерка ми кога ќе и ја дадам чинијата е моја најголема инспирација, а идеите ги црпам од сликовници, цртани, песнички, интернет ( Pinterest,instagram…) посебно групите за деца.  

*Дали децата на тој начин јадат се што ќе им подготвиш или се среќаваш со моменти на „сакам-не сакам“ ?

Илијана е дете кое кога ќе и ја поставам чинијата со оброк добивам впечаток дека се ќе изеде. Но не е така. Оброкот ни оди со приказна во врска со чинијата па среќна сум што јаде додека има приказна. Исто така мило ми е што сега јаде скоро се. Иако количински не многу, но важно прима се. Со поголемиот син сум немала никаков проблем околу послушност, особено не околу храната. Од самиот почеток на дохрана  јадеше се. И денес е така. Кај него во овие тинејџерски години се трудам да јаде здраво, па покрај оброците за малата некако успевам во тоа. Секако има денови кога не јаде, но тоа е ретко обично кога вади заби.  


*Колку време е потребно за да се направи еден креативен оброк. Сакаат ли децата да ти помагаат или тоа е само твоја задача? 

Искрено навидум на почетокот сметав дека ќе ми одзема многу време. Бев скептик дали ќе успеам во изглед и временски да постигнам. Се изненадив со мојот резултат. Најдолгиот оброк што сум го подготвила ми одзел 25 мин, а сите останати ги декорирам за 10 мин. Значи само толку плус од самата подготовка на оброкот кој секогаш внимавам да биде разновиден, богат со хранливи состојки кои истовремено ги јадат моите деца, па и ние. Претежно ги подготвувам во присуство на ќерката на која цело време и зборувам што изработувам и што користам. Таа многу сака да гледа и истовремено се труди да ги пронајде истите намирници кои ги знае во нејзината мини кујна. На овој начин со подготовката и хранењето мислам научи многу работи. На пример сега ќе го правиме/ јадеме опавчето на зајачето. Цело време зборувам и објаснувам, за што мислам дека е многу убав начин за мултитаскинг- запознавање со храната, нејзиниот изглед,боја и текстура, учење предмети, развивање на говорот, интеракција…  

Сопругот е повеќе отсутен поради работни обврски, но често знае да донесе интересни намирници, а синот често ми дава идеи и сугестии.  


*Мајките се воодушевени од секоја твоја постирана фотографија-претставува ли за тебе тоа мотив плус да споделуваш идеи со други?

Секако дека ми значат коментарите на моите колешки по мајчинство (ако можам така да ги наречам) и ми се мотив плус, бидејќи среќна сум ако моите идеи и споделувања и помогнат на некоја мајка која се нашла во мојата ситуација со пребирливо дете-нејадач. За таа цел отворив и мој Инстаграм профил polno mese zdrava hrana каде може да ги гледаат сите мои креации.  

*Мислиш ли дека денешните мајки многу се потресуваат околу исхраната на децата. Често се водат од табели, дали можеш да ни направиш споредба од твојот личен пример?

Не мислам туку тврдам. Од лично искуство. Тоа го препишувам на големата информирност од социјалните мрежи и општо интернетот.  

Секоја мајка го сака најдоброто за своето дете. И кога нешто знаеш секако сакаш да го примениш повторно за доброто на тоа дете. Не гледам некоја лоша страна на тоа потресување, напротив со тоа мајките повеќе се едуцираат, поминуваат повеќе време со своите малечки. Само да не биде претерано. Синот израсна многу поразлично од ова дете за кој совети добивав само од педијатар и некое списание. Сега е поинаку во секој поглед. Децата ќе израснат на секој начин, но го избираме начинот кој сметаме дека во моментот е најправилен и најоправдан за нив.  


*Се промени ли нешто во твоите сфаќања пред 16 години и сега, ако знаеме дека си мајка на 16 годишно момче и 18 месечна ќерка?

Секако. Созреав и јас со растењето на синот. Научив многу работи кои многу ми помогнаа во растењето на второто дете. Научив дека дете не се гледа по книга. Самото дете кажува што и како му треба. Моите две деца од исти родители сосема различно растат и се различни карактери. Од 2005 до денес се променети многу работи во светот и кај нас, како и ние самите. Нешто што сум го нудела на синот сега го избегнувам кај ќерката. На пример нудење шеќери без потреба како благо и сокови, давање млеко преку ноќта... Не дека е престап ако некоја мајка дава, но ете така сметам поради последиците од истите, за кои имам читано.  


*Ако знаеме дека разликата меѓу вашите дечиња е голема и тие се во различни возрасни периоди, како се снаоѓате со тоа, дали е поголема грижата околу малото или тинејџерот ?

Старите рекле „Поголеми деца, поголеми грижи” што јас потполно ја подржувам мислата. Додека е мало детето сметаме дека грижата е најголема. Обврските да, но грижата се зголемува со нивното растење. Да се биде мајка на бебе и мало дете е 24/7 посветеност. Но најголема грижа е дали е јадено, чисто, здраво и внимаваме да не се повреди. А да се биде родител на дете-тинејџер, навистина е предизвик и повлекува голема грижа. Покрај обврските како храна, облека, внимание, тинејџерот бара огромна посветеност, многу зборување, блискост во време кога детето добива крилја и се оддалечува од нас родителите. Но, секое време си има свои убавини и периоди кои поминуваат, па затоа искрено со сопругот уживаме во нив.  

Инаку лесно се снаоѓаме во нивните различни возрасни периоди. Многу убаво на сите ни дојде новиот член, промена и освежување, а за тоа голем удел има и зрелоста на синот и неговата огромна желба за сестра.  


*Што претставува за тебе мајчинството. Како мајка која има поголемо искуство што ги советуваш денешните мајки?

Мајчинството за мене е дар од Бога. Период кој почнува со раѓањето на своето чедо и трае вечно. Нешто што не се опишува туку само се доживува. Мој совет е „Бидејќи  растат со брзина на светлината-љубете ги своите деца во секоја секунда и стотинка бидејќи тоа што прават и се денес, нема да бидат утре. Оставете се кога ве бараат, играјте, пеејте, плачете со нив колку да изгледа тешко, но верувајте тоа е најубавиот период, кога сеуште ви подаваат раче да ги држите.“

Најбезгрижен период за родителите е кога децата се со нив и кога рано навечер ја заклучуваш последен вратата знаејќи дека тие се дома. 


*Кој е најдрагоцениот совет кој сте го добиле за родителството и децата?

Во текот на животот, посебно мајчинството, добивам многу совети, нечии животни  искуства. Највреден од сите ми е оној за љубовта кон децата. Децата љуби ги со срцето, подари им патоказ да станат луѓе со вистински вредности. На децата им требаат родители, љубов и разбирање, а тоа се постигнува само со давање на личен пример, бидејќи децата се огледало на родителите.  

Една поговорка често ми се мота низ главата.”На децата дајте им крилја и корени, да се осамостојат, но и да знаат од каде потекнуваат”.


*Дали покрај сите обврски наоѓаш време за себе? 

Секако. Кога се сака, сè се може. Под “време за себе” подразбирам да имам време да правам нешто што ме исполнува. Токму ова декорирање е време за мене. Покрај тоа и обврските секако се наоѓа време за прошетки со фамилијата, читање книги, дружење колку што дозволува ситуацијата.  

*Кое е вашето животно мото

Јас сум непоправлив оптимист кој секогаш гледа на позитивната- розевата страна на животот. Јас во мракот ја гледам само светлината колку минијатурна и да е. И фала му на Бог до сега сè ни дава што треба. Оваа позитива се трудам да ја пренесам на моите деца, а сметам дека синот веќе ја има наследено. Затоа моето мото е  - “животот ти е таков каква што ти е мислата”. 


Ирена С.

Фото: Приватна архива