Од внатре кон надвор

Добивај вести на Viber

Не постои здрава единка. Не постои еден некој на планетава кој не е оштетен од своето минато. Постојат само оние кои стануваат свесни за таа нивна оштетеност и работат на тоа како да се подобрат. Процесот е бесконечен, како оробурн што си ја гризе опашката, нема почеток и нема крај. Има само свесност за состојба, емоција, дадена ситуација и реакција на сопствена одлука. И одлука да се бориш за себе.

Јас сум многу оштетен човек. Сфатете ги колумниве како едно пишано реалити шоу, каде свесно влегувам во оган по цена да прегорам со една и единствена цел, да им покажам на сите млади девојки дека совршенство не постои исто како што не постои страв. Не се плашам, сфатив дека сум феникс, секој пат се раѓам одново се појака и појака. Психологот ми вели дека имам живеено десет животи во еден, а јас знам дека носам планина на грб. Да девојки, одам на психолог и нема ништо страшно во тоа. Не бирам бајачка за да подврзе конче или од икона да ми го бара спасот, астролог кој ќе ми ги предвиди милионите и ќе ми каже со која ме варал, не бирам пријатели со рок на траење за да ми ги решаваат проблемите на душата, иако сите опции ги пројдов по мој избор, туку свесно бирам едуциран и образован медицински човек кој ќе ги решава енигмите во мозочните лавиринтски вијуги. Кога те боли заб одиш на забар, кога си здебелен одиш во теретана да вежбаш, кога те боли душа одиш на психолог. И цела наша болка, на секоја од нас, се што трули и скапува од внатре, се гледа надвор. Секој одраз во огледало ја кажува вистината што не сакаме ниту да ја видиме, ниту да ја чуеме. Не учат да молчиме векови наназад, генетски сме чипирани да наведнуваме глава пред вистината. Мајките со цел да не заштитат, не стишуваа цел живот, не учеа да бидеме тивки, да му се покориме на партнерот, да ги пикаме проблемите под килим, ќе помине бре не му давај на значај, аман замижи мора ли толку да збориш, ти па секогаш мора да бунтуваш нешто, Ќути си бре не е толку страшно како што го правиш дека е, трпи малку. Резултатот е покорна генерација на жени кои молчат, млади девојки кои се раѓаат само со цел да се омажат за ситуиран маж и да родат без никаква амбиција за интелектуална себе надградба, девојки кои за empowerment и женска поддршка изиграваат локални користољубиви кучки и уфилмано мислат дека газат се пред себе а единствено што добиваат за возврат е празна душа, енергетски колапс на сопственото битие и стануваат едно големо ништо, марионета за приказ на социјални медиуми. Манипулацијата на современото општество над сите нас е лагата дека сме во 21 век, дека сме ориентирани кон иднината. А во исто време се бориме за права на жени, раси, етничка припадност, мутирани неправди над единки и заедници и лаги, еден тон современи лаги. Единствено нешто современо во моментов на светско ниво е минатото, корените на потеклото, идентитетот  и човечноста. Во тоа СЕ прифаќање, во овој општ хаос и безредие, единствено валидно нешто вредно за пиедестал е подадена рака. И само и единствено заради тоа, со мој пример како не треба, јас ќе подадам рака на секоја од вас што ја боли, што се плаши, што е сама, што е кревка и ранлива а мора да глуми јака за да преживее, што се губи во современово лудило на погрешни постулати. Јас не знам како треба, цел живот го барам моето икигаи (причина за која се будиш наутро). Никој мене не ми покажа како треба и никој не е должен да го направи тоа. Затоа што во борбата за индивидуализам, се претопивме во маса. Станавме една материја на системски наметнати правила за живот, по туѓи критериуми за тоа што е морално добро и исправно без трошка хуманост во себе. Секоја од нас е различна, секоја од нас е посебна, секоја од нас има свои убави и неубави особини, секоја од нас за еден некој ќе биде најубава а за друг не, и тоа е сосема во ред. Во оној момент кога ќе го сфатиш тоа, дека си посебна, сама, една и единствена за себе, и само и единствено сама на себе треба да си се допаднеш, во тој момент и ти се раѓаш одново. И во тој момент и ти стануваш феникс, свесна си дека имаш простор да растеш и да се развиваш како човек и да не се плашиш да живееш. Во овој момент, во светски zeitgeist на пропагирање на социјална дистанца комплетно погрешно именувана и протолкувана, ни треба љубов, си требаме еден на друг.

За таа цел заедно со екипата на Женски Магазин и по иницијатива на девојките од Бјутибокс Коко, ги покануваме првите четири девојки да станат дел од пилот проектот во време траење од еден месец, каде секој вторник од 19 до 22 часот ќе поминеме еден процес на индивидуален третман на секоја од вас, од внатре кон надвор. Ќе се учиме како се споделува, ќе се бориме со лични стравови заедно, ќе вежбаме заедно, ќе читаме заедно, ќе работиме на секоја од нас поединечно, заедно. Секоја од вас што станува свесна за себе, што го сака животот, што знае дека секое следно утро започнува поинаку и ништо не е вечно е добредојдена да биде дел од првата група на жени кои не сакаат повеќе да молчат и наместо со трачарење, проблемите ќе си ги решаваат со дела и дејствија, со работа на себе. Првите 4 девојки што ќе се пријават на коментар на постовите кај Женски Магазин со употреба на хаштагот #одвнатреконнадвор ќе бидат дел од заедничкото патување кон себе развој.

Јас не знам како треба мили мои, уште учам. Ќе учам додека сум жива веројатно. Но заедно со вас ќе е полесно, ќе учам и јас од вас, ќе си укажеме на грешките, на моменталната глупавост, на чекорите кои не сопнуваат и ќе ја претвориме нашата реалност во вистина. Без да затвораме очи, ќе се соочиме со нашите најголеми стравови, со цел да ги победиме овој пат. А јас ќе бидам гласна и за себе и за вас, за се тоа што се обидува да не напраави помали од нашата вистинска величина. Вие ќе ми помогнете во тоа, вие ќе бидете мојот глас.

Јас сум Ивана Кнез, јас заради вас.
Намасте.