Одлучив да бидам борец: Ребека отвори специјална просторија за деца со попреченост

Добивај вести на Viber

Здружението „Дајте ли крилја“, чиј основач е пејачката Ребека, отвори просторија за вежбање и одмор за учениците со попреченост, во ООУ Димо Хаџи Димов“, во Влае.

Станува збор за првата сензорна соба, просторија која ќе го олесни престојот и воспитно - образовниот процес на учениците со попреченост. Опремена е со посебни реквизити, сензорни светла, прилагодени материјали и мебел.

Ребека со градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев

„ Потребата за создавање на ваква училница е неминовен дел од инклузивниот процес, кој во училиштата започна да се реализира од неодамна. Идејата и иницијативата е на Здружението на граѓани за лица со дисфункции,хендикеп,ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“, а за реализација на истата наидовме на огромно разбирање од Општина Карпош и градоначалникот Стефан Богоев“, изјави Ребека.

Оваа не е прва ваква акција на пејачката во рамките на здружението. 

Ребека и нејзиниот тим, на децата од здружението во март им овозможија музикотерапија, во музичкото училиште „Пијанофорте“. Таму се организираше терапија со музички сесии за децата еднаш во неделата. Ребека ни раскажа дека борбата со болеста на нејзиниот син Маркијан, туберна склероза, кој прозборел токму со музика, ѝ била инспирација за овој чекор.

„ Одлучив да бидам борец и да не ги прифаќам мислењата дека Маркијан нема да може да трча, да зборува, да вози велосипед. Верував во мојот малечок херој и во Бога. Еден ден ми се јави еден доктор по квантна медицина, и ми предложи да влеземе во една руска студија за нова метода на лекување со звук и со музика преку информација од ДНК. Јас постојано му пеев и му пуштав музика. Почнав да му се обраќам со пеење и со обични предлози од типот: „Ајде да одиме надвор“, или: „Сега ќе јадеме“ ги отпејував. Пред да наполни четири години и десет месеци бевме и во манастирот Свети Василије Острошки во Црна Гора. На враќање во автомобил, за прв пат кажа ДА. Потврдно одговори на прашање и рече мама“, додаде пејачката. (М.Џ.)