Огласи за откуп на коса: Дали за донирање на болни од рак или да се заработат плус пари?
Одвреме навреме на јавни места низ градовите се појавуваат огласи за откуп на коса, со детални контакт информации за фризерските салони каде може да се јават заинтересираните.
Ги прашавме фризерите дали има интерес и дали македонските жени се заинтересирани за откуп на коса. Димче Ивановски, претседател на Македонската фризерска асоцијација вели дека сега во Битола јавно има истакнатно огласи за откуп на коса. Објаснува дека дел од жените прашуваат како и каде можат да ја продадат косата, но, притоа постојат и услови кои треба да ги исполнуваат.
„Потребно е косата да биде долга, квалитетна, некаде околу 50 до 55 сантиметри, да не е третирана, или оштетена. Косата се продава според грамажата, но зависи и од густината и должината за каква коса се работи. Понатаму, таа коса се третира со специјални шампони за да може да се употреби за надградби, или перики“, вели Ивановски.
Тој раскажува дека косата која се користи за производство на перики и изработка на надградби, главно доаѓа од Индија и Кина, а многу поретко од европскиот пазар. Само дел од фризерските салони практикуваат да откупуваат коса.
„Доаѓаат жени кои прашуваат, но ние не откупуваме коса и оние кои сакаат да ја продадат својата коса одат во Скопје, или пак бараат податоци на интернет каде можат да ја продадат косата“, објаснуваат од фризерски салон во Битола.
И во Прилеп периодов има огласи за откуп на коса.„Забележав дека низ градот има огласи. Буквално се залепени на бандери, на места каде луѓето можат да ги забележат. Јас сум имала прилика да се занимавам со таа работа, но не сакав, а и денес младите немаат долги коси како порано, туку доминира средната должина, косите ги потстрижуваат редовно, и тоа нема ефект. Лично, мојата коса не би ја продала, а знам дека порано се бараа коси со должина над 30 сантиметри, што значи за да косата ја постигне таа должина треба да не се пострижува 3 години“, раскажува фризерка од Прилеп.
Дел од фризерите велат дека поединци се обидуваат да ја продадат својата коса со цел да дојдат до некој денар плус како приход, но има и такви кои својата коса ја донираат за болните од канцер.
Сања А.Симона од Скопје ја потстрижа долгата коса: Ќе ја донирам за изработка на перики за болните дечиња од рак