ОПРАВДУВАЊА И ШАНСИ
Тој ден се породив. Лежам во болница. Донесете ми книга за читање ве молам, им велам на моите најблиски. Во раце ми паѓа Толстој: „Како ќе станете подобар човек, ако мислите дека сте најдобар?“ Некои пораки стигнуваат во вистинскиот момент, си помислувам. Веројатно за да нè охрабрат во она што сакаме да го направиме, додека се колебаме дали е добар „тајминг“. Хм, постои ли нешто како добро и лошо време? Постои желба која треба да се трансформира во цел – стабилно посакувана состојба, мерлива, специфична и временски одредена. Се разбира, и малку волја човек да излезе од својата комфорна зона. Од тој ден имав уште поголем мотив да работам на себе. Родив дете. Одговорна сум за уште едно човечко суштество. Љубовта е одговорност! Како? На кој начин? - се прашав.
Филозофијата на Сократ - „Знам, дека ништо не знам“ отсекогаш ми била блиска, па, да учам нешто сосема ново на триесет и кусур години не ми претставуваше проблем, туку предизвик. Отвореноста кон нови знаења е единствениот начин да се помрднеме од зачмаената позиција на „статус кво“ и да се заложиме за eдукација која од нас може да направи поквалитетни луѓе. Повеќе подобри луѓе, подобар свет!
А каква врска има раѓањето дете? Има. Има врска со желбата да се трудам да бидам најдобрата верзија на себе, не само заради себе, туку и за релациjaта и комуникацијата со своето дете. Кога на ова се надоврза мојата непримарна професија – едукаторка по комуникациски вештини, јавно говорењ е и лидерство, почувствував дека треба да бидам подобра и за клиентите и за заедницата генерално. Не се помирувам идеалистичката диоптрија за подобро општество да им ја оставиме во рацете на политичарите или пак на бизнис елитата, туку „се кладам“ на одговорниот граѓанин. На секој еден од нас! Промената почнува од себе...
И бидејќи силно верувам дека светот ќе се промени тогаш кога ќе се промениме ние самите, немав дилема дали сакам да работам на своето усовршување. Одлуката ја донесов лесно. Почнав да се интересирам за коучинг и невролингвистичко програмирање. Но, како тазе мајка го немав „луксузот време“ да почнам да ја учам оваа светски призната комуникациска методологија, иако знаев дека ќе ми биде инкубатор за нови знаења и вештини. Не се работеше за оправдувања, ниту пак сакав да се ставам себе си во позиција на жртва, навистина не сум човек што сака да „кукумјавка“, но прашувајќи се што ми е најважно во тој миг одлучив дека на коучингот и НЛП-то времето ќе му дојде понатаму во животот. Мајчинството не ме лимитираше, само ги помести приоритетите на мојата временска линија. А поставувањето приоритети во животот е важно за управување со сопственото време. Добриот “time-menagеment“ создава задоволни и среќни луѓе.
Поминаа две години по моето породување. Жарчето си тлееше. Пепелта на времето не ги згаснува работите кон кои чувствуваме страст. Во 2018 година почнав поинтензивно да држам обуки за комуникациски вештини, јавно говорење, медиумска писменост, креативно пишување, лидерство... или под еден чадор – обуки за личен и професионален развој. Не можете да едуцирате други луѓе, а вие да стоите во место. Во оваа стапица паѓаат голем број учители. Контактот со различни профили на луѓе повторно ја роди желбата да почнам и јас да учам нешто ново. Конечно се охрабрив дека влегувам во авантурата НЛП, не НЛО како што ја нарекуваа моите пријатели (се смее), заради хуморот кој е катализатор на најчистото во нас, а не од скепса или простотилук. Невролингвистичкото програмирање е методологија која ја проучува комуникцијата во релација со мозокот, јазикот и нашето (програмирано) однесување.
На новинарско чепкало како мене не му беше тешко да дојде до вистинското место, до едукативната развојна платформа „Сенсум - Тренинг и Коучинг“. Сепак, нивното одлично професионално био не беше пресудно за мојата одлука. Пресуден беше моментот кога прв пат ја запознав Зорица. Жена светилник. Редок фенер во македонското општество. Човек флексибилен колку опашката на змијата. Успешна, спиритуална и непретенциозна. Тренер од кого можеш да учиш без да ти го згрутчи сопствениот извор! Ова е особено важно бидејќи неограничениот потенцијал што го поседуваме може да се ослободи кога веруваме, кога сме опуштени и страсни. На таа прва средба успеав да ја видам разликата која прави разлика. Станував пољубопитна и се запишав на курсот. Тоа подразбираше голем број на часови, книги, материјали, сончеви викенди поминати на тренинзи наместо во шетање... година ипол курс - интересен процес на учење и ментално растење. Истиот толку многу ми го разбуди фенерот за учење, што набрзо потоа се впуштив во уште една сериозна научна авантура, овој пат на Културолошките студии на Институтот за македонска литература. Ова го споделувам затоа што сметам дека е важно одвреме навреме да се будиме себе си од зимскиот сон на нашето знаење и веќе востоличената професионална позиција. Да пуштиме нови ветришта во нашата ментална ветерница.
Но, да се вратам на НЛП-то... Како комуницираме е она што останува како трага зад нас. Комуникацијата е многу повеќе од вербализирање на зборови. Таа е создавање на релации со луѓето. Создавање на искуства што се паметат. Всушност секое наше однесување е комуникација која настанува како резултат на внатрешните мисловни и емоционални процеси. Сè повеќе почна да ме интересира процесот како да моделирам подобри и поуспешни луѓе…
Луѓето се суштества од навики. А „мајндсетот“ на кој сме наштелувани, или начинот на размислување, често ги определува нашите резултати. За жал, најголемиот процент од луѓето живеат и работат по инерција. Живот по линија на помал отпор. На некои им е потешко да кренат рачна за работите со кои не се согласуваат. Но, оправдувањата секогаш ќе бидат тука, шансите нема! Овие сознанија ме направија сетилно посвесна, би рекла „опулена“ за луѓето околу мене кои не се задоволни од позицијата каде што се наоѓаат, и иако не си го сакаат животот таков каков што им е, сепак тешко носат одлуки за промена, заглавени во гласот на сомнежот. Таквата животна филозофија во која стравовите нè контролираат, продуцираат фрустрирани луѓе на кои лошото им е постојано пред очи во сите можни сценарија и бои – на работа, дома, со љубовниците, во политиката...
И што е уште пострашно, токму таквите луѓе себе си се сметаат за жртва. Другите им се секогаш виновници и несвесно играат на принципот на емотивни уцени. А вината е една од најдеструктивните емоции. Генерализираат, стереотипизираат, извртуваат или би рекла - светот го интерпретираат исклучиво преку сопствената кусогледа диоптрија. Кога на првата обука ја слушнав метафората на полскиот филозоф Алфред Корзибски: „Мапата не е територија“, ми олесна на повеќе начини. Си го потврдив она што одамна го мислев во различни проблематични или конфликтни ситуации, а тоа е дека нашата перцепција и реалноста се две различни работи. Немав дилема дали треба да го потрошам животот правејќи работи кои не ме прават среќна. Свртив нов лист. Ги изострив сетилата. Почнав повеќе да слушам. А, да се слушне внатрешниот процес на соговорникот, неговите вредности, сеќавања, верувања... и да се влезе во чевлите на другиот за мене е најголемата човечка доблест.
Денес, после сите тие обуки, полесно успевам да го фатам ритамот на дишење на луѓето со кои ми е важно да воспоставам усогласеност за потоа да можам да влијаам за промени. Без разлика дали станува за индивидуална работа со клиенти, групни бизнис тренинзи или, пак, најважното – комуникацијата со најблиските. При тоа, не заборавам најмногу да работам на себе! Понекогаш се претворам во “мал марсовец“, го освестувам внатрешниот критичар и го зајакнувам внатрешниот дијалог. Се обидувам да бидам свесна за комуникацијата со мојот несвесен ум. Потсвеста е најдлабокиот подрум кој бара „пролетно чистење“ (се смее).
Конечно, сè повеќе сфаќам дека прифаќањето ослободува, па со луѓето се обидувам да најдам „планини на сличности“, наместо „трошки разлики“. Поставувам прецизни прашања, за да добијам прецизни одговори. За полесно да дојдам до сржта на проблемот. На крајот на краиштата животот се врти околу нашата среќа. А, за да бидеш среќна треба да си слободна. Слободна да прашаш, слободна да побараш помош, слободна постојано да учиш нешто ново. Изборот е слобода! Колку повеќе избори имаме, толку ни е побогата сликата за светот. Онака како што вели Ричард Бендлер: „Ако имате само еден избор во однесувањето, вие сте робот! Ако имате два, ќе запаѓате во амбиваленции. А, ако имате три – вие сте слободен човек“!
Проширете ги вашите избори! Охрабрете се секој ден да научите и да искусите нешто ново!
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој