Ослабена, и подготвена за нова љубов: Искрено со Маја Саздановска
Маја Саздановска, едeн од најпечатливите и најтоплите женски вокали на нашата музичка сцена, иако долго време активно не пее на естрадата, е врзана со музиката секој ден. Маја, заедно со Јуле е редовен придружен вокал на Калиопи насекаде низ регионот, а како стручен соработник-организатор во операта, музиката е и понатаму нејзиниот живот. А и логично е кога потекнува од музичко семејство, Славе Димитров и Виолета Томовска се само еден дел од него. Девојчето кое пееше во „Светот на бајките“, денес се грижи за своето девојче, деветгодишната Срна. Иако приватно, последнава деценија не живееше во бајка, откако ненадејно го загуби сопругот кога Срна беше бебе, Маја вели дека нејзината девиза е да гледа само напред. За честитање е нејзината упорност и мотивација која ѝ помогна изминатиов период драстично да ослабе, и тоа како што вели без мерење на вага. Маја во ова искрено интервју зборува за својата голема промена, а открива и дека е подготвена за нова љубов.
* Маја е нова личност, велат многумина кога ќе видат твоја слика на социјалните мрежи, што велат блиските и оние со кои одамна не си се видела за оваа твоја трансформација?
- Супер се реакциите генерално на сите, изненадувањето постои и да бидеме искрени, на кој тоа не му годи. Секој кој има желба за промена, секако дека прашуваат како се случила промената, но генерално ја поздравуваат!
* Колку килограми симна, колку време ти требаше да се ослободиш од нив?
- Искрено за прв пат во животот, килограмите не ми се важни, не беа мотивација, ниту пак крајна цел. Само еден ден станав и почнав да вежбам, на почеток трагајќи поконкретно низ различни физички активности, дури да најдам што ќе ми одговара мене и на мојот начин на живот и работа. И тој процес беше забавен и мотивирачки, што ми помогна да сфатам колку е битна мотивација. Точно веке не ни знам колку килограми се, бидејќи тоа не ме интересира, јас сум премерувана цел живот и вага на пример дома немам, но според облеката се повеќе од 15-тина килограми.
* Во нашиот претходен разговор спомена дека си ослабела со помош на вежбите и исхраната на Елена Бубало, на што се базира таа исхрана- режим?
- Убавината на работата со Бубало е пред се главен акцент на ЕДУКАЦИЈА, Елена несебично од првата средба – не само со мене, со било кој , се фокусира на едукација, дали било околу вежбањето, концептот на часовите, исхраната- сè е сведено на темелна едукација. Исхраната се состои од тоа да те научи и запознае со храната како гориво и енергија на целото тело, правилна комбинација и изнајдување на секакви решенија на секој предизвик.
* Колку надворешната промена те промени и внатрешно?
- Ух... воопшто не ме промени. Јас сум таа која што сум, истата која сум била и со тие плус 15 килограми а и сега... никогаш не ме дефинирал надворешниот изглед.
* По слабеењето, најтешко е одржувањето на линијата, како ти оди на тебе?
- Јас сè уште вежбам со истиот интензитет од самиот почеток, мотивирана и со мали цели кои си ги остварувам секогаш кога ќе си замислам дека треба и дека можам. Уживам во сопствената трансформација која ја гледам за првпат, и сето тоа е доволна мотивација за одржување и целокупниот процес да е спокоен и да тече. Најважно ми е што сето ова не ми прави никакво отстапување од секојдневниот начин на живот и она што сум јас во суштина, затоа и е прекрасно.
* Работиш во Националната опера и балет, како ти е на работа, што се точно твоите обврски во оваа институција?
- Јас сум стручен соработник-организатор во операта. Имам работа која ми одговара целосно на карактерот, работам со најголемите ансамбли во куќата, и ја имам честа за контакт со надворешните соработници и уметници. Мојата работа е динамична, исполнета со многу контакти, предизвици и одговорност, уметност и музика – и мислам дека подобро не можеше да биде.
* Средбата со Јован Јованов кој пред неколку месеци беше дојден од Канада, ме потсети на времето кога често настапуваше на фестивалите, на времето кога поинтензивно беше присутна на естрадата? Ти фали ли тоа време, би сакала ли повторно да снимиш твоја песна?
- Средбата со Јован ме потсети на тоа колку се сакаме, колку многу љубов има помеѓу нас, и колку искрено сме се дружеле, и затоа сите работи кои сме ги правеле сè уште траат и предизвикуваат убави емоции. Искрена да бидам, ништо не ми фали од тоа време, само сум многу среќна и благодарна што сум имала можност да правам уметност тогаш и со тие луѓе. Благословена!!!!
* Посветена мајка си на Срна, колку години има, какво дете е?
- Срна има 9 години, заврши 4-то одделение. Таа е едно толку забавно дете, полно со автентичен хумор, снаодлива и премногу паметна. Таа е мојата мотивација за сè во животот и моја најголема среќа.
* За каква мајка се сметаш, има ли одредени правила во вашиот дом до кои Срна се придржува?
* Ахахах, Срна ќе треба да ја прашате за ова, јас само сакам да биде среќна, и ние двете сè правиме во тој правец. Јас верувам дека децата кои гледаат и доживуваат љубов, среќа и радост во сопствениот дом и во опкружувањето, истото ќе го проектираат и надвор. Да, строга сум и добра сум и имам правила, и немам.... сè во едно сум! И мајка и татко. (се смее)
* Терминот самохрана мајка за некои жени е тежок за прифаќање, како ти успеа да ја израснеш Срна со оглед на тоа дека сопругот го загуби кога таа беше бебе?
- Патот беше турбулентен, на момети премногу тежок, но со поддршката од семејството , нивното разбирање и неизмерна љубов, еве нè!
* Делуваш како многу храбра жена, личност која не сака да се жали јавно. Многу ретко јавно имаш раскажувано за загубата на Саша. Имаше ли слабости во тој период, кога мислеше дека нема да успееш да стоиш цврсто на нозете, како се издигна над тоа?
- Секој ден е предизвик, секој ден е борба со сам себе, претпоставувам дека тоа е така и кај оние кои имаат и по двајца родители во својата приказна, но – многу жалење на никому не му донело ништо добро. Јас имам една девиза, а таа е патот е само право, назад не се вртиме, чекориме гордо и истрајно на својот сопствен пат.
* Дали сега се чувствуваш подготвена за партнер со кој ќе го делиш животот, постои ли некој кој го освои твоето срце?
- Хахахаххах да да!!! Кој си става трн во здрава нога, хахаха, да сме живи и здрави, здравје само – сè друго само ќе си доаѓа.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива