Откако сè ќе мине

Не знам кој ден во изолација, деновите наликуваат едни на други. Надвор веќе почнува да се стоплува, дефинитивно пролетта на голема врата се спрема да влезе. Улиците празни, за среќа стануваме се’ повеќе и повеќе дисциплинирани. Имам надеж дека сето ова полека ќе помине и дека ќе се извлечеме од ова лудило кое го зафати светот. Дали ќе научиме нешто, дали ќе се смениме во начинот на размислување, тоа не знам. Ама знам дека веќе ништо нема да биде исто како досега. Сега уште повеќе ги вреднувам оние работи за кои секој понеделник си правам муабет со вас, слободата, љубовта, мирот.

Така, деновиве размислувам што се’ имам пропуштено низ годиниве. Колку се имам затворено во себе и дека тој затвор кој сама себе сум си го наметнала бил само хир кој сега (оти нели така мора) ми пречи. Баш деновиве правев муабет со неколкумина мои блиски кои ме прашаа што потоа? Еве, ова ќе мине, исто како што минува се’...и арно и лошо. И сфатив дека имам еден куп работи кои сакам да ги правам. Се смеев со еден пријател кој на прашањето кои се 5-те работи кои ќе ги направи после изолацијава, ми наброи 5 кафеани во кои ќе појде.

Кои се моите 5 нешта кои ќе ги направам после коронава?

1.  Излегување со ќерка ми, која секој ден прашува “а денес ќе заврши ли ова”? Излегувањето нормално дека ќе е пропратено со шопинг, во кој ќе се лутиме и расправаме дека ајфон не е за деца, дека девојчиња од скоро 14 не ја фарбаат косата (за ова се мислам, ама само долниот дел од косата колку да и’ мине меракот), па секако со мое препотување пред гардеробата додека таа како принцеза ќе ми подава едно по едно парче облека и со строг глас ќе вика “не ова, донеси ми го она другото”, а јас ќе акам низ продавницата со измачен лик, обидувајќи се да се сетам и да погодам на што мислела.

2.  Ќе испешачам еден огромен круг со моите, кои на свои 71 имаат повеќе кондиција од мене и да, ќе седнеме некаде да се печиме на сонце и да си тераме неврзан муабет во кој малку ќе се смееме, малку ќе се конфронтираме.

3.  Фамозниот ручек со Биба, кој секогаш трае со саати, заоѓање од смеење и муабети кои ме држат со денови да ми седи насмевката на лице. Никој, ама баш никој нема толку заразна насмевка ко неа. И секако, правење планови за нови песни, албум, па повторно смеење, па раскажување за симпатиите.

4.  Седнување надвор сама со лаптоп за да си ги средам песните, колумните и уште еден куп други проекти кои сакам да ги направам. Со ова темпо, ко шо ми се гледа на почетокот на есента пак ќе се собираме за да прославиме нова книга, а во меѓувреме се надевам и на нешто друго, ново.

5.  Наоѓање симпатија за озбилно или во превод, да престанам да се понашам ко никој на светов да не ми треба оти можам се’ сама. И можам, ама не сакам повеќе.

Во изолацијава научив и многу работи за себе кои не сум имала време, односно, да бидам искрена, толку си го подредив животот ко на лента, што не сум сакала да мислам на некои работи. Сакам да излезам од својот кафез во кој минав години, ако не и 2 децении. Многу повеќе ми требаат луѓе, гужви, смеење, муабет. Или ко што и’ реков на Биба “после ова нема да излезам од кафичи и кафеани”, на што добив кикотење по телефон, а можев и фацата да и’ ја замислам.

Но, сепак мислам дека токму ова време, вака минато по дома, на сите нас ни беше добредојдено за да сопреме малку и да сфатиме оти не сме бесмртни, не сме самодоволни, не сме создадени за секој да е сам со себе и толку. Мислам дека убаво ни дојде сознанието дека секој ден е дар кој не е за занемарување, дека грижата за себе не е доволна ако ја исклучува и онаа кон другите. Добивме шамар од природата, од планетата. Добивме еден таков убав удар што ќе сме навистина глупави да не го запаметиме и да не ја смениме шемата на однесување.

А функционира освестувањето. Еве, токму завчера (сабота), бев до еден маркет да испазарам. Часот беше 10 и нешто наутро. Сите дисциплинирано си го чекаме редот за да влеземе, без мрчење, без нервоза. Во меѓувреме доаѓа една повозрасна жена и како по договор сите ја пуштивме пред нас, оти нели, пензионерите имаат право да се движат до 11 часот наутро. Ги немаше вообичаените замерки, па коментирање. Напротив, сите имавме разбирање. Ете, токму тој момент ми беше убав на душава. Штета што го учиме тоа на потешкиот начин, со страв и рестриктивно излегување, но сепак го учиме.

И повторно доаѓам до она за кое цел живот зборувам. Нема случајности, никогаш и за ништо. Се’ се случува со причина. Можеби и ова што му се случи на светов е причина за да излеземе подобри луѓе, посовесни, поодговорни. И да, откако видов што е вистинска изолација, не мислам дека повторно доброволно ќе си ја продолжам после коронава. Ќе бидам секако поприсутна во својот сопствен живот и ќе ја имам интеракцијата со сите вас на поинаков, подобар, поубав начин. Повеќе ќе бидам тука за да се дружиме преку кафе, читања, муабети. Сега е времето да се нурнеме во себе и да видиме каде сами сме се сопнувале и зошто. Да ги залечиме старите болки, да земеме нови предизвици, да станеме поубави луѓе.

Имам задача за вас. Оваа недела, во петок ќе имаме една меѓуколумна која ќе ги содржи вашите 5 работи кои ќе ги направите после изолацијава. До среда навечер имате време да ми пишете во инбокс, да кажете дали сакате да бидете објавени со полно име и презиме или само иницијали. Споделете со мене, токму вака како што споделив и јас со вас.

Да видиме до кај сме, што сакаме, што ни недостига или ни недостасувало, а не сме знаеле.

До петок, кога ќе се читаме повторно со наслов “Понеделничко-петочки муабет”, да се чувате, да внимавате на себе оти им требате не само на најблиските. Да се чуваме и едни за други, оти чоек сам не го бива. Ве љубам, да имаме мирна недела и да имаме повеќе причини за насмевка неделава. Бидете ми живи и здрави, се читаме тука, во петок. Да си поприкажеме и насмееме.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ако на чоека немаш нешто убо да му кажиш
Молчи си пиле и не си ја погани устата
Оти чоек сам знај за шо арен не е
И не му треба твојот отров за да го дотепа
Кажи му ја убајната во него
Погали му ја со збор душата
Јазикот да ти биди ко да си го гушнал
Со милост во очите кажи му збор-два
Ама убај да се
Да бидат миризливи ко на доенче здивот
И чисти ко детска игра
Нека бидат невини ко млада невеста
И мудри ко стар чоек
Гали го чоек
Кажи му го убото во него
Оти некогаш оќоруваме
Некогаш, ете така низ животот ослепуваме
Та сами себе не можиме да се видиме
И троа лоши стануваме
Троа полни нетрпение и нервоза
Пиле
На таквите луѓа нешто убо да им кажиш
Оти подзаборајле
Та потсети ги на чоештината
Покажи им ја љубовта
Во твоите очи себе да се видат како во огледало
За да можат да се засакаат
За да можат глата да ја кренат
Над сите јадови да се исправат
И чекорот посигурен да им е
Да знаат оти сами не се
Оти уште некој љубов во срцето за нив има
И ќе видиш
Ех пиле, ќе видиш како ликот им се менви
Како ќе засветат
Како од милост и боја во образите ќе им се врати
И грбот како кроце им се исправа
Та смеата ѕвонлива им станува
Како од болест да оздравеле
А несреќата и тагата болест се
Зато
Ете зато треба чоек со чоек да се чува
И со убост да се гоштева
Со збор и рака подадена
Ама не за да турни и навреди
Туку да го избавиш чоек некогаш од сам себе
Како што некој некогаш и тебе од себе ќе те спаси
Гали ги луѓето
Гали и сакај ги
Оти векот тука на сите ни е краток
А часот дур да дојди, чоек биди
И памти ми ги зборојте
Молчи пиле, молчи и врви си по патот
само молчи и устата не погани ја
ако на чоек немаш ништо убо да му кажиш