Отворен вебинар во среда со Женски Магазин и Ирена Јакимова: 12 СОСТОЈКИ НА ЛИЧНОТО ЛИДЕРСТВО (SELF-LEADERSHIP)

Добивај вести на Viber

Летото е убав период да се свртиме кон себе, ако веќе не се свртевме доволно во изминатиот период... И, колку е доволно?

Темата за лидерството е вечна тема, во секое општество, во секоја заедница, за секое суштество... Еве, денес избираме пратеници, избираме лидерство за земјата во којашто живееме. Избираме кој ќе не’ застапува и носи одлуки за функционирањето на општеството.

Но, што значи поимот лидерство, ако прво не го разгледаме поимот лично лидерство, или лидерство, водење на самите себе? Како можеме да водиме други (без разлика кои и колку се тие) ако прво не сме научиле како да се водиме себеси?

Што значи да се водиме себе?
Што подразбира поимот лично лидерство (self-leadership)?


Да тргнеме со ред:

1.  Значи да се познаваме добро. Да знаеме како размислуваме, што ни се вредности (што ни е важно), колку знаеме, колку не знаеме, што уште треба да знаеме, во која област (вештина) треба да се усовршиме?

2.  Значи да ги познаваме своите емоции и да умееме да се дружиме со нив, односно, да умееме да ги прифаќаме без да не’ управуваат. Тие да дојдат со порака, ние да ја примиме и да одиме понатаму, менувајќи нешто или не... Значи и да умееме да ги бираме емоциите како во џубокс! Со препорака да се усовршиме да ги бираме оние што ни даваат убава состојба.

3.  Понатаму, значи да сме свесни за тоа како се гледаме себеси, а како не’ гледаат другите. И да сме свесни кој дел сакаме да го покажуваме, а кој дел од нас другите луѓе најмногу го гледаат.

4.  Значи и да сме свесни за својата вредност (вау!). Какво чувство имаме за себе, за нашата вредност во светот?

5.  Значи и да знаеме како управуваме (владееме) со себе, како носиме одлуки, како бираме однесување?

6.  Многу значи и да знаеме каде одиме, каде сакаме да стигнеме, што сакаме да постигнеме и зошто?

7.  Тука се надоврзува и мотивацијата. Како се мотивираме себеси за да тргнеме и да стигнеме до она што го сакаме. И како секој ден се покренуваме, колку често ни треба мотивација и дали умееме да се подигнеме, освежиме и побараме помош кога ќе потклекнеме или паднеме? Како си помагаме?

8.  Лично лидерство или водство на себе значи и да си ги знаеме желбите – големите и малите. И како да преговараме меѓу нив. Како да ги увериме малите желби да почекаат понекогаш во име на големите...

9.  Значи и начинот на којшто си поставуваме цели. Дали тие цели се искрено наши, желби на нашата душа или се наметнати од надвор. Дали тие цели служат и за другите луѓе? Дали сме свесни каков е нашиот придонес кон животот на другите луѓе?

10.Лично лидерство значи и да бидеме свои учители и ментори. Да учиме цел живот, да се почестиме со едукација, настан, искуство... Да се насочуваме себеси како добар родител, да си овозможиме добро образование и воспитание.

11.Значи и како се грижиме за себе. Дали ги познаваме желбите и потребите на своето тело, на својата душа, како и кога се храниме, колку вежбаме и колку одмараме? Како се храниме со музика, книга, уметност, танц?

12.Да бидеме добар лидер за себе, за потоа да можеме да бидеме лидер на други (колку и да се) – треба да имаме постојано еден микс од зачини со нас, а тој ни овозможува истрајност, еластичност, пријатност во својата кожа... Тој микс од зачини е составен од: оптимизам, љубопитност, креативност, а најмноду од се’ – благодарност на животот.

Имате ли вечер 80 минути за креативна игра/ анализа на овие теми?

Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 20.30 часот. 

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching