Отворен вебинар во среда со Женски Магазин и Ирена Јакимова: Нашето внатрешно дете- како да го чуваме?
Признавам дека и сега понекогаш се плашам да се возам на високи вртелешки, брзи рингишпили, тнр. roller-coster... Ама, зошто? Знам дека е безбедно и знам дека, кога ќе заврши, кога ќе се симнеме, чувството е лесно, убаво, блажено, олеснувачко, забавно.... Но, ова го знае мојот свесен, возрасен ум. Тогаш, кој се плаши?
Признавам дека сум се наоѓала и во ситуации да си речам: „Каде тисега си решила да го предлагаш тоа? Каде ти ќе зборуваш пред другите? Кого ти ќе учиш, па тие се повозрасни од тебе?“, дури и кога не биле!!! Па, ќе си речам: „Па, кој друг, ако не јас? Имам огромно искуство, животно и професионално, имам и потврди во вид на дипломи, сертификати...“ Вака ќе одговори мојот свесен, возрасен ум. Тогаш, кој се сомнева?
Признавам дека ми се случило и да се чудам на однесувањето на возрасни мажи или жени, менаџери, експерти, професионалци (било да е тоа во вид на инаетење, тврдоглавост, импулсивност или одложување, несигурност во себе) – луѓе коишто биле мои индивидуални клиенти или учесници на обуки, курсеви, работилници или луѓе од мојот круг на познанства... Тоа биле луѓе со искуство, со образование, со ентузијазам и со мотивација за работа и личен успех, ги имале сите предуслови да можат да го направат тоа што мислеле дека не можат, дека не сакаат, дека не смеат. Тоа биле луѓе коишто ги имале сите предуслови да бидат среќни, а, сепак, биле инаетливи како деца. И, пак, ако ова го знае мојот или нивниот свесен, возрасен ум...тогаш, кој се инаети, бунтува, плаши, или избувнува?
Сите ние некогаш сме биле деца. Без исклучок. Патот води од таму. Сме биле мали, на возраст од 1, 2, 5, па 8, па 10, па 12, 15 години... И, потоа, сме пораснале. Но, некаде по патот, додека во реалниот свет сме минувале низ искуства, знаења, успеси и и неуспеси, радости и падови, животни ситуации, кариера...ние не сме го забележале моментот кога сме ја минале „границата“ од детство во возрасни. Или, барем, на пасошот – нема печат.
Затоа, голем број од нас не сме свесни дека тој дел од нас (којшто не е видлив, не е опиплив и јасен, туку е дел од нашата личност), се’ уште постои. Во психологијата го нарекуваат „внатрешно дете (inner child)“. Тоа живее во нас, како дел од нас. Пречките настануваат кога емоциите што ги имало тоа дете, чувството за себе, за другите околу него, за околината, за одредени поими или ситуации – ќе останат исти, нема да бидат излечени или созреани. Сме „пораснале“ и созреале во телото, а внатре детето останало со своите стравови и доживувања.
И, така, кај голем број од нас се случува кормилото да го преземе 5-годишното исплашено девојче и да вози автомобил, или предлози за општествени теми да дава несигурната седмоодделенка, или да води сектор или цела фирма 7-годишното момче или да биде сопруг и татко 13-годишниот „пубертетлија“... Не им е лесно, нели?
Голем дел од возрасните не се свесни за постоењето и за важноста од добар, негувачки однос со детето во нас. Детето што било мало и недоволно искусно да разбере што точно се случува околу него и си носело заклучоци, коишто потоа ги заклучило во тајниот дневник на својата психа, па целиот живот го води според тие заклучоци, а клучот не може да го најде. Детето, што се исплашило од нешто, ама, во процесот на растење сфатило дека е срамота да се плашиш, па ги закопало своите стравови најдлабоко под дрвото во дворот, мислејќи дека тие таму ќе останат и дека нема цел живот да одат секаде со него... Детето што се бранело со инаетење и што добивало внимание со импулсивно однесување, па ги ставило во својот џеб тие однесувања и заборавило да ги извади пред перење, па тие останале со него и во возрасните пантолани...
Зошто е важно да се запознаеме со овој поим
и да работиме на него?
Не само за да ги пронајдеме нашите детски заклучоци и уверувања, нашите
стравови и чувства на „маленкост“, нашата тага, осаменост или немоќ – коишто
влијаат на нашите мисли, одлуки, избори, чувства и однесувања кога сме
возрасни, туку и за нешто исто многу важно, а тоа е следново: откако, низ
процес на работа на себе, ќе го смириме, заштитиме, негуваме детето во нас, да
се договориме со него кога, колку и како сака да му ја дадеме слободата да биде
– љубопитно, весело, слободно, креативно? Да бидеме добар родител и ментор на
нашето внатрешно дете што живее во нас, а не само на старите фотографии.
Имате ли вечер 80-тина минути за оваа тема? Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 19 часот.
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching