Ова е одлична лекција да престанеме да се тркаме кој постигнал повеќе, кој посетил повеќе земји и да сфатиме дека животот е еден: Блогерката Шијакоска искрена

Добивај вести на Viber

Александра Шијакоска е млада девојка од Битола, која е препознатлива по својот Инстаграм профил „Style Diaries by Shijakoska“, кој брои повеќе од 28.000 следбеници. Таа за Женски Магазин раскажа како го поминува својот ден во домашна изолација, даде совети, но и откри колку новонастанатата ситуација влијае врз нејзината работа.

* Колку време си дома, што најмногу ти се допаѓа во седењето дома, а што најмалку?

- Дома сум од првиот ден кога беше прогласено да се седи дома, излегувам само по потреба, во маркет или кога треба да завршам некоја работа.

Мене воопшто не ми беше проблем да се навикнам на седењето дома, затоа што јас и општо сум повеќе дома, често работам од дома и најубаво ми е дома. Единствено што ми фалат се пријателите и луѓето кои се дел од моето секојдневие. Најмногу ми се допаѓа тоа што конечно седнав дома, имав време да размислам за тоа што ќе правам наредниот период, да читам книги, да не се брзам за никаде. Локалите веќе ми беа здосадени така што ова ми дојде супер.

* Како изледа еден ден во карантин на Александра?

- Како изгледа еден мој карантински ден: Кога конечно ќе се извлечам од кревет, доручкувам, пијам кафе, средувам низ дома со гласна музика, си правам планови за тоа што и како ќе објавувам на Инстаграм, играм карти со татко ми, играме забавни игри со внуците и еден куп други занимации. Навечер правам вежби (најретко), читам книга или гледам серија. Единствено што многу ми смета е тоа што малку ми се измести редот така што легнувам и станувам многу подоцна од нормалното, па ќе е тешко да се вратам во нормала.

* Дали оваа криза и паника од коронавирусот ги намали твоите соработки со спонзорите? 

- Кризата воопшто не влијаеше на мојата работа и соработки, баш напротив работата ја преместив дома и сега имам повеќе работа и поактивна сум, затоа што освен моето сакам да им го пополнам времето и на моите Инстаграм следбеници со интересни и нови содржини, да заборават малку на тоа што се случува надвор и да бидат подготвени со полна енергија кога овој кошмар ќе заврши.

* Што те научи седењето дома?

- Штом ова ќе заврши, ќе бидам подобра личност. Мислам дека ова беше одлична лекција не само за мене туку за сите нас да престаниме да се тркаме едни со други, кој постигнал повеќе, кој посетил повеќе земји, кој пиел повеќе и кој повеќе се изглупирал, да сфатиме дека животот е еден, да престаниме да мислиме на тоа што поминало и на тоа што следува, туку да живееме ДЕНЕС.

Д.Караташова