Ова се жени кои оставаат трага во времето во кое живеат: Уметникот Славчо Максимовски за уникатната изложба „Убавите жени на мојот народ“

Добивај вести на Viber

Песната од Блаже Конески, „Убавите жени од мојот народ“ е инспирација за македонскииот мултимедијален уметник Славчо Максимовски да ја создаде уникатната изложба на фотографии со убави 29 македонски жени, секоја успешна во својата област. 

Маја Оџаклевска, Ребека, Гордна Нацева, Индира Кастратовиќ, Сузана Георгиевска, Клаудија Богоевска, Аппазија Софијанова, Фанка Гилевска, Регина Икономовска,  Соња Ајановска- Деловска, Итина Дишовска, Илина Арсова, Пулексенија Јовановска, Мери Акиевска, Теодора Коцевска, Мирослава Трујкановиќ, Татјана Стојановска, Слободанка Илиевска, Сузана Спасовска, Валентина Божиновска, Живкица Каленикова, Ели Пешева, Светлана Црнокарк, Кристина Арнаудова, Јасмина Ѓорѓеска, Ана Дурловски, Надица Петрова, Анита Даева и Наташа Цветковска се убавите жени од нашиот народ кој Максимовски ги избра за ова уникатна изложба за која со љубов зборуваше.


*Како се инспириравте за идејата и концептот на овој проект во кој доминира женската убавина?

-Низ целото мое творештво жената, како едно совршено создание на природата, континуирано е на пиедесталот и постојано ме инспирира. Во конкретниов случај појдовната точка беше песната “Убавите жени на мојот народ” од Блаже Конески. Убавината и суштината на македонската жена се возбудливи и инспиративни. Па и мене ме предизвикаа да се обидам да сликам на мој начин за нив.

*Кои точно жени се на фотографиите?

-Во оваа едиција има 29 жени, од јавниот живот и жени кои не се јавни личности. Станува збор за жени од естрадниот живот, уметници, спортистки, докторки, научници, актерки, професорки, новинарки кои според моето согледување за нив се достоинствени, автентични, храбри, истрајни, свои успешни и убави жени. Жени кои оставаат трага во времето во кое живеат. 

*Како ги избравте токму нив?

-Изборот на жените воопшто не е случаен. Му претходи долго размислување и согледување на различни женски животни приказни. Мојата првична замисла беше да во овој циклус на фотографии прикажам жени од различни возрасти, со различни професии и животни патишта, но со неколку заеднички карактеристики ( Жени кои се остварени, мудри кои без разлика на возраста успеале да се носат со сите подеми и падови и да бидат победници). Дополнително сакав преку својата уметност да посочам на суштинските атрибути на македонската жена која е столб, борец, и победник. Сакав да спојам фотографија со цртеж и да создадам дела кои ќе раскажуваат за животи, за подемите, падовите, радостите, солзите, лузните, и мудроста на овие жени. 


*Како течеше соработката, колку време точно ви требаше да ја осмислите и да ја реализирате целата идеја?

-Првичната идеја ја добив пред околу две години, во еден инспиративен период од мојот живот после враќањето од едно патување во Шпанија додека ја преслушував песната “Убавите жени на мојот народ“ од Блаже Конески. Посакав преку мојата уметност да привлечам внимание кон македонската жена, која покрај неоспорната надворешна убавина изобилува со суштински квалитети.

За реализација на овој проект, од идеја до изложба, ми беше потребна околу една година.Иако станува збор за мој авторски проект, целиот тим со кој соработував и сите учеснички  допринесоја за крајниот резултат кој можевме да го видиме на изложбата. Сите учеснички беа исклучително позитивно расположени и полни со ентузијазам. Целата позитивна енергија која ја имавме во изобилие низ работниот процес несомнено направи да работиме со задоволство и со леснотија  да ги надминеме сите препреки кои се неминовни кога се работи на еден ваков  голем проект. Благодарен сум и среќен што низ овој проект успеав да научам многу од сите учеснички. Им благодарам што ми дозволија да погледнам во нивните очи и да го претставам тоа што го гледам сликарски,  на мој начин. Низ овој процес научив поинаку да гледам на животот, на се. Жената е почеток, стол и центар.Сфатив дека во ова време е најтешко, но не и недостжно, да се биде човек, чист,и  доблесен. 


*Една од оние кои ви позира е и Маја Оџкалиевска, таа за жал не беше на изложбата во Скопје. Како се сетивте токму на Маја?

-Маја, сама по себе, е бескрајно инспиративна личност. Таа е жена која неосопрно  оставила трага во музичката историја. .Нејзиното дело заслужува почит од нацијата и институциите од културата.Јас сум голем обожавател на нејзината музика. Таа совршено се вклопува во мојата замисла за жена која треба да биде дел од “Убавите жени на мојот народ”. Маја, иако е возрасна жена се’ уште во себе ја чува силната енергија, чистата емоција љубовта и ентузијазмот кои и многу помлади од неа, за жал го немаат.Таа со воодушевување се одзва на мојата покана и прифати да учевствува.Во план е овие дела да се изложат во земјите од Балканот и суштинската убавина на овие жени да ја видат повеќе луѓе. Со оглед на тоа што Маја живее во Србија таа ќе биде лично присутна на изложбата во Белград. 

*Што е за вас типична македонска женска убавина, однадвор и одвнатре?

-Надворешната убавина на македонската жена неспорно е забележителна секогаш и секаде. Убавината и извира од очите, и од насмевката. Но, тоа што и дава еден посебен печат е нејзината внатрешна убавина, шарм, грациозност, интелект и сексипил. Нејзината појава е суптилна и предизвикува восхит, Од исконот па се до денес,  никој не останал рамнодушен на нејзиниот непокор.


*На кои следни проекти сте фокусиран? 

-Јас сум мултимедијален уметник и  моите видувања и доживување за животот, светот и се она што ме опкружува ги изразувам низ неколку различни медиуми. Иако континуирано изложувам во Македонија во послединте години мојата уметност ја претставувам и надвор од нејзините граници.Во моментов работам на неколку нови, различни циклуси од слики и цртежи и фокусиран сум на тоа да моите дела ги претставам пред некоја нова, поширока  публика во светот и на тој начин да се промовирам себеси,но и мојата земја. Дополнително работам и на фрескоживопис, и ликовна едукација на млади. Огромната љубов кон уметноста е нераскинлив  дел од мојот начин на живот, кој ме прави среќен. И покрај сите предизвици нема поголемо задоволство од тоа да го работите  она кое ве исполнува.


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски, каталог на Славчо Максимовски