Повторно ќе го живеам животот со полни гради, затоа што животот е еден: Иван е полн со енергија

Веста дека за прв пат во историјата на нашата земја се изврши трансплантација на срце од починат донор ја сплоти земјава. На тој ден, доцна во ноќта околу 02:00 часот се слушна силно ракоплескање по успешниот операционен зафат на тимот кардиолози од повеќе клиники, по успешната трансплантација на срце од починат донор.

Министерот за здравство Венко Филипче објави дека пациентот напредува супер:
Насмеан и полн со енергија, утрово Иван беше на контрола на Клиниката за државна кардиохирургија. Тој е во добра здравствена состојба и е првиот пациент во земјава на кого му беше трансплантирано срце. Вели дека мора да продолжи да го живее животот, бидејќи животот е еден. 

„Одлично се чувствувам. Комплетно сум задоволен од целиот лекарски тим на Клиниката. Тие сега се и мои другари. Постојано се слушаме на телефон и ме прашуваат како сум. Еднаш неделно одам на контрола и примам терапија. Им се заблагодарувам од срце за сѐ што сторија за мене, особено и на моето семејство кое ми беше најголемата поддршка да го издржам целиот овој период. Повторно ќе го живеам животот со полни гради, затоа што животот е еден!“, изјави Иван.