Пандемиски херои од сенка: Не уплаќајте веќе, имаме доволно за визири за сиот медицински персонал

Ентузијастите, кои од почетокот на корона-кризата изработуват бесплатно заштитни визири со 3Д принт технологија, деновиве преку својот ФБ профил повикаа: „Ве молиме, најдругарски, од срце, не уплаќајте повеќе, ако треба ќе повикаме“.

Администраторите на групата 3Д принт медицинска опрема велат дека имаат над 600 илјади денари на сметката, што е повеќе од доволно за да изработат заштитни визири за сите медицинари во државава. Во нивната ФБ група има над 20 илјада членови, од кои огромен бој лекари, кои ги користат визирите изработени од овие млади ентузијасти.

На нивниот профил постојано стасуваат изјави на благодарност: „Дечки, супер сте“, „Голема благодарност за визирите, ПЗУ Св. Пантелејмон!“, „Штотуку пристигнаа визирите во Институтот за медицина на трудот, голема благодарност до Бојан Трајковски, Ненад Лазаров и дечките од 3Д Принт“.

Иницијатор на идејата бил ортопедот Александар Каревски, кој приватно се занимава со 3Д принтинг. Заедно со Бојан Трајковски, кој е основач и администратор на групата 3Д принт медицинска опрема почнале, со помош на поддршка од некои компании и индивидуалци, да ги произведуваат заштитните визири и да ги дистрибуираат бесплатно.

Не ни помислиле дека оваа иницијатива ќе привлече толкаво внимание. Од оние 20 илјади следбеници на нивната ФБ група голем број се лекари кои ги користат заштитните нивните визири.