Петочки муабет или “Како побрзо да се мине викендот”

Полесно се дише, нели? Намалувањето на полицискиот час на кој сите, вака или онака (мислам на полесно или потешко) се навикнавме, донесе олеснување. Денес (четврток) ќерка ми излезе со мене после долго седење дома, секако со навлечена маска преку уста и нос (за ракавиците не ми попушти, ама и јас знам да претерувам некогаш, признавам) и детето ми беше воодушевено. Што е најинтересно, застана на сред одење, погледна лево-десно, ја извади маската, вдиша длабоко со затворени очи и ми рече “да го апришиејтнеме воздухот”. За оние кои веќе ме читале, не треба објаснување. За оние другите, да напоменам дека имам ќерка-тинејџер која си има посебен речник и во кој се одомаќинети и англиски изрази, кажани модифицирано. И да, беше во право. Многу работи сме си земале онака, без да ги цениме моментите во кои можеме слободно да дишеме, излегуваме, уживаме.

Викендот ќе ни е и дополнително олеснување, но сепак денес ви подготвив нешто за да ги отепате часовите кои ќе следат од сабота попладне до понеделник наутро. Предлог книги, музика, филмови (серии). Секако дека ќе можете во коментари да ми пишувате за она што вие во моментов во читате и ви се гледа интересно, или да ми ја збогатите музичката колекција.

Прегледувајќи си ја библиотеката во која има се’ и сешто, решив денес да се задржам на наши автори, од поновата генерација. Нема да правам никакви осврти на книгите, оти не сум компетентна за тоа, но можам само да ви кажам дека ќе ви предложам книги кои лично многу ме погодиле, ме треснале од земја, ми направиле бум во главава. Авторите се луѓе кои дел ги познавам и лично (што нема никаква врска со ова што денес го пишувам, затоа што книгите и впечатокот што го имам за нив е секако субјективен, но не под влијание на личното познанство.

1.  Румена Бужаровска со Осмица, Мојот маж и Не одам никаде

2.  Петар Андоновски со Очи со боја на чевли, Телото во кое треба да се живее (се токмам да ја читам Страв од варвари, ама знаејќи го Петар како пишува, одложувам веќе некое време оти не сум за да се потресувам)

3.  Ана Стојаноска со Јас и Лин, отпосле и Дијалози во еднина. Кај неа присуствував на една сосем невообичаена промоција, која ми е уште пред очи.

4.  Ана Јовковска со нејзината Сакам, значи постојам. За книгата само да ви кажам дека имавме сериозен конфликт со мајка ми која ќе ја чита прва.

5.  Јовица Ивановски со Набилдана месечина (книга поезија)

Магијата на печатената книга мене никогаш не ми излегла од мода. Мирисот на хартија, на приказни, на магија е волшебен.

Не знам дали сум ви кажала досега, но секогаш пишувам со музика во позадина. Не ретко, музиката знаела да извади нешто од мене, што не сум ни била свесна дека го имам внатре. Не ретко, сум почнала да пишувам едно, а излегло сосем друго под влијание на музика. И многу сакам да си откривам нова музика, а сега ми е ќефот голем оти не ретко и ќерка ми знае да пушти нешто од “мое време” и цела воодушевена да си стави на плеј листа.

Она што за мене секогаш ќе е добро, она што ми е во срце, она на што сум пишувала, она што некако има одбележано некој период од мојот живот.

1.  Radiohead соалбумот OK, Computer

2.  Bryan Ferry, ама буквално се’

3.  Mazzy Star со албумот So Tonight That I Might See

4.  Laurie Anderson со албумот Bright red

5.  U2 со Achtung baby

Е сега доаѓа една малку болна тема за мене, а тоа се филмови. Не гледам оскаровци, не гледам она што е модерно, серии скоро ич. Едно лето, кога бев целата бљак, изгледав серија и тоа во рок од неколку дена (Сексот и градот) и пред некој месец уште две. Од тие две (а да бидам искрена ги изгледав оти беа само една сезона, пошто на сите обврски ич не ми се ризикуваше да се навлечам на серија), едната има 2 сезони, а и двете серии ги изгледав манијачки. Значи, од серии толку и за нив не сум компетентна. Оние светски познатите не ги знам и срамота е да зборам за тоа. Значи, филмови кои ми ја одбележале младоста и кои

1.  Frances (1982) Мислам дека легнав болна после филмот. Никогаш не бев почувствувала таков гнев и тага истовремено.

2.  Betty Blue (1986)

3.  Lolita (1997)

4.  The hours (2002)

5.  You (ова е серијата која ја изгледав пред извесно време и која ме изненади колку е откачена) и What if (каде што Зелвегерица ме остави подзината, оти бев навикната да ја гледам во сосем други улоги).

Одбрав по пет...иако се многу повеќе и книги и албуми, а и филмови. Секако дека во некоја друга прилика ќе позборуваме и за други автори. Викендов да ви мине убаво и лесно, секако очекувам и ваши предлози за филм, музика и книга. Факт е дека секогаш има што да се прави со себе, само ако се сака. Имаме избор (дури и во овие услови) да одбереме дали двата дена ќе ги минеме жалејќи се дека ништо не ни е погодено, или ќе го минеме со себе, вино, домашните, филм, музика и се разбира, книга. Како велеше баба ми “рацете да ти се зафатени за да си го спрастриш умот”.

Ви сакам спокоен, мирен и убав викенд. А од понеделник повторно ќе се дружиме со нашиот Понеделнички муабет.

Да сте ми живи и здрави, да се чувате и да не заборавате дека и ова ќе мине.

Ана