Пикник сендвичи за велигденски излет: Гответе со Маја Лазаревска уникатни рецепти

Добивај вести на Viber

Маја Лазаревска е водител на познатото македонско кулинарско шоу „Готвиме со Маја“ кое се емитува секој работен ден во 19:30 на ТВ 24.

Таа е мајка на близнаците Лео и Марио и е архитект по професија. Готвењето и е огромна пасија или како што вели медитација. Сака да експериментира во кујната, да испробува нови вкусови и рецепти.

Голем дел од рецептите кои ги презентира во емисијата ги готви низ годините. Купува готвачи, гледа тв-емисии, посетува курсеви, истражува и пробува техники.

-Со текот на времето добив чувство како рецептите да добијат уникатен вкус. Ја истражувам и науката, и на тој начин откривам како да ги употребувам состојките. Дали некоја состојка треба да е ладна или топла или да е на собна температура. Дали пецивото има две фази на растење – а тоа значи различно сечење, различна температура. Готвењето е наука, но и уметност. За мене готвењето е душевен мир, кој одамна го препознав. Со готвењето се полнам со енергија, убави мисли, ми се смирува телото и мозокот. Исто така, интересно е што моите деца, кои најверојатно ги имам презаситено со готвени јадења, слават секогаш кога ќе им кажам дека нешто ќе нарачаме - вели Маја.

Готвиме со Маја е емисија која ја сакаат и повозрасните и помладите. Освен на телевизија, нејзините рецепти можат да се следат и на социјалните мрежи фејсбук, инстаграм, и јутјуб, а таа веќе е омилен лик помеѓу сите гурмани и вљубеници во добриот залак.

Специјално за Женски Магазин направи предлог - мени за велигденски излет, Пикник сендвичи.

Потребни состојки

1 кг Свинска Плешка

4 мини багет лепчиња

6 лажици сенф

200 гр тенко исечена пршута

12 ливчиња чедар

6 кисели краставички

25 гр путер

Сол и бибер

Сос за месо и сендвич

Кора и сок од 2 портокали

Кора и сок од 1 лимон

Кора и сок од 2 лимети

1 лажичка оригано

6 чешниња лук

1 лажица мелен ким

7-8 лажици масло

Салата

200 гр тестенини машнички

1 авокадо

150 гр шери домати

200 г фета сирење

100 гр марула

1 краставица

4-5 лажици песто

1/2 чаша ориз

50гр бадеми

50 гр суво грозје

1/2 лимон

Маслиново масло

Прстофат сол

Безалкохолен коктел од јаболка

2 зелени јаболка

Сок од јаболка

1/2 китка нане свежо

1/2 кг кисела вода

3 лажици мед

Сок од 2 лимони

Коцки мраз

1 см рендан ѓумбир

Сендвичи:

Свинската плешка се премачкува со сол и масло и се става во загреана рерна на 220°C првите 10 минути и потоа на 160 °C уште 1 час и 50 минути.

На 20 минути пред крај месото се вади и се премачкува со направениот сос за месо и се враќа во рерна да се допече.

Потоа се вади од рерна, се остава малку да се олади и се цепка на тенки конци.

Багетите се сечат по должина, се премачкуваат со путер и се ставаат на скара или грил тава да се потпечат. Потоа се премачкуваат со сосот за месо, се става месото и останатите состојки, се поклопува и се витка во хартија за печење или во друга хартија за сендвичи. Може да се врзат и со коноп за печење за подобро да бидат спакувани.

Салата:

Се варат тестенини во форма на машнички, се вари и оризот и се мешаат со останатите состојки и се зачинува. Салатата се пакува во тегли, за полесно консумирање за време на излетот.

Безалкохолен коктел од јаболка

Јаболката се сечат на коцки и се мешаат со сите останати состојки. Коктелот се пакува во тегли.

Сé се пакува во корпа за излет и е подготвено за вистинско уживање во природа. Секако не ги заборавајте велигденските јајца кои се неизбежен дел за велигденските празници.

(С.А.Н)