Пишувањето е терапија! Убава авантура која те соочува со себе: Интервју со Ана Јовковска пред промовирањето на две нови книги

Добивај вести на Viber

„Треба да го чуваме срцето чисто, да не се плашиме да покажеме кога сме тажни и ранливи и да се избориме за тоа што го сакаме за да бидеме среќни – до небото и назад!

Викендов новинарката и колумнистка Ана Јовковска, како дел од програмата на филмскиот фестивал Браќа Манаки, под мотото ВЛЕЗИ ВО ФИЛМ СО КНИГА, ќе промовира две книги: Илустрираната книга за деца „До небото и назад“ и книгата „Сакам значи постојам“. 

Оваа книга на Ана е натопена во љубов, животни искуства, болка, слобода и радост. Обликувана како отворен разговор во и надвор од себе, Ана тргнува од Декартовата максима „Мислам, значи постојам“, која како жена и мајка, ја трансформира од мислам - во чувствувам и сакам. САКАМ во себе содржи цел еден друг свет на МОЖАМ! Тоа e оној внатрешен импулс на проактивност за подобрата ЈАС, подобар живот, подобар свет... 

Романтична и храбра, третата книга по ред на Ана - „Сакам значи постојам “ (ТРИ, 2019), ја буди најдобрата верзија во секој од нас! 

Од друга страна  книгата за деца „До небото и назад“ на Јовковска и Иванка НиБа, е емотивната приказна за пријателство меѓу детето Алекс и кучето Бони. Во суштина приказна за добрината, љубовта и емпатијата.

Ана е авторка на четири книги: „Пулсот и времето“ (Силсонс/Матица македонска, 2015), „Ехо на слободата“ (ТРИ, 2018), „Сакам, значи постојам“ (ТРИ, 2019) и илустрираната книгата за деца „До небото и назад“ (Едиција Светулка, 2021).

Она што ексклузивно ни го откри за Женски магазин, е дека следната година подготвува две нови книги, една научна, стручна книга и една збирка раскази, колумни, критики, есеи. Планирано е да излезат во 2022.


*Оваа година Ана е дел од Манаки на еден интересен начин во офф програмата. Колку ти значи промоцијата како дел од фестивалот во кој си со години наназад?

А.Ј.-Ми значи до небото и назад! Спојувањето на битолската промоција на моите две книги, романтично-иделистичката книга за возрасни „Сакам, значи постојам“ (ТРИ) и илустрираната книгичка за деца „До небото и назад“ (едиција Светулка) која е закажана за оваа сабота, 18 септември, во 11 часот во прекрасниот и автентичен културен објект „Магаза“ на плоштадот Магнолија и најстариот фестивал на кинематографија во светот „Браќа Манаки“ ми дојде како страсна љубовна врска. Како спојување на две забранети љубови (се смее). Промоцијата на моите дела или книжевната средба „Влези во филм со книга“ е всушност дел од ОФФ-програмата на фестивалот. Љубовта секогаш го наоѓа патот. А мојата, онаа што ми се вртка по папучи низ дома (зборувам за мојот сопруг) случајно е врсник со годинешното 42-ро издание на Манаки. И случајно е битолчанец (се смее). Петнаесетина години наназад и двајцата сме работно ангажирани на филмскиот фестивал. Како новинарка, неизмерно се радувам на ретките можности на „Браќа Манаки“ да ги интервјуирам големите филмски мајстори и актерски ѕвезди како Жулиет Бинош, Катрин Денев, Клаудија Кардинале, Изабел Ипер, Дерил Хана, Викторија Абрил и многу други... Жени кои го менуваат светот! 

*Се работи за твоја четврта книга по ред, но прва илустрирана за деца. Од каде идејата?

А.Ј.- „До небото и назад“ дојде на иницијатива на илустраторката Иванка НиБа која е дел од едицијата„Светулка“. Ми требаше време да размислам дали да прифатам еден ваков книжевен предзвик, навидум мал, но голем по својата одговорност. Во светот на децата не „палат“ тешки зборови, претенциозни термини, интелектуални мастурбации и слични јазични гимнастики, туку само чиста емоција. А таква есенција е најтешко да постигнеш! Ракописот им го предадов лани, илустраторката фантастично ги долови моите емоции и пораки низ нејзините цртежи, и во меѓувреме чекавме пандемијата малку да стивне за да ја промовираме сликовницата пред широка публика.

*Која порака Ана сака да им ја пренесе на децата, но и воопшто на читателите?

А.Ј.-Ако треба да кажам со една реченица, тогаш тоа е: Љубовта и добрината ќе го спасат светот! Во суштина е многу покомплексно. Низ емотивната приказна за добрината, пријателството и емпатијата сакав да алудирам на разликите меѓу децата кои растат со/во љубов и оние дечиња кои се лишени од потребната грижа и топлина во домот. Првите, учат да ја сакаат природата, да се грижат за животните, да помагаат и да веруваат, додека вторите се учат да мразат, да исмејуваат и да напакостуваат. Некои деца, за жал, се жртви на пасивна агресија во домот, за која многупати и самите родители, обременети од премногу работа, обврски и стрес не се свесни за своето токсично однесување. Таквите деца, кои растат запоставени и под константен стрес, рефлектираат љубомора и агресија кон своите другарчиња. Веројатно тоа е коренот на булингот. Сами ќе ја пронајдете метафората за насилството, како и борбата за среќа.


*На настанот во Битола се промовира уште една книга: „Сакам, значи постојам“. Романтична, а храбра, имено како авторката, книга која ја буди најдобрата верзија во секој од нас. Да проговориме малку за оваа книга? 

А.Ј - „Сакам, значи постојам“ (ТРИ) ја натопив во љубов, животни искуства, човечки судбини, болка и радост. Обликувана како отворен разговор во и надвор од себе, оваа хибридна книга тргнува од Декартовата максима „Мислам, значи постојам“, која како жена и мајка, ја трансформирав - од мислам - во чувствувам и сакам. САКАМ во себе содржицел еден друг свет на МОЖАМ! Тоа e оној внатрешенимпулс на проактивност за подобрата ЈАС, подобар живот, подобар свет... 

Во суштина е книга за љубовта, слободата, болката,родителството, човековите судбини и човековите права, женската слобода, консумеризмот, технолошкото ропство, дискриминацијата, егото и интегритетот. 

*Што да очекуваме следно од Ана?

А.Ј.-Штом ја реализираме битолската промоција во сабота на која многу се радувам, се враќам во Скопје и продолжувам со работа на моите две нови книги кои треба да излезат следната година, а веќе се пред својот „финиш“. Пишувањето е терапија! Убава авантура која те соочува со себе. Те тера да длабиш под површината. Те менува. Но напорно е кога доаѓа со рокови и во големи количини на текстови, поезија, проза, раскази, есеи, колумни, книжевникритики… Искрено, понекогаш ме исцрпува паралелното пишување за три портали – колумните за Женски магазин, интервјуата за Хибрид.мк и книжевните рецензии за Приказни.мк. но таков е фриленсерскиот живот, а и ми гозадоволува новинарскиот импулс. Покрај овие медиуми, мечека работа со издавачката куќа за двете нови книги. Првпат јавно ќе откријам дека се работи за една стручна/научна книга од областа на мојата магистратура по културолошкистудии и една збирка раскази, колумни, есеи или би рекла – книга со животни приказни. Во септември ме чека и запишувањето на докторските студии на Институтот за литература. Пред сè ме чекаат моето дете и моето кучеа да си играме во паркот (се смее). 


*Можеме ли овој свет да го спасиме со добрина и љубов?

А.Ј.-Малиот херој во сликовницата „До небото и назад“, петгодишниот Алекс, кој е именувам по мојот петгодишен син, не се идентификува со Супермен или Спајдермен, но силно верува дека подобар свет е можен. Ова дете нѐ учи како да го чуваме срцето чисто, да не се плашиме да покажеме кога сме тажни и ранливи и да се избориме за тоа што го сакаме за да бидеме среќни – до небото и назад!

Промоцијата на книгите ќе се одржи на 18 септември (сабота) во 11 часот во Магаза, плоштад Магнолија во Битола.

Неда Маретиќ