„Пивофест“ ќе донира на лекувани алкохоличари, главна ѕвезда-Цеца

Добивај вести на Viber

На прес-конференција, организаторите денес ги соопштија деталите за четирите фестивалски дена на традиционалниот „Пивофест“ кој годинава ќе се одржи од 18 до 21 јули во Прилеп. Градоначалникот Илија Јовановски информира дека годинава нема да има огномет, а средствата за оваа намена ќе бидат донирани на Здружението на лекувани алкохоличари.

Како најголема ѕвезда е најавена српската фолкерка Цеца која на програмата е в петок на 19 јули.

Агенцијата „Баги комуникации“ задолжена за музичкиот дел, најави програмата за сите генерации и за сечиј вкус со посебен акцент на македонски изведувачи. Меѓу другите, ќе настапат дуетот Селимова-Желчески, Ѓорѓе Давид, Ивана „Негатив“, Миле Кузманоски, Влатко Стефановски-трио, „Фрајле“, „Нови фосили“ и Тамара Тодевска.

Годинашното фестивалско мото е „За добра мисла“. Буџетот наменет за хонорарите на изведувачите е 2,5 милиони денари.