Плачев од радост и пеевме заедно со Лила: Пејачката Васка Јанковска која го испеа хитот „Едерлези“ го ожени синот Ален

Скопјанката Васка Јанковска која го прошета целиот свет како вокал на оркестарот на Горан Бреговиќ го ожени својот син Ален. Васка во цела поранешна Југославија, а потоа и пошироко стана позната како дамата која го испеа хитот „Едерлези“, насловната тема од филмот на Емир Кустурица, „Дом за бесење“.

- Мојот син единец, мојот манекен, викендов го оженив со неговата принцеза, Анита. Свадбата беше феноменална, имавме 300 гости. Ми беше многу мерак кога за сите гости ја испеав „Едерлези“, а со мене запеа и мојата пријателка Лила  Филиповска. Таа беше една од највеселите на свадбата, сите гости беа многу весели. Мојот Ален и синот на Лила, Филип се другари од градинка“, ни раскажа Васка.

Слики и видеа од оваа свадба објави и Лила на социјалните мрежи, а највечатливо беше видеото кога Васка ја пее „Едерлези“.

- Запеавме заедно со Лила и со сите гости. Заплакав од радост, сите плачевме, особено кога ја зимавме невестата од нејзиниот дом“, ни раскажа Васка која за синот организирала свадба со сите адети, а музиката, оркестарот „Плаце звезде“ дошол од Врање. 


Васка е пресреќна што нејзиниот син и снаа имале како што вели светска свадба и уште е под импресии од оваа голема веселба. Младенците се сега на свадбено патување во Бодрум, Турција.

Горан Бреговиќ во неколку наврати има изјавено дека Васка ја пронашол како многу млада, во скопско Шуто оризари, каде што живеела како девојче. Заедно со Кустурица организирале аудиција за женски глас кој ќе ја пее „Едерлези“, и кога Васка запеала, Бреговиќ знаел дека ја имаат вистинската личност. Васка тогаш имала само 15 години.

- Многу ми е мило што Васка и денес ја има истата боја на гласот, има таков нежен и детски глас исто како тогаш и на ист начин ја пее оваа песна“, изјави Бреговиќ во едно интервју. Со Васка, тој е се уште во контакт, а Јанковска е во првите редови во публиката на секој негов концерт во Македонија.

Во 2018 година, таа доби признание од Сојузот на Ромите за придонес и развој на Ромската филмска уметност. Наградата ѝ ја додели претседателот на Сојузот, сега веќе покојниот Амди Бајрам,

М.Џаровска