По цела недела само на свежи сокови, здрава сум и полетна: Мерсиха Шукри за искуството со детокс на организмот
На професионалните музичари кои се
често на сцената секогаш им е потребна добра концентрација, сила и енергија.
Ова го потврдува и нашата позната харфистка од Филхрамонија, Мерсиха Шукри,
која најде начин како да се чувствува поздрава, полесна и
посконцентрирана. Мерсиха повремено
практикува целосен детокс на организмот, кој трае од 5 до 7 дена и во тој
период таа внесува само свежи сокови од овошје и од зеленчук. Раскажува дека
немили настани од минатото ја инспирирале да сфати колку е важно здравјето, и
вели дека сите состојби на организмот се поврзани со начинот на исхрана. За
Мерсиха, тоа е понекогаш и сировата храна, која исто така ја препорачува. За
тоа како успева да издржи и до една недела на свежи сокови, а при тоа да има
интензивен распоред со проби и настапи, таа сподели за Женски магазин.
*За твојата професија е потребна голема концентрација но и енергија. Неодамна ми спомена дека практикуваш детокс на организмот, период кога консумираш само свежи сокови. Како точно изгледа овој детокс?
-Детоксот со свежи сокови го практикувам повремено и трае од 5 до 7 дена. Тоа се пет различни видови на цедени сокови, по еден литар од секого. Има од црвено, цитрусно овошје, моркови, зеленчук и сл.
*Кога последен пат си го направила, како се чувствуваш додека трае процесот?
-Го направив пред Нова година. Вишокот течности кои се задржани во организмот, се исфрлаат. Дури се губи и по некој килограм. Но најважно е што се чувствува леснотија и енергија. Обично се мисли дека се гладува, но навистина се чувствуваш сит и полетен.
*Чувствуваш ли вртоглавици, и може ли овој детокс да се спроведе кога имаш настапи и концерти?
-Детокс исхраната е разновидна и се базира на свежа и разновидна храна. Секој ден е тематски и опфаќа одредена намирница. Има 5 оброци кои се распоредени во текот на денот. Затоа никогаш не можете да почувствувате глад ни вртоглавици. Нивото на шеќерот е секогаш константен што не дозволува поспаност ниту варирање на енергијата. Секако дека може да се спроведе и кога се во прашање настапи и концерти. Дури сметам, од искуство, дека помага за концентрација и плус енергија.
*Во еден период нутриционист се грижеше за твојата исхрана, а имаш искуство и со консумирање на само сирова храна, те молам раскажи ни повеќе за тоа искуство.
-Заради одредени немили настани во минатато, почувствував промени во мојот организам и потреба да си направам еден ред по кој истиот ќе може полесно да функционира. Тогаш се обратив на мојата драга пријателка нутриционистка која со правилна комбинација на храната и подолго следење во исхраната, ми помогна многу. Тоа ми даде многу енергија и леснотија. Режимот на исхрана вклучуваше повремено и одредени денови кои беа само на свежо овошје, зеленчук и кефир. Бенефитите на кефирот се огромни и оттогаш редовно го конзумирам. Се разбира, оној кефир кој се прави дома.
Благодарение пак, на уште една моја драга пријателка, подоцна навлегов и во светот на живата храна. Нејзините совети и безбројните рецепти на приготвување на живата храна, се навистина богатство и голем здравствен бенефит.
*Во твојот случај мотивот поради кој се решеваш на овој чекор не е вишокот на килограми , која е причината поради која спроведуваш детокс и режим на исхрана?
-Отсекогаш сум била поборник на здравата исхрана. Тоа не значи дека слепо ја следам, правам отстапки. Гурман сум, сакам да пробам најразлични специјалитети од различни видови на кујни и сакам да се хранам разновидно. Мојата исхрана вклучува многу свежо овошје и зеленчук. Причината што се решавам на режим на исхрана и повремен детокс е, затоа што, најпрво го слушам мојот организам и неговите потреби. Од друга страна, покрај нашиот мозок кој е виш нервен систем и е дел од централниот нервен систем, може да се каже дека и дигестивниот систем, поточно цревата се нашиот втор мозок во организмот. Таму се обработуваат хранливите материи, се врши ресорпција и транспорт преку крвта и лимфата. Сите состојби на организмот, дури и болестите се повразни со начинот на исхрана.
*По едно вакво неколкудневно испостување, како се чувствуваш, кои се придобивките од одлуката да не внесуваш никаква тврда храна?
-Како што напоменав погоре, леснотија и многу енергија. Бистар ум, подобар сон, сјајна кожа и коса. Позитивно расположение, чувството да се чувствувате убаво во сопствената кожа затоа што најважно од се’ е доброто здравје.
Милица Џаровска
Фото: Маја Аргакијева и приватна архива