По надминувањето на ракот на дојка, учествуваше на два спортски натпревари, истрчувајќи вкупно 31 км.: Елизабета Цоневска отворено за борбата со канцерот
Елизабета Цоневска е вистинска инспирација за многумина, а особено за девојките и дамите кои се борат со подмолната болест, рак на дојка. Оваа инспиритивна дама е вистински пример за борец кој никогаш не се откажува, а според нејзините зборови, таа никогаш не ни помислила да се откаже: „Немав некои депресивни мисли, страв, патетика или сценарио како умирам, тоа беше исклучено уште од самиот почеток, само барав информации како оди редоследот за лекување“, потенцираше Бети.
Таа по надминувањето на болеста учествуваше на 2 спортски натпревари, истрчувајќи вкупно 31 километар.
Цоневска е успешна дама во приватниот сектор и жена која застанала храбро пред канцерот му се спротивставила со сите сили и можности и го надминала. Таа е мајка на две ќерки и баба на нејзиното како што го нарекува ќебапче, бајадерче, сонце, локумче, љубовче и цела вселена, нејзиниот внук Марин. Елизабета е и вљубеник во животните кои како што вели знае да ги собере од улица, ги лекува и вдомува. Во моментот како што ни откри дома имала 3 мачки (Живко, Лаки и Џуџу) и 2 кучиња (Рири и Буба).
Оваа силна и за многумина инспиритивна жена во оваа нејзино прво интервју за Женски магазин ја раскажува својата приказна со канцерот на дојка. Од моментот кога дознала, операцијата, процесот на закрепнување, споделувањето со најблиските, па се‘ до учествувањето на двата спортски натпревари.
* Како и кога дознавте дека имате канцер?
- Минатата година 2021-ва, во февруари, на левата града напипав мала грутка. Веднаш закажав ехо и мамографски преглед, на кој испадна дека “нема ништо“, дека најверојатно се некои мали цисти кои се појавуваат поради пред-циклусниот хормонски дисбаланс во телото (со оглед на мојата возраст, тогаш имав неполни 48 години). По месец дена, побарав второ мислење кај друг радиодиагностичар, но за жал и таму го добив истиот одговор. Летото помина, а грутката ја чувствував дека е поголема, па повторно отидов на преглед... и повторно ништо не се гледаше... добив насоки за рестрикција во јадење - да избегнувам солено... На следната контрола, крајот на Октомври, конечно “цимерот“ во моето тело си го покажа своето лице и по извршената биопсија и Компјутерска Томографија, ги добив и “неговите“ лични податоци: Малигнен Хормонски зависен карцином во стадиум 3-а.
Се сеќавам дека се расплакав само пред ќерка ми Ирина, кога на неа ѝ ја соопштував целата ситуација, а после тоа не пуштив ниту една солза, дури и до ден денес
* Која беше вашата прва мисла, кога ја слушнавте (прочитавте) дијагнозата?
- Првата мисла беше „... и сега што???“. Немав некои депресивни мисли, страв, патетика или сценарио како умирам, тоа беше исклучено уште од самиот почеток, само барав информации како оди редоследот за лекување. Ме советуваа дека најнапред е потребно да се изврши операционен зафат, а потоа да се примат хемотерапии.
* Како реагираа најблиските, пријателите, роднините откако им соопштивте?
- Не им кажав на сите, само на оние кои најмногу ми значеа, а тие изреагираа доста прибрано, малку со резерва, но сепак со доста ентузијазам дека се’ ќе помине како во сон давајќи ми до знаење дека ќе бидат тука за било каква помош и поддршка. Се сеќавам дека се расплакав само пред ќерка ми Ирина, кога на неа ѝ ја соопштував целата ситуација, а после тоа не пуштив ниту една солза, дури и до ден денес.
Мир ми донесуваше шетањето, возењето велосипед или читањето некоја книга
* Какво лекување поминавте? Хемотерапии, зрачење...
- На 8 ноември имав целосна мастектомија на десната града (со 15 лимфни јазли), потоа од 15 декември започнаа хемотерапиите, вкупно 8 (4+4), на циклус од 3 недели, за на крајот во јуни да дојдат на ред и 15-те зрачења. Во моментов, а ќе трае и во наредните 5 години, сум на хормонска терапија со апчиња Герадестрин, кои имаат за функција да го стивнат хормонот Естроген, кој се покажа дека е еден од иницијаторите и “храна“ за мојот тип на канцер.
* Откако заврши се‘, што е најтешко?
- Најтешко ми паѓаше Инсомнијата, спиењето ми беше нарушено се’ додека траеше хемотерапијата, мозокот постојано ми вртеше некои зборови, реклами, песни, реплики, слики, случки од минатото, од сегашноста, од телевизија, од радио, од социјалните прежи... едноставно морав да исклучам се‘... единствен мир ми донесуваше шетањето, возењето велосипед или читањето некоја книга.
* Колку поддршката од најбликите е важна во борбата?
- Поддршката од најблиските е многу важен фактор, благодарна сум до небо, што во мојот живот останаа оние вистинските, кои безпоштедно беа тука секогаш кога тоа беше потребно, без разлика дали едните ме земаа и враќаа од прегледи и хемотерапии, другите ми чистеа по дома, третите ми цедеа сокови или ми даваа пари за лекови и суплементи или едноставно доаѓаа само да ме гушнат и да бидат до мене.
Дијагнозата не ве дефинира вас како човек, тоа е само моментална состојба, која треба да ја надминете и да ја победите
* Што мислите Вие, што вам најмногу ви помогна во борбата со ракот?
- Најважно од се’, сме ние самите, да останеме прибрани, психички и духовно здрави и да веруваме дека можеме да излеземе како победници, да го сакаме животот, овој живот кој е сега и тука, како што рекол некој мудрец: „Кога САКАШ нешто да направиш, бараш начин, а кога НЕ САКАШ, бараш изговор“. Бидејќи јас многу сакав да ја надминам оваа новонастаната состојба на моето тело, постојано барав искуства, совети и препораки од веќе искалени борци, кои без многу помпа, реклами и со детални објаснувања ми влеваа доверба дека со нив можам да излезам на правиот пат.
* Во групата Канцер победници на Фејсбук, споделивте дека по операцијата сте учествувале на два спортски настани, последниот на 02 октомври на Скопскиот Маратон? Споделете збор два за ова ваше искуство?
- Да, од операцијата па наваму, постојано без физички активна, на почетокот најчесто пешачев, потоа почнав да возам велосипед, за да во август започнам и да трчам, бидејќи имав за цел да ги истрчам овие две трки, на 18 септември трчав 10 км. на KoloRRun трката, а во неделата на 02 октомври, успеав да го истрчам полумаратонот од 21 км. на Skopje Marathon. Овој вториов, беше навистина исцрпувачки и голем предизвик, но, ептен ми ги наполни батериите, со среќа, со радост, со она чувство кога си капнат преморен, а одиш како да не газиш по земја.
* Во објавата напишавте: „Сакам на сите да ви дадам поттик и ветер во грб за да не се предавате“, кој е вашиот „ветер во грб“?
- Мојот „ветер во грб“ и вечна мотивација ми се луѓето кои никогаш не се откажуваат, луѓето кои одат против правилата дека ти останува уште „еден месец за живеење“, луѓето кои секојднево несебично покажуваат како да се подобри квалитетот на животот, луѓето кои ги сакаат луѓето, животните, природата, животот ...
* Отсекогаш сте трчале и сте биле физички активни, или тоа го практикувате по операцијата?
- Откако паметам за себе се занимавам со некоја спортска активност. Како дете започнав во играорна, во основно вежбав одбојка, а во средно ракомет. Кејот на Вардар често знае да ме измами да истрчам некој километар, а пред короната во 2019 го истрчав и првиот полумаратон.
* За жал многу голем број на жени и девојчиња се соочуваат со истата болест, како би ги охрабриле, која би била вашата порака до нив?
- 1. Ставете си потсетник во вашиот календар – ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ПРЕГЛЕД ЕДНАШ ГОДИШНО на гради и матка, не чекајте да излезе некое „топче“ или крварење, не оставајте ништо на случаноста и никако не се срамете да побарате и второ мислење, па и трето нема да биде на одмет.
2. Дијагнозата не ве дефинира вас како човек, тоа е само моментална состојба, која треба да ја надминете и да ја победите.
3. Бидете најдобрата верзија од себе, постојано up-date-увајте се според новонастанатите ситуации и НИКОГАШ НЕ ОТКАЖУВАЈТЕ СЕ!!!
Наталија Миланова
Фото: Приватна архива