По ударот, истрчав да ѝ пружам помош на Викторија, го довикував нејзиното име, но, не реагираше – Леонид Даов за несреќата на пешачкиот премин кај Сити мол, во која животот го загуби неговата девојка

Четврток, 20 јануари. Додека Леонид бил на работа, неговата девојка Викторија, учела за постдипломските студии. Попладнето, заедно го подготвиле омиленото јадење. Потоа решиле да одат на шопинг во Сити Мол. На враќање, на пешачкиот премин, ги удира автомобил.

Леонид Даов и Викторија Николова, која им подлегна на повредите, се разделуваат засекогаш.

Десет дена по овој кобен настан родителите, роднините, пријателите положија цвеќе и запалија свеќи за 24 годишната Викторија на истото место кадешто го загуби животот. Преку мирниот протест побараа да се стави крај на безобзирното и неказниво возење по улиците и да се подигне свеста на учесниците во сообраќајот. Меѓу нив беше и Леонид (24), студент на факултетот за информатички науки и компјутерско инженерество во Скопје, вработен како програмер во програмерска компанија.

Солзите постојано му се тркалаа по лицето додека стоеше покрај родителите на Викторија. Сите беа скршени од болка.

* Пешачкиот премин е за преминување од една страна на улицата на друга, а не премин од овој на другиот свет, е една од пораките на мирниот протест. Која е вашата лична порака?

- Пешачките премини и тротоарите се единственото место каде пешаците треба да се чувствуваат безбедно.

* Како се чувствувате, имате ли болки од повредите со кои се здобивте во несреќата?

- Може да се каже подобро. Првите денови по незгодата, физичките болки беа интензивни. Сега полека стивнуваат.

Љубовната приказна започна пред четири години

* Успевате ли некако да се носите со тагата?

- Искрено многу ми е тешко. Болката е огромна. Се трудам да мислам на сите убави заеднички моменти со мојата Викторија. Но, тоа не ја намалува тагата.

* Кога започна вашата љубовна приказна?

- Нашата љубовна приказна започна пред четири години. Се запознавме преку заеднички пријатели. По неколку дружби и забави, решивме да бидеме во врска.

* Со што ве освои, кои беа нејзините доблести?

- Викторија зрачеше со позитивна енергија, убавина. Со позитивен став гледаше на работите. Имавме исти сфаќања за многу нешта. Таа беше многу паметна, грижлива, внимателна, дружељубива, снаодлива. Ја красеа многу епитети. Едноставно поседуваше сé што ја красат една добра и комплетна личност.

Ја изгубив едната половина 

* Може ли да ни го опишете последниот ден, од утрото до часот на кобниот настан. Каде го поминавте, со што ви беше исполнет?

- Како и секој работен ден, станав и се подготвував за на работа. Викторија ми направи појадок. Го земав и заминав. Додека бев на работа, таа учеше за предметите кои требаше да ги полага на постдипломските студии. Се вратив од работа и го подготвивме едно од нашите омилени јадења. Ручавме и одлучивме да отидеме на шопинг во Сити Мол. На враќање, за жал се случи кобниот настан.

 * Како реагиравте во првите мигови по ударот?

- По ударот веднаш се најдов на земја. Прва помисла ми беше како е Викторија. Додека лежев веднаш го свртив погледот на десно и видов дека таа е многу оддалечена од мене. Собрав сила, станав и истрчав кај неа, за да ѝ пружам помош.

* На кој начин сфативте дека вашата девојка има смртни последици? 

- Сфатив кога го извикував нејзиното име, но таа не реагираше. Длабоко во себе се надевав на спротивното.

* Кои соништа и планови ви ги уништи овој трагичен настан?

- Викторија дипломираше на филолошки факултет, отсек англиски јазик во Штип со најголем просек во генерацијата. Беше запишана на магистерски студии. Работеше секое лето по програмата за размена на студенти во Германија. Сакаше да ги заврши магистарските студии и сонуваше да стане професор по англиски јазик. Планираше повторно работа во Германија. Во план ни беше и прво заедничко патување.

* За што најмногу жалите? 

- Жалам, што Викторија не успеа да ги оствари своите соништа, што замина прерано. Жалам затоа што ја загубив едната половина - мојот животен сопатник. Жалам зашто сите ние изгубивме една прекрасна личност, која секој треба да ја има во својот живот.


Соња Алексоска Неделковска