Почина Енвер Малиќи: Џентлмен кој велеше никогаш не откажувајте се

Утрово од компликации предизвикани од коронавирус почина Енвер Малиќи, заменик градоначалник на Скопје и познат долгогодишен бизнисмен. 

Беше еден од најбогатите стопанственици во нашата држава, сопственик на компанијата Гемак Трејд која во е една од најголемите дистрибутерски куќи во земјата и работи со неколку познати светски брендови. Со оваа компанија изгради империја и се прошири и на пазарот во Косово и Албанија. 

Овој човек имаше стил - и на однесување и во облекување и во поглед на неговиот светоглед. Секогаш со насмевка, стабилен, одмерен, едноставно господин со паметна мисла и добар збор. Енвер Малиќи почина утрово од компликации со коронавирусот, а македонскто општество изгуби личност која важеше за пример.


Но, неговата успешност не застана тука. Малиќи го поседуваше и луксузниот Парк Хотел и Спа, кој се наоѓа на кејот на Вардар како и хотелот „Next Door Park“. 

Интересно е тоа што пред извесно време се вкучи и во политиката па назначен беше за  заменик-градоначалник од страна на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Но, највпечатливо за него е секако именувањето на почесен конзул на Мексико во Македонија од претседателот на Обединетите Мексикански Држави. 

Беше прогласен и за маж на годината во категоријата стил, а неговиот стил на облекување не можеше, а да не биде забележан. Елегантен, со космополитски дух.

Во една прилика изјави: 

„За мене е бесценето искуството што го собрав работејќи во Германија. Работејќи таму успеав да го научам и јазикот од кој имав голема корист во бизнисот. И не само јазикот, таму се здобив и со работни навики, одговорност за работата и како да бидам упорен и во потешките мигови. Ако сакате да бидете успешни во тоа што го работите, неопходно е да бидете и добар визионер. Со силна волја и решителност секој може да се снајде и во најтешките ситуации. Девизата што ја применувам во текот на мојот живот е: „Никогаш не откажувај се“. Но иако ментално размислувам како Германец, сепак, од нив се разликувам во една работа.Германците живеат за да работат, а јас работам за да живеам“.


Фото: Архива-Женски магазин/ Фејсбук-официјален профил Артан Груби/официјален профил Шилегов