Поддршката од семејството е исклучително важна за успехот на една жена: Одблиску со Билјана Јовановска

Добивај вести на Viber

Денес се запознаваме одлблиску со Билјана Јовановска - директорка на Агeнција за вработување на Република Северна Македонија. Таа ни раскажа како е да се биде на лидерска функција, за најновите активности кои се преземаат во АВРСМ, но и за семејната Велигденска традиција која таа и нејзиното семејство ја негуваат.

*Процентот на жени на високи позиции во Македонија, е далеку од европскиот просек. Какво е чувството да се биде на позиција директор на АВРСМ, какво е Вашето искуство како жена која има лидерска позиција? Се соочувате ли со предрасуди, омаловажувања?

- На раководната функција гледам исклучиво од аспект на врвна одговорност пред должноста и обврските, и исклучиво така и ја доживувам - како предизвик на кој мора да одговорам со сите професионални капацитети, работни и етички принципи. Во однос на партиципативноста на жената во управувачките структури сметам дека тој тренд треба да се движи по нагорна линија, и се повеќе да исчезнуваат рецидивите од традиционалната распределба на улогите во општеството. Јас потекнувам од семејство каде правата и обврските уште во далечното минато се уживале според карактерот, амбициите, способностите, а не според половата припадност, па од тука можеби и мојата енергија да се носам со сето ова. Исто така според мене од исклучителна важност за успехот на една жена е и подршката од семејство. Ако една жена, сопруга, мајка, не живее во страв и со чувство на вина кога нема да успее да го направи дома омилениот ручек, нема на време да биде испрана омилената кошула,  не успеала да ги гушне најсаканите пред да заспијат, туку напротив секогаш ќе добие насмевка, подршка и благодарност за нејзиното присуство и ангажман, неминовно е дека таа ќе успее. 

-Во однос на мојата, како што велите „лидерска позиција“ во АВРСМ, можам само да кажам дека се чувствувам како прва меѓу еднаквите. Горда сум на моментот што во Агенцијата 51 % од раководните позиции ги имаат жени. Исклучително ме радува фактот што во меѓувреме се зголеми бројот на жени во управувачки структури. Особено ме радува тоа што во мојата професионална работа досега не сум имала никакво негативно искуство поврзано со родовата припадност, ниту сум се соочила со какви било предрасуди врз таа основа. Јас од 2013 година сум и претседател на политичка партија што за мене е навистина голема обврска, но и задоволство. И на ова поле не се соочив со потешкотии и проблеми од аспект на  дискриминација или предрасуди затоа што сум жена. Сметам дека денес има  доволно простор, демократија и волја во државата, во системот секоја жена што сака, умее и знае да се избори за својата позиција во професијата, во политиката и на секое поле.

*Дали и колку Вашата работна позиција Ви остава простор и време за приватноста, може ли подеднакво добро да се справувате на двете полиња, или сепак работната позиција бара поголема посветеност?

-Слободно време останува многу малку, бидејќи обврските не завршуваат со формалното завршување на работното време. И кога сум во домот дел од моите работни обврски продолжуваат. Од самата личност зависи како ќе се организира за да обезбеди рамнотежа во двете полиња - и работното и приватното. Времето денес е најскапиот ресурс, а работната и животната димнамика е жестока. Честопати на сите ни недостига оној фамозен „еден час“ за да ги завршиме сите обврски. Мојата формула за успех на двете полиња се темели на секојдневен „ребаланс на времето“ и максималната подшката на семејството. Без нив јас немаше да бидам тоа што сум и многу сум им благодарна. Нивниот успех и среќа во нивните обврски и работни задачи без да очекуваат од мене дека јас треба да учествувам во сето тоа во континуитет, туку напротив се повеќе ме ослободуваат и ми помагат во обврските,ми дава простор за поголема посветеност и ангажман во работата и професијата.

*Дали и какви потешкотии Ви донесе пандемијата во работата?

- Секако дека донесе, како што донесе и во сите други сегменти на општеството. Поради актуелната ситауација, донесени се сет економски мерки кои во многу сфери се поврзани и со делокругот на работата на АВРСМ. Во моментов работиме со зголемени професионални обврски. Покрај тековните активности на Агенцијата и работните операции поврзани со бројни активни мерки за вработување, сега сме посветени и на многу други задачи кои произлегоа од актуелната ситуација. Во моментов се потпишуваат договори за практиканство каде млади лица до 34 години ќе изведуваат практична работа кај приватни работодавачи, а при тоа покрај стекнување на пракса ќе добиваат месечен надомест од 9 000 денари. Исто така се потпишуваат и договори со правни субјекти за нови вработувања со финансиска подршка за субвенции на плати до 12 месеци или набавка на опрема и репро материјали. Минатата седмица потпишавме договори за финансиска подршка на компании и заштитни друштва кои вработуваат лица со посебни потреби.Сите колеги сме посветени на работењето во интерес на граѓаните, а при тоа почитувајќи ги мерките и препораките на Владата.

*Како го поминувате времето во изолација?

- Времето во изолација го поминувам со работните обврски и во позитивни мигови со семејството. Тоа се оние прекрасни моменти кога сите сме заедно, тоа се бесценети моменти на топлина и на исполнет дом, релаксирани разговори во кои споделуваме сите нешта што претходно сме ги пропуштиле поради динамиката на работните и училишни обврски. Признавам ми недостасуваат дружбите, прошетките, седенките, но за сметка на тоа завршив и обврски кои одамна требаше да бидат завршени, како средување сметки, документи и фиоки со најразлична (одамна непотребна) содржина. Се разбира тоа не го направив сама, сопругот и близнаците имаат голем удел во тоа, впрочем најголемиот дел беа нивни работи.Заедно да учествуваме и во подготовка на пити, крофни и друга храна која не ја подготвувавме често,  да гледаме филм,да играме карти, да се слушнеме со блиските, да си посакаме изолцијата што поскоро да заврши, и сите повторно да се сретнеме во добро здравје.

*Како ги поминувате Велигденските празници, имате ли посебна семејна традиција и колку ќе се промени во услови на препорачаните мерки за самоизолација?

- Изолацијата не влијае на начинот на кој го прославуваме најголемиот христијански празник Велигден. Препораките се во интерес на нашето здравје, па јас и моето семејство беспрекорно ги почитуваме. И покрај тоа што празникот не можевме да го дочекаме во некој црковен храм поради актуелните мерки, сметам дека секој дом во кој се негува верба, љубов, почит и разбирање, е достојно место да се прослави Воскресението. Семејна традиција ни е и велигденскиот ручек, не во смисла на гозба, туку на семеен собир, на истакнувањето на важноста на духовната храна - вредностите и доблестите кои човека го го прават човек, а семејството една голема хармонична заедница, во која тие вредности се пренесуваат од генерација на генерација.

За крај Билјана Јовановска препорачува украсувањето на велигденски јајца секогаш да им го препуштете на најмладите членови на семејството. 
„Ќе се изненадите од нивната креативност. Нема ништо поубаво од тоа кога со нивни раце ќе ја направат најинспиративната велигденска декорација, бидејќи и самите ќе бидат посебно мотивирани поради фактот што сте им ја довериле таа креативна задача и празнично задоволство.“


Љ.И

Oд новата рубрика „Одблиску со жени лидерки“ прочитајте и:

Изолацијата не треба да се сфати како казна, туку како превенција: Одблиску со Марија Бошковска Јанковски

Малку време имав за радостите на празникот Велигден: Одблиску со Нина Ангеловска