ПОДГОТВЕНИ ЗА ПЛАЖА?

     Како се наближува летото, деновите, часовите, минутите, како сѐ побрзо да поминуваат, а времето за подготовка за плажа е сѐ пократко.
  За нас спортистите и тренерите многу чудно, но за добар дел од вежбачките многу нормално е да се појават во сала „пет до дванаесет“ и да го постават едно од најчестите прашања: „За колку време ќе успеам да се затегнам, ослабам, направам мускулчиња“?! Во потрага по волшебната формула за инстант тело за лето, за што пократко време, на што полесен начин, по можност без многу труд и мака!? Не дека такво нешто не е можно, но само со ФОТОШОП!
  Сега е модерно време, сега има толку многу нови модерни и чудесни методи, апарати, „волшебни напитоци“ и што ли уште не, па оние што се во потрага по инстант резултати знаат добро да се залетаат и да си направат големи штети на здравјето во обидот да дојдат брзи резултати. Но, после одредено време доаѓа до непријатно „будење“. По инстант резултатите (доколку воопшто успеале да дојдат до нив со ригорозни режими на вежби и диети), си ги враќаат, а често и ги надградуваат килограмите, се враќаат на нормала (ако успеале некако да го зачуваат здравјето по шоковите врз организмот од чудесните методи за резултати „преку ноќ“).


                    „БОЛНАТА“  ВИСТИНА Е: НЕМА РЕЗУЛТАТИ ПРЕКУ НОЌ!
  И нема резултати без труд и мака. Нема добра линија и витко, витално и здраво тело засекогаш, доколку не одите по ВИСТИНСКИОТ ПАТ, денес, утре и понатаму до крајот на животот.

  Откако го утврдивме ова, а ако се уште не сте го направиле тоа, подгответе ја спортската опрема и ВЕДНАШ НА ТРЕНИНГ!


Сменете некои од лошите животни навики, како што е легнувањето доцна, исцрпувањето на организмот со форсирање на работа, па дури и преголемото форсирање на тренинг, заменете ги лошите навики во исхраната со здрав начин на исхрана и тоа не како ригорозен режим кој е наменски и временски ограничен, туку здрав начин на исхрана секој ден. Хранете се редовно со три оброци и една до две ужини. Бидете активни и движете се секој ден и практикувајте тренинзи како аеробик, пилатес, јога, фитнес, итн., минимум два пати неделно.


  Во однос на вежбите, важно е не само да се ограничувате на тренинзи кои го топат масното ткиво, туку треба да бидат застапени и вежби за тонирање (затегнување) и фино обликување на мускулатурата, вежби за развој на флексибилноста, рамнотежата, силата, издржливоста, итн. Во желбата да коригирате одредени недостатоци на телото, можете да се фатите во замка да форсирате со вежбите целосно насочени во тие делови од телото и да запоставите сѐ останато. Немојте никако да го правите тоа. Вежбајте го целото тело, а секако можете да ставите малку повеќе акцент онаму каде што имате слабост.


  ВЕЖБАМ СЕКОЈ ДЕН, ПЕШАЧАМ, СЕ ДВИЖАМ, А РЕЗУЛТАТИ НЕМА!?

  Еве уште една важна работа, а тоа се ЗОНИ НА РАБОТА. Често може да слушнете како некои луѓе велат дека нон стоп пешачат, многу се движат, но немаат резултати. Нема ни да имаат доколку не знаат што прават, односно доколку го прават тоа на погрешниот начин. Во зависност од зоната на работа во која работи срцето, телото троши различни извори на енергија. Границите на зона на работа се поврзани со возраста. Ќе ја спомнам тука аеробната зона на работа во која телото како извор на енергија троши масти. Без разлика дали одите брзо, трчате, возите велоспипед или практикувате некоја друга активност, доколку целта ви е топење на масти, потребно е во текот на целата активност да го следите бројот на отчукување на срцето и да гледате да не оди под долната или над горната граница на аеробна зона. Значи да потенцирам уште еднаш, не е важно само да правите нешто, туку да знаете што правите!



И бидејќи ни останува уште малку до актуелниов годишен одмор, сите оние што се активни 365 дена во годината, сосема им е нормално да се во одлична форма во текот на целата година вклучувајќи ги и деновите од летниот одмор и тоа без некаков посебен ригорозен, наменски режим. И секако, немаат потреба од некакви посебни подготовки. Останатите кои НЕМАЛЕ ВРЕМЕ(!?) за себе, а не почнале во најдоброто време за започнување – „ВЧЕРА“, им советувам да почнат во следното „најдобро време“ – ДЕНЕС!

  Бидете мотивирани, бидете дисциплинирани, а посебно бидете позитивни и здрави и згодни уживајте на плажа ова лето!



 Поради големиот број прашања што сум ги добивал во текот на кариерата, во сферата на спортот,рекреативното вежбање,мотивацијата, исхраната, итн., одлучив да го споделам моето знаење и искуство во колумна и во авторска книга во издание на Просветно дело. Доколку имате дилеми и прашања поврзани со темата истите може да ги пратите на нашите социјални профили, а дел од поставените прашања ќе бидат одговорени во самата книга.

*Авторот, спортист и тренер, проф. Лазар Иванов, креатор на супер ефикасната фит програма ЕКСТРИМ ФИТ, целиот свој живот го посветил на вежбањето и здравјето. Неговите тренинзи досега ги практикувале десетици илјади рекреативци и спортисти. Текстовите се извадок од неговото богато искуство во спортот и спортската рекреација. Текстовите извираат од личните искуства како вежбач-ученик, спортист, тренер кој научил многу од своите ментори, од личните спортски искуства, но секојдневно учи и од своите вежбачи. Тренер кој никогаш нема да прекине да учи и да го пренесува наученото.

Проф. Лазар Иванов, професионален тренер по Микс Аеробик и Фитнес

Сите права се задржани