Помалку седење на социјални мрежи, повеќе поминување време во природа: Зарина Првасевда во време на изолација издаде песна

Добивај вести на Viber

Песна снимена првично во 1984, заживува со помош на кристално чистиот вокал на Зарина Првасевда, која времето во изолација го искористи за снимање албум, во кој соработува со Васил Хаџиманов, Ратко Даутовски, Оливер Јосифовски, Благојче Трајковски и многу други

За време на изолацијата, нашите уметници времето го поминуваат во создавање дела. Една од нив, препознатлива по својот кристално чист вокал, која на специфичен начин преку изведба на традиционални македонски песни, знае да допре до срцата на слушателите на нејзината музика, Евгенија Здравевска, попозната како Зарина Првасевда, ја промовираше првата песна од својот прв албум.

Ние ја контактиравме Евгенија која во моментов е во Скопје, а во изминатиот период беше во изолација месец дена во село во кичевскиот регион, а потоа во Демир Хисар.

* Времето во изолација го поминува во креативна приказна и работа на албумот, а на сите читатели на почеток на интервјуто за како полесно да го поминат периодот на изолација им пренесе:

- Она што сакам да го порачам на сите читатели на Женски Магазин е што помалку седење на социјални мрежи или пред телевизор, повеќе поминување време во природа, во вежби и добра музика. Им посакувам на сите читатели пријатно патување со „Солуненка“ и со целата моја музика.

* „Море моме солуненке“, е насловот на нумерата која е невозможно да ја чуете, а да не си ја потпевнувате после тоа цел ден.

- Песната потекнува од Егејско, важен дел од историскиот период на Македонија, регион кој сега е дел од Грција, место каде има жива традиција, фолклор, Македонци кои живеат таму и оваа песна им ја посветувам нив-истакна Евгенија. Песната за прв пат е снимена во 1984 година, во МТВ, од страна на Марија Димкова, која сега има 80 години и беше неизмерно среќна што еве повторно, таа песна ќе заживее.

* Од тој регион на албумот, кој ќе содржи 11 песни, има уште една песна, затоа што како Евгенија вели, се чувствува посебно поврзана со начинот на кој песните се изведуваат таму. Песната е најава за албумот „Билбил пее во планина“, идеја која потекна од истоимената песна изведена на Пелистер, која беше отскочна даска за текот на кариерата на Зарина Првасевда, албум каде има и песни изведени на различни јазици. Ја запрашавме Евгенија кој е целиот тим околу албумот.

- Дел од тимот на албумот е Дарко Фурнаџински, моја вечна инспирација, музичар кој свири 13 традиционални инструменти, вели Зарина Првасевда. Аранжманите  на повеќето од песните се дело на Александар Петров. Тој работеше со некои од музичарите со кои и јас имав желба да работам, така што во албумот се појавуваат- Васил Хаџиманов, Исамил Лумановски, Благојче Трајковски, Ратко Даутовски. Тука се и Филип Михајловски, Дејан Цветковски, Оливер Јосифовски, Гоце Димовски.

* Албумот се снимал во студиото на Анѓел Ќосев, Подрумот, Ѓорги Вацев ги снимал видеата, истакна Евгенија и додаде уште една порака за крај до сите читатели:

- Во моментов се работи на постпродукција на песните, сите се снимени.Она шо сакав да го кажам, а беше мојата порака и минатата година кога бев на Алпите, не престанувајте да сонувате. Не е важно од каде си, не се концентрирајте на мислењето на другите луѓе за тебе, сонувајте и верувајте во својот сон, соништата на крајот стануваат реалност, а тоа го докажува и мојот прв албум.

Неда Маретиќ