Поради фудбалските обврски на Дарко жртвуваме многу, но важно е што ние тројца сме секогаш и секаде заедно: Тамара Чуприна за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Долги години беа во врска, лани ја крунисаа љубовта со брак, а денес се среќни родители на малиот Ведран.

Тамара Чуприна е понежната половина на македонскиот репрезентативец Дарко Велковски . Во денешното интервју таа ни открива дел од нивниот живот, како е да се биде сопруга на фудбалер, ни ја раскажа нивната љубовна приказна како го негуваат бракот, но и како новата животна улога ја променила и влијаела на неа.

До крајот на мај место на живеење на Тамара и Дарко е Опатија, Хрватска, а каде потоа ќе ги однесе фудбалот, не се знае, ни откри Тамара, меѓудругото во интервјуто.


*Неодамна се остваривте за прв пат во улогата на мајка. Колку мајчинството ја промени Тамара?

Пред точно 3 месеци ја добив најважната улога во животот, за прв пат се остварив како мајка. Мајчинството тотално го промени мојот живот, а ме промени и мене се разбира секако на позитивно. Сега најпрво сум фокусирана на Ведран а потоа се останато.


*Какво бебе е Ведран?

-Ведран е доста захтевно бебе и секогаш сака се да му е на време, сака целото внимание да му е посветено на него.


*Како се запознавте со Дарко, раскажете ни ја вашата љубовна приказна...

-Со Дарко сме 7 години заедно, се запознавме сосема случајно преку еден негов пријател тоа беше баш љубов на прв поглед, ме освои на првото наше заедничко кафе (се смее), после некое време почнавме врска и не можев да замислам дека баш еден ден тој ќе биде мојот вечен сопатник.

 

*Како се снаоѓате во мајчинството, имате ли помош од некој

-Дарко повеќето време од денот го поминува на тренинзи па кога е дома колку може ми помага околу Ведран, сега засега сѐ уште немам помош од некој друг околу Ведран го гледаме и се грижиме за него само јас и тој.

*Како го негувате бракот – колку се почитувате, кој е подготвен прв на компромис?

Бракот всушност е и компромис, ако немате меѓусебно разбирање и ако не сте подготвени понекогаш и да попуштите тогаш навистина е тешко. Ние сме постојано заедно освен кога Дарко е во карантин или има обврски околу репрезентација, живеевме долго заедно и пред да стапиме во брак. За да го негувате бракот најпрво треба да има љубов, па потоа трпение, откажувања и компромиси, ние во тој поглед одлично функционираме. Сега Ведран е тој што е главен и целото внимание му го посветуваме на него, но гледаме што почесто да излегуваме и уживаме во деновите на море во Опатија додека не заминеме некаде на друго место.


*Како е да се биде сопруга на фудбалер – колку сериозно го сфаќате Вие тоа?

Колку и да звучи чудно навистина е тешко да се биде сопруга на фудбалер, понекогаш поради професионалните обврски на Дарко ние жртвуваме многу моменти. Времето не можеме секогаш да го планираме како сакаме. Постојано се ориентираме според него и неговиот распоред. Сепак на него му е тоа најголема љубов и јас и Ведран секогаш ќе го следиме и поддржуваме во кариерата.

*Што за вас како жена на фудбалер е предност а што недостаток ?

-Како што кажав, недостаток е тоа што навистина некогаш жртвуваме многу важни моменти, колку и да сакате не е возможно секогаш да се поклопат коцките кога се работи за одмор, патување, дружби, семејни собири затоа што распоредот на Дарко е навистина нешто што мора да го следиме. Поради неговите ангажмани домашните не можат да нѐ гледаат и нас а и Ведран кога ќе посакаат, но сепак убавото е во тоа што се радуваме на неговите успеси а всушност ние тројца сме секогаш и секаде заедно а тоа е најважно.


*Каде живеете моментално?

Моментално живееме во Хрватска, Опатија тука сме до крајот на Мај. Потоа ќе видиме каде ќе не однесе фудбалот (се смее).

*Што ве исполнува, мотивира во животот, некое хоби, што сакате најмногу, дали преферирате излегување или повеќе би уживале во домашна атмосфера?

Сега најмногу ме исполнува времето поминато со Ведран, верувам дека сите би се согласиле дека од ова нема ништо поубаво. Навистина понекогаш е многу тешко бидејќи ние сме сами немаме помош од никој, ама нема поубава улога во животот од тоа да се биде мајка. Сакаме да излегуваме и двајцата - и јас и Дарко, тоа најчесто се случува кога сме дома во Македонија, но подеднакво ни се важни и фамилијарните собири бидејќи и тоа ни фали и тоа не можеме да го правиме секој ден со оглед на тоа дека не живееме во Скопје.


*Колку ти останува време за женски ритуали, посета на козметички салон, кафе со пријателки, како ја негуваш внатрешната и надворешната убавина?

Секогаш се трудам да најдам време за себе. Нормално дека тоа беше почесто пред да станам мајка тогаш имав повеќе време, сега тоа ќе го правам кога ќе дојдеме дома и кога бабите и тетките ќе го чуваат Ведран (се смее). Ако добро го распоредите времето тогаш ќе стасате секаде.


Ирена Ставрова