Посакувам сите да бидат во хармонија со себе: Утринско кафе со Фани Гулевска

Денот ми започнува околу 8 часот. Првото утринско кафе го пијам сама размислувајќи за обврските во тековниот ден. Активна сум како личност и денот веднаш ми стартува со обврски околу двете дечиња и работните ангажмани. Организацијата ми е јака страна и секогаш денот е испланиран претходно за да успеам да постигнам на сите полиња. Здравите Навики се приоритет така што денот потоа води кон остварување на поставените цели и уживање во слободното време.

Ме мотивира убавото време, сонцето, позитивни и насмеани лица, успехот и убавата енергија. Мотивацијата ја постигнувам секојдневно правејќи го она кое ме исполнува: вежбање јога, читање интересна книга, работата и разните активности со дечињата кои прават секој ден да биде уникатен. Посакувам сите да бидат во хармонија со себе, мотивирани и да го живеат животот среќни во сегашноста исполнети со позитивна енергија и мисла, да се хранат здраво и бидат активни.

Дневните планови се секојдневната комуникација со клиентите, советување и исполнување на нивните барања во однос на исхраната и здравиот начин на живот. Подготвувам индивидуални планови и програми согласно потребите. „Здрави Навики“ како дел од холистичкиот пристап во најголема мера се грижи за промената на свеста и менување на навиките преку согледување на комплетна психо-физичка слика.

Денот ми завршува со фамилијата правејќи разни заеднички активности или практикуваме прошетка и потоа сите се одмараме. Во последно време добра книга може да ме изрелаксира многу повеќе од филм.

Карантинот влијаеше во многу погледи од мојот живот, пред се во делот на навиките бидејќи навикната сум да функционирам со многу обврски, школски и останати активности за себе и со децата. Социјалниот аспект ми недостига најмногу, комуникацијата и дружбата со блиските. Во делот на работата „Здрави Навики“ функционира и он лајн но сепак се надевам дека за брзо се ќе се врати во нормала и сите ќе може да се опуштиме и да функционираме потполно.

*Фани Гулевска - нутриционист