Посиромашни сме ние што го загубивме Влатче или оние кои никогаш не го познаваа: Емотивна промоција на необјавени песни од омилениот пејач

Влатко Илиевски денеска требаше да наполни 37 години. Омилениот на сите генерации,  музичар, водител и актер нè напушти на 6 јули, пред четири години, а денес неговите пријатели се сетија на момчето со мила ѕвезда, Влатче од „Морал“.

Неговиот татко Драган Илиевски-  Вршац, собра сили и организираше промоција на албум со познати и сосема нови, никогаш необјавени песни од Влатко, „Последното танго“.


-Денес сите го славиме Влатче. Не е лесно, но овој настан е замислен како весело дружење, какво што Влатко би сакал да види“, рече познатиот музички новинар Иван Беќковиќ, промоторот на настанот, и голем пријател на Влатко. На промоцијата, историјата на неговото дружење ја раскажа и авторот Владимир Дојчиновски-Дојчин.

-Со Влатко не бевме само соработници, туку и другари. Одевме на многу журки заедно, свиревме заедно“, рече меѓудругото Дојчин кој машки се избори да не пушти солза, исто како и Ристо Самарџиев.

-Не знам дали сме посиромашни ние кои останавме без Влатко и многу ни недостасува, или оние кои никогаш не го запознале“, рече Самарџиев кој со Влатко испеа два дуета, а еден од нив е победничката песна на „Охрид фест“, „За љубов се пее до крај“.

Токму оваа песна, беше една од трите кои Дојчин и Ристо ги испејаа, во чест на Влатко. Со неговата слика во позадина, песните кои тој со љубов ги пееше („Со други зборови“ и „Најбогат на свет“), слушајќи ги Дојчин и Ристо, многумина во публиката заплакаа. Меѓу нив и Маријана Станојковска, познатата водителка, голема другарка на Илиевски, која никогаш не го заборави својот Влатче.


Кристијан Габровски, неговиот добар пријател и соработник, раскажа за песните кои ги работеле заедно и моментите кои ги делеле. Се обратија и неговите добри пријатели, Урош Вељковиќ и Славчо Стојановски од групата „Морал“.

-Влатче беше рокер во душа, но имаше одлични поп албуми. Тој беше првиот кој успеа да ја наполни салата „Борис Трајковски“, рече Славчо потсетувајќи на големиот концерт на Влатко со многу гости, во 2009 година. 

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски