Ги игнорирам предрасудите, уживам во слободата: Интервју со Александра Илиева
Во нашата земја сè уште е невообочаено и речиси секојдневно се соочувам со прашањата од типот, како воопшто сум се одлучила за саксофонот и дали ги исполнувам „критериумите“ како девојка итн. Но никогаш не ми биле репер околностите и менталитетот, туку најчесто ја следам интуицијата и секогаш го правам тоа што ме исполнува и ме прави среќна
Александра Илиева е уште една во редот девојки кои рушат стереотипи со својата професија. Иако во светот постојат многу познати саксофонистки, оваа 22-годишна девојка е една од ретките во нашава земја која е вистински генијалец за овој инструмент. Таа дипломирала саксофонистика при Факултетот за музичка уметност во Скопје во отсекот за класична музика.
- Ако сакаш инструмент кој пее, свири саксофон. Во најдоброто издание звучи како човечки глас- вели еден од најдобрите саксофонисти на сите времиња, Стан Гетз познат како „The Sound“. Чарли Паркер пак ќе рече „ Не свири ти на саксофонот. Дозволи тој да свири на тебе“. Додека Александра Илиева ќе ни ја раскаже својата приказна за овој нејзин најсакан инструмент.
* Од каде се роди љубовта кон саксофонот? Како започна таа приказна?
- Како член на едно музичко семејство, не беше чудно што се одлучив да го пробам тој инструмент бидејќи татко ми предава часови по саксофон. Ми беше предизвик, а и бев премногу љубопитна за да останам рамнодушна и покрај тоа што клавирот ми беше прв, како и задолжителен инструмент во основно училиште. Првата средба со саксофонот ми беше на 14 години, всушност последната година од завршувањето на моето основно училиште. Пребрзо ме маѓепса и стана дел од мене, така што, предизвикот за продолжување во средно училиште без повеќе годишно познавање на инструментот кое дава повеќе бенефиции и предности уште од основно, го прифатив без никакво размислување! И цел живот сум благодарна за тој избор и поддршката од моето семејство.
* Саксофонот е необичен инструмент за девојки. Дали досега сте се соочиле со некои стереотипи или коментари по тој повод? Какво е вашето размислување на поделбата меѓу „машки“ и „женски“ работи?
- Лично, воопшто не се согласувам со наметните етикети и поделбите на „машки“ и „женски“ инструменти, тоа не постои во музичката уметност. Сепак саксофонот е современ инструмент каде што нема простор за конзервативност. Иако во нашата земја сè уште е невообочаено и речиси секојдневно се соочувам со прашањата од типот, како воопшто сум се одлучила за тој инструмент и дали ги исполнувам „критериумите“ како девојка итн. Но никогаш не ми биле репер околностите и менталитетот, туку најчесто ја следам интуицијата и секогаш го правам тоа што ме исполнува и ме прави среќна.
* Каква енергија носи Александра, во каква музика најмногу се внесувате и сакате да слушате, но и да свирите?
- Класичната музика мене ме изгради како музичар-изведувач. Почнувајќи од основно училиште сè до завршувањето на моето студирање како дипломирана саксофонистка на отсекот за класична музика, дефинитивно се пронаоѓам во класиката. Но секогаш ги отварам хоризоните за истражување и уживање во другите жанрови на музика. Така настанаа и моите почетоци на снимање и постирање кавери на мојот YouTube канал.
* Која била најчудната (најинтересната) реакција кај публиката кога виделе како свирите познати хитови од Ед Ширан, Мартин Гарикс.. но дека знаете и класици и народно?
- Никогаш не сум се ограничувала искучително на еден жанр на музика, како што веќе споменав, премногу сум љубопитна кога станува збор за музиката. Како што уживам свирејќи ја и презентирајќи ja, така уживам и во најразличните реакции кои ги добивам од луѓето, кои за моја среќа се биле секогаш позитивни, па дури и смешни, зависно од околностите.
* Често настапувате во група со вашето семејство- како три ќерки и татко. Може ли да ни раскажете нешто повеќе за тоа?
-Така е. Всушност така започнаа и моите јавни настапи или по нашки наречено „тезги“ со „Дикато бенд“. Името на бендот потекнува од првите иницијали на имињата од членовите на семејството, секако вклучувајќи ја мајка ми и фамилијарното презиме. Ние како бенд постоиме веќе шест години. Бендот се состои од следните интрументи: клавијатура, виолина, вокал и саксофон. Татко ми, кој исто така е дипломиран музичар при Факултетот за музичка уметност во Скопје ни беше ментор и го основа бендот. Највозрасната од нас трите сестри е виолиниската која исто така е дипломирана виолинистка при ФМУ. Втората сестра е вокалот на бендот и таа е дипломирана балерина на ФМУ. Меѓусебната поврзаност ни е силна страна бидејќи сепак сме семејство, се познаваме најдобро пред сѐ како личности, па тоа ни ја овозможува слободата и сигурноста, како и емоциите кога изведуваме и соработуваме на сцена.
* Кога не би била музичар, би била...?
- Немам идеја. Никогаш немам размислувано за тоа но, сепак би било нешто поврзано со уметноста.
* Цитат кој ве опишува/ Мото по кое се водите ?
- Не сум голем фан на тие работи, знаат да бидаат мотивирачки ама сите ние сме автентични и само нашите дела и одлуки може да не креираат и дефинираат.
* Опишете се со еден збор.
- Саксофонистка.
Даница Караташова