Снежана Јовановска Димитрова која живее во Хелсинки открива зошто Финците се среќни луѓе

Добивај вести на Viber

Новиот извештај за среќата во светот на Обединетите Нации ја рангираше Финска на првото место, осма година по ред. Финците го оценуваат својот живот како особено задоволувачки со просечна оценка од 7,74 од можни 10 поени. Благодетите што ги нуди оваа земја ги чувствува и Снежана Јовановска Димитрова, која живее и работи во Хелсинки, главниот град на државата.

- Тие се среќна нација. Кога државата е средена, постојат закони еднакви за сите, без корупции и привилегии. Државата е средена на секој план, нема бездомници, затоа што се згрижени, земаат пари за живот од социјалната служба. Државата им го плаќа станот. Нема граѓанин кој не е здраствено осигуран. Сите вработени се осигурани и имаат доста силни синдикати, кои се грижат за работниците. Во месецот земаат плата, еднаш или двапати, зависно од фирмата. Нема доцнење за исплата на платата. Ако не се исплати на денот кој е запишан во договорот за работа, работникот може да пријави и фирмата да биде затворена и да плати парична казна за непочитување на договорот. – вели Јовановска Димитрова и појаснува дека нема работа на црно затоа што казните се огромни и работодавците не ризикуваат.

- Вработените користат одмор од една недела во зима и четири недели во лето. Додека децата во секое годишно време имаат по една недела одмор плус летниот. Училиштето им е бесплатно, со ручек, ужина, книги, прибори и сé што е потребно. Родителите им купуваат само ранец. И престојот во градинката е бесплатен. Нема чекање пред шалтери за наплата или вадење на некои документи. Сé е онлајн, па дури и обнова на пасош, лична карта, возачка, банковна картичка. Сé ти доаѓа на домашна адреса. Патарини не постојат, но, плаќаме данок за движење низ автопатите кои се осветлени секаде низ земјата. Сакаат природа, шуми - коишто тука ги има доста и секој момент го искористуваат да се надвор. – открива Снежана.

Посебна причина да ја напушти Македонија и да се пресели во Финска не постоела. Била вработена, а со сопругот живееле во куќа.

- Мојот сопруг, кој беше пензионер, доби понуда да работи во Финска и ја прифати. По две години дојдовме со синот. А следната година се пресели и нашата ќерка. Прво почнав да го изучувам јазикот кој првпат го слушнав таму. Во рамките на училиштето имавме говорна и работна пракса. По професија сум моден дизајнер и бев одлично прифатена од целиот тим. По препорака на мојата шефица имав и своја ревија, која ја организираше тогашната фирма каде бев практикант, а подоцна и вработена. Колегите беа прекрасни и се трудеа да го совладам јазикот. Имавме голема почит еден кон друг. По две години работа поради сплет на околности и некои животни настани ја сменив професијата. – вели таа и дополнува дека немала проблем и со адаптацијата на климата во Финска.


- Ја сакам зимата и снегот, бев едноставно воодушевена. Екстремно студените зими лесно ги поднесов, затоа што секаде има греење, и во јавниот превоз и на паркинзите за автомобили. Патиштата се чисти. Сé функционира бесппрекорно. На почетокот повеќе имав проблем во летниот период кога се белите ноќи во Финска. Нема ноќ. Но, со тек на времето се прилагодив. Кога се преселив пред 15 години Македонците не беа многубројни. Сега нé има во голем број. Работното време може да се прилагодува спрема работата. Изборот е индивидуален и се договараш кога одиш на интервју. Работам по 8 часа, од кои половина час имам пауза за јадење и е неплатен. Односно ми плаќаат седум и пол часа работа и една кафе пауза од 15 минути. Се почитува работното време и никој не смее да ти каже, на пример, да останеш плус 2 часа. Како ти е договорот така си работиш. За викенд не работам. Резервиран ми е за моите внуци од синот и ќерката. Или за излет со пријателките.

- Финците викендот го користат да се напијат, кога е лето да седнат во парк со друштво, да се опуштат, како секаде низ Европа. Во понеделник веќе сите се на работа. Имаат голема одговорност кон работата. Односот кон странците им е поделен. Некои се националисти и не сакаат странци, посебно ако не работат и чекаат пари од државата. А повеќето се супер комукативни, сакаат да научат за земјата од каде што доаѓаш. Се интересираат, дури некои и ја посетиле Македонија и се воодушевени од нашата земја. Финците не се грижат која партија е на власт и не се оптоваруваат со политика. Која и партија да дојде на власт, правата им се исти. Не се замараат со животот на другите околу нив. Едноставно си го уживаат животот како што сакаат. Немаат предрасуди кој каков автомобил вози, каде отишол на одмор, каква гардероба носи. Многумина купуваат гардероба за себе и за децата од продавници од втора рака. - открива Снежана Јовановска Димитрова.

Соња Алексоска Неделковска