Потајно си замислувавме дека ќе одиме во Холивуд: Интервју со Дамјан Митревски
Холивудски успех доживеа македонскта екипа на компанијата „В хаус анимејшн“, откако во Волф театарот во состав на Академија за телевизиски уметности и науки во Лос Анџелес премиерно беше прикажан анимиреаниот филм „Пајни: осамената елка“ . Сценариото и режијата се на холивудскиот тандем Тимоти Хутен и Тод Едвардс, а комплетната анимација, продукција и постпродукција ја изработи компанијата „В хаус анимејшн“ од Скопје.
За искуството по премиерата во Лос Анџелес, за процесот на правењето на филмот, за топлината во пораката која тој ја носи, за „Женски магазин“ раскажа Дамјан Митревски, извршниот директор на „В хаус анимејшн“.
* Како дојде до тоа анимацискиот дел на филмот да го направи македонска екипа?
- Со компанијата Hardy Howl односно со режисерите Тимоти Хутен и Тод Едвардс имаме долгогодишна соработка на повеќе различни проекти. Се познаваме добро, имаме исклучителен професионален однос, кој со текот на годините почнува да се потпира и на нашето пријателство и на взаемна доверба. Кога тие двајцата, како тим, беа ангажирани на режисерската позиција за „Пајни“, нашата компанија „В Хаус анимејшн“, беше првата која го доби повикот да се приклучи во изработката на филмот. За жал во тој момент, студиото веќе беше во продукција на други проекти и моравме да ја одбиеме понудата. За наша среќа, тие не се откажаа, едноставно инсистираа ние да бидеме студиото за изработка на филмот и беа подготвени да почекаат. После неколку месеци, во ноември 2018, „Пајни“ официјално влезе во продукција.
Премиерата во Волф театарот во Лос Анџелес
* Што ве бендиса најмногу од самата приказна? Каква порака носи сценариото на филмот?
- Приказната за „Пајни: осамената елка“ го следи необичното пријателство на 9-годишната Џорџи и нејзината омилена елка Пајни, чија единствена желба е да биде празнична, новогодишна елка во домот на девојчето. Кога Пајни по грешка ќе биде ставен во следната празнична пратка, Џорџи и нејзиниот дедо, ги поминуваат сите места со новогодишни елки, во обид да го најдат Пајни пред празниците да завршат. Она што мене посебно ми се допадна е емотивната поврзаност на елката и девојчето и како остварувањето на навидум мали желби може да води до среќа на повеќемина. На премиерата беа присутни и деца и гледајќи ги нивните реакции, но и на нивните родители, се потсетивме колку всушност имаме среќа што работиме работа која носи толкаво исполнување. Ја имаме можноста да влијаеме на развојот на младата публика и на нивната имагинација, а истовремено да создадеме таканаречен „feel good“ филм кој комплетно се претопува во предновогодишната, празнична атмосфера. Приказната „Пајни: осамената елка“ е базирана на делото на авторката за детски книги, Џејн Вест Бејкеринг, која заедно со сопругот Џеј Бејкеринг преку компанијата Haylett Entertainment се извршни продуценти на анимираниот филм. Неговата порака е дека секој од нас е посебен, важен и вреден.
Извршните продуценти Џејн Вест Бејкеринги Џеј Бејкеринг
* Moжете ли да направите споредба на анимираните филмови од нашето детство и денес?
- Анимираните филмови денес, во својата содржина и суштина, не се разликуваат премногу од тие во минатото. Единствената драматична разлика е технологијата на 21 век, алатките кои денес ни стојат на располагање во процесот на креација на ликовите, на деталите, и кои ни овозможуваат полесно и поубедливо визуелно изразување без да имаме ограничувања при експериментирањето со визуелниот приказ или реализацијата на идејата. Но, сакам да потенцирам дека и покрај сè, традиционалниот пристап во изработката на анимацијата е сè уште присутен и исклучително почитуван во оваа индустрија.
Македонската екипа со актерот Џејсон Ентони* Како помина премиерата во Лос Анџелес и кога ќе го гледаме филмот дома?
- Премиерата помина навистина одлично, на едно исклучително високо и професионално ниво, во Волф театарот, во рамки на реномираната Академија за телевизиски уметности и науки. Многу е убаво чувството кога тимот ќе добие признание за добро изработен производ, како што е исполнувачки кога ќе си го видиш логото на компанијата на најавна шпица, сред Холивуд. Можам да кажам дека можеби потајно секогаш сме си замислувале ваков момент, но да се биде таму, да се биде награден со аплаузи и честитки од луѓе од филмската индустрија со високи критериуми и истанчен вкус, е навистина посебно искуство. И дружбата по премиерата со продуцентите, со авторот, режисерите, актерите беше многу пријатна, пријателска и едукативна. Што се однесува до дистрибуцијата во Македонија, засега немаме информации, бидејќи сè уште тече процесот на преговори за правата за емитување, но верувам дека наскоро филмот ќе биде достапен на некој од познатите светски стримери као „Нетфликс“, „Амазон“ или „Епл ТВ“.
Кејти Хутен (продуцент), режисерите Тимоти Хутен и Тод Едвардс со македонската екипа
* Кои ви се плановите за следни проекти и за нивна промоција?
- Во моментов имаме неколку проекти кои се во сопственост на „В Хаус Анимејшн“ и се во процес на изработка. Едниот од нив се вика „Агент 203“, тоа е серијал од 52 епизоди и очекуваме да влезе во продукција на почетокот на 2020, а првата епизода да биде емитувана во втората половина на 2021. Тоа ќе биде прв комплетно наш производ, во копродукција со германската ЗДФ и Toon2Tango и кој ќе има светска дистрибуција, во која секако ќе биде вклучена и Македонија.
Милица Џаровска