,

Повик за пријавување на музичари за “Skopje Street Music Festival”

Скопјани ќе имаат можност да го посведочат првиот Фестивал на улични музичари “Skopje Street Music Festival”, што ќе се одржи од 21 до 24 јуни оваа година. Во четирите дена на шест различни локации, жителите на главниот град, како и сите добронамерници што ќе поминат низ него ќе имаат можност да слушнат различна музика изведена од врвни музичари, но и од аматери.

“Уличните фестивали нудат една посебна убавина и магија, пред сè заради непосредноста

и интеракцијата што се создава помеѓу изведувачите и публиката. Ваквите настани на отворено се многу значаен фактор за развој на културното живеење во градот.Нашата визија е да создадеме фестивал кој ќе ги урне стереотипите за уличната уметност и ќе ја направи квалитетната музика достапна за сите граѓани“- велат организаторите на фестивалот.

Покрај домашните, на фестивалот предвидено е да настапат и улични музичари од Хрватска, Србија и Грција. Сите заинтересирани соло музичари, музички групи и улични артисти може да се пријават на конкурсот што ќе трае до 23 мај 2018. Повеќе информации и апликацијата може да се најдат на официјалната страница http://skopjestreetmusicfestival.com. Конечната листа на изведувачи ќе биде направена по завршување на конкурсот, од страна на селекторот на фестивалот.

Организаторите очекуваат содржина која ќе биде интересна, оригинална и достојна на една метропола и која ќе ја надополни и збогати атмосферата и амбиентот на Скопје за жителите и за туристите. Со понудената програма Скопје ќе се вброи на мапата на улични музички фестивали, на која веќе се наоѓаат голем број градови од речиси сите европски земји.

Фестивалот се организира под покровителство на Град Скопје, а коорганизатор е ЈУ Конгресен Центар „Александар Македонски".