Позитив на денот: Малата Умејра ја победи битката со канцерот, ѝ заѕвони на ѕвончето на Детската клиника

Уште едно девојче ја победи битката со канцерот на Детската клиника во Скопје.

Четиригодишната Умејра заѕвони на ѕвончето и вчера среќна си замина дома кај семејството.

Пред Клиниката нестрпливо чекаа да ја прегрнат татко ѝ, браќата и останати роднини. Но, најмногу ѝ недостигаше на сестра ѝ близначка, Унејса.

Нејзината мајка, Несрин, вели дека битката против болеста била тешка, но со помош на роднините и медицинскиот персонал никогаш не се предале.

„На два месеца пред да наполни четири години, на Умејра ѝ беше дијагностицирана акутна леукемија. Тоа се случи на 17 јануари годинава. Моментот кога лекарите ни ја соопштија веста за мене беше многу тежок, за мене како мајка и за целото семејство. Фала му на Господ досега сѐ помина добро“, истакна Несрин Исени.

Несрин им порача на сите родители кои се борат со оваа болест да имаат трпение.

„Сите родители чии деца боледуваат од оваа болест треба да имаат храброст и многу трпение“, додава Несрин Исени.

Умејра уште одреден период ќе продолжи да прима терапија и да ги прави потребните прегледи. Насмеана и среќна си замина од болницата. Едвај чекаше да влезе во својот дом со семејството за да си игра со сестрата и браќата.


Фото: принтскрин видео ТВ21