ПРАЗНИЧНАТА ТРПЕЗА И ЛИНИЈАТА НА ТЕЛОТО

Добивај вести на Viber

Сите посакуваат да имаат добра линија на телото. Но повеќето само копнеат и не преземаат ништо околу тоа, а има и такви кои и те како многу се трудат, но колку е голема нивната желба да дојдат до толку посакуваната форма на телото, уште поголемо е искушението од добриот залак.

Во текот на годината има голем број на празници, а ние и те како знаеме и да поставиме и да уживаме во богата празнична трпеза, било да се тоа родендени, слави, свадби, верски празници, итн. Но кога сме кај „кочниците“, тука сме „тенки“. Се јаде и се пие на големо, како да нема утре.

Торти, колачи, алкохол, скара...

Нова Година, 1-ви Мај... 

Денот почнат со јадење и пиење, мала пауза, повторно јадење, малку одмор, па пак јадење, прејадување до бескрај. 

Немање мерка, немање план, немање дисциплина,  немање „компас“...    Немање контрола над својот живот.


Во зависност од начинот на живот, работа, активности, нашете тело има потреба од одреден дневен внес на енергија. Овде треба да внимаваме и да имаме контрола како во поглед на квантитет, така и на квалитетот на она што го внесуваме во себе. Меѓутоа, контролата е испуштена уште од најмала возраст. Или пак, воопшто и ја немало. Прашање е колку сите ние сме биле запознаени со значењето на исхраната, на нејзиното влијание пред сė во однос на здравјето, a потоа и на формата на телото. Прашање е и колку родителите се запознаени со таа материја, бидејќи за да пренесат нешто на нивните деца, треба тоа некој на нив да им го има пренесено.

    И тука доаѓаме до образованието. Дали и колку се посветува внимание на оваа проблематика. Колку во училиштата е застапена темата здравје. Храната не е само храна, таа може да биде и лек, но и болест. Дали сме запознаени со основните работи, како на пример која храна смее, а која не смее да се комбинира; колку е дневниот внес на енергија; што се јаглехидрати, масти, белковини, витамини, минерали и која функција ја имаат; начин на приготвување на храната; дали сме запознаени со значењето на водата и дневни потреби од неа, како во нормални услови, така и во ситуации кога се оптоваруваме како умствено, така и физички; дали сме запознани со последиците  од физичката неактивност и несоодветната исхрана и болестите кои произлегуваат од суфицитарната исхрана…

    Исхраната има влијание како на физичкото, така и на менталното здравје. А во однос на здравјето НЕМА КОМПРОМИС. Доколку го сакаме животот, доколку си го сакаме семејството, доколку се сакаме себе, не смееме да се опуштиме и да бидеме недисциплинирани НИТУ ЕДЕН ДЕН! Дали е „обичен“ ден или празник, мора да има РЕД и ДИСЦИПЛИНА! Мора да водиме сметка што јадеме, која количина, колку пати во текот на денот и во строго утврдено време. Не можеме и не смееме хаотично да внесуваме сė и сешто во нашето тело, без никаков ред и никаква контрола, а притоа да очекуваме да бидеме здрави.Храни се правилно, храни се здраво 365 дена во годината, бидејќи                                               ТИ СИ ТОА ШТО ГО ЈАДЕШ“


Поради големиот број прашања што сум ги добивал во текот на кариерата, во сферата на спортот,рекреативното вежбање,мотивацијата, исхраната, итн., одлучив да го споделам моето знаење и искуство во колумна и во авторска книга во издание на Просветно дело. Доколку имате дилеми и прашања поврзани со темата истите може да ги пратите на нашите социјални профили, а дел од поставените прашања ќе бидат одговорени во самата книга.

*Авторот, спортист и тренер, проф. Лазар Иванов, креатор на супер ефикасната фит програма ЕКСТРИМ ФИТ, целиот свој живот го посветил на вежбањето и здравјето. Неговите тренинзи досега ги практикувале десетици илјади рекреативци и спортисти. Текстовите се извадок од неговото богато искуство во спортот и спортската рекреација. Текстовите извираат од личните искуства како вежбач-ученик, спортист, тренер кој научил многу од своите ментори, од личните спортски искуства, но секојдневно учи и од своите вежбачи. Тренер кој никогаш нема да прекине да учи и да го пренесува наученото.

Проф. Лазар Иванов, професионален тренер по Микс Аеробик и Фитнес

Сите права се задржани