Предрасудите се пречка за жените во бизнисот: Приказната на Наташа Брешлиска

Добивај вести на Viber

Наташа Брешлиска, маркетинг и продажен консултант во повеќе домашни винарии е успешна жена која ужива во својата професија. Брешлиска е најгорда на како што вели градењето на имиџот и на домашното вино. 

„ Секој нов проект преставувал нов предизвик. Ако земеме во предвид дека мојата професионална кариера последнава деценија и директно и индиректно е поврзана со виното, сепак има еден проект во кој што заедно со уште неколку колеги и колешки сме инволвирани веќе повеќе од десет години. А тоа е градење на имиџот и препознатливоста на македонското вино во светот и негово поставување на светската винска карта рамо до рамо со вината од останатите големи вински земји“, ни раскажа Наташа.

Наташа со колешките од винскиот бизнис во винаријата „Камник“ 

За жените во бизнисот кај нас, таа вели дека иако според менталитетот и бизнис практиките сме уште далеку во споредба со високо развиените европски земји, сепак се движиме во добар правец. 

„ Се разбира, има уште многу да се работи на оваа тема, фактот што се повеќе жени многу успешно менаџираат одредени проекти, се на менаџерски позиции или пак самостојно влегуваат во одредени бизнииси, ни кажува дека сме на добар пат“.

На прашањето, кој главниот проблем со кој се соочуват жените во бизнисот, Наташа вели: „ Дефинитивно предрасудите. Традиционалното гледање и поимање на жената во нашата средина версус професионалниот потенцијал што секоја жена го носи и можноста да го пренесе тој потенцијал во професионалното опкружување“. 

„ Предизвикот ми е главен предизвик, дефинитивно“, додава таа за својата работа. „Адреналинот што со себе го носи успешната реализација на одреден проект е главната водечка сила. Знаете, кога ќе заврши одреден проект успешно, она на што се сеќавате всушност е начинот на кој што сте ги надминале и совладале препреките што довеле до тој успех, а не самиот успех како успех. Тоа ви дава сила за да продолжите понатаму и да влезете во нов проект. А што знам, можеби стануваме зависни од тој адреналин“. 

За балансот помеѓу деловниот и приватниот живот, Наташа вели дека тоа е вечна борба. 

„ Или, подобро кажано една секојдневна игра која се трудиш да ја одиграш што подобро секој ден. Еве да кажеме дека и тоа е еден од секојдневните предизвици со кои се соочуваме“.

Во тинејџерските години, Наташа имала сосема други професионални соништа. 

„ Приказната со вината започна сосема случајно или подобро кажано околностите така наложија. Ако размислам подобро, како мала, кај мене спортскиот потенцијал беше многу изразен. Штета што додека растевме и околностите во кои што се развиваше мојата генерација не беа баш наклонети за да дојде до израз тој потенцијал. Или можеби за среќа, хахаха“, додава Наташа. 

Кога не работи, среќна ја прават пријателите, патувањата и природата. „ Најголема енергија добивам кога ќе се спојат овие три. Уживам и во патувања со сестра ми. Со неа, која е исто така еден мега голем винофил, практикуваме патувања и посети на познати вински региони“, ни раскажа Наташа. Овие патувања, за неа се уникатно искуство и позитива. 

М.Џ.