Преку кампањата Sattwa, Алкалоид ќе ја подигне свеста за еднаквоста на жената во деловниот свет: Четири дами раскажаа четири успешни приказни

„Алкалоид“ АД Скопје пред денот на жената ја започнува својата нова кампања „Sattwa“. Самото мото - Самоуверена, достоинствена, еднаква - ја открива целта на истата, а тоа е подигнување на свеста за еднаквоста на жената во деловниот свет. 

Преку оваа кампања, „Алкалоид“ АД Скопје како компанија ќе се потруди да даде пример за поинаков пристап во одбележувањето на Денот на жената и секако за подигнување на свеста во јавноста за самата компанија, како деловна средина во која се цени еднаквоста и се препознаваат вредностите на кадрите независно од полот.

Од 1.832 вработени во „Алкалоид“ АД Скопје, 1.127 се жени. Четири од нив, кои работат во различни сектори во компанијата, ги споделија своите професионални, но и лични приказни. Воедно, преку своите приказни тие ги повикаа своите колешки и пријателки да ги споделат сопствените искуства на начинот на кој се соочуваат со предизвиците и се справуваат со рушењето на предрасудите и комплексностите од секојдневието. По приказните на овие четири дами ќе заклучите дека секоја од нив е самоуверена, достоинствена, и секако повеќе од еднаква!


Само со високи критериуми кон нови, повисоки достигнувања 

- „Уште за време на студиите на Фармацевтскиот факултет, моја најголема желба беше да работам во „Алкалоид“. Така и се случи. Умешноста на селектирање и на креирање нови формулации за брендот Good Nature се дел од моето секојдневие, во кое несебично ги вложив своето знаење, искуство и експертиза. Креативноста и размената на идеи во компанија во која над 60 % од вработените се жени се катализатор на продуктивноста и на иновативноста во процесите. Поставените високи критериуми ме водеа напред кон нови, повисоки достигнувања. Во сите мои деловни потфати моја најголема поддршка е моето семејство.“, открива Маја Стефкова, Менаџер за истражување, развој и регистрации во сегментот Билкарство.

Секој ден е нов предизвик, а мојата цел е да направам позитивна разлика 

- „На работното место секое утро доаѓам со позитивен став и со огромна желба да научам некоја нова вештина или да совладам нов предизвик. Во динамичното работно опкружување учам од искуството на другите, а како рамноправен член на тимот секогаш се трудам со својот придонес да направам позитивна разлика. Жената во бизнис-заедницата повеќе не е тема која предизвикува сомнежи. Жената во бизнис-заедницата покажа знаење и достоинство храбро да се соочи со предизвикот на рушење предрасуди.“, истакна Теодора Јолакоска, Референт за бизнис-планирање, контрола и известување.

Одговорна, самоуверена и повеќе од еднаква! 

- „Комплексната проблематика на мојот делокруг на работење бара следење на најновите достигнувања во медицината и нивна примена во развојот на производното портфолио на „Алкалоид“. Излегувањето од зоната на комфорот и соочувањето со ситуациите во кои треба да застанам исправено, да поместам граници и да покажам став се дел од моето секојдневие. Вербата во себе, вложувањето во сопствениот напредок, истрајноста, посветеноста и можноста деловно да се надоградувам во средина во која се ценат моите способности му даваат тежина на секој епитет кој го носи жената денес, не само како колега туку и како мајка, сопруга, ќерка, пријателка…“, вели д-р Сандра Чомовска-Мадевска, Раководител на Одделот за глобална фармаковигиланца.

Фокус, дисциплина, посветеност и упорност 

- „Прецизноста, концентрацијата и дисциплината се главните одлики на мојот работен ден. За мојата работа потребен е максимален фокус и цврста желба за приспособување на динамичното секојдневие. Научив дека пред секој предизвик мора да застанам одлучно, а посветеноста и упорноста се максимите кои ме водат напред. Успеав да ги сплотам големината на својата улога во семејството и одговорноста во средината во која работам. Големината на својата мисла и на сопствениот глас во целина која ме прави повеќе од еднаква!“, посочи Маја Лазарова, Раководител на Одделот за пакување лекови во ПЦ Фармација.

* ПР - објава