Пресреќна сум: Адријана е спортистка на годината

Добивај вести на Viber

Адријана Поп Арсова е прогласена за Спортистка на годината на манифестацијата „Вечер за жени во спортот“ која годинава се одржа по вторпат во организација на невладината организација ТАКТ.

„Пресреќна сум, Ви благодарам TAKT за прекрасната вечер“, порача Арсова која годинава го постави новиот државен рекорд на маратонската трка на Виз Ер Скопскиот маратон, подобрувајќи го своето најдобро време за седум минути.

Настанот има за цел да го афирмира успехот на сите жени кои делуваат во спортскиот сектор и се залага за родова еднаквост во спортот, еднаква финансиска поддршка и еднаква медиумска застапеност, но и иста таква рамноправна застапеност во управувачките тела и креирање на политики.

Прогласени се победнички во 12 категории. Најнадежна млада спортистка е Миа Тодорова, Анета Глигорова го има најголемиот придонес во училишен спорт, најдобар женски тренер е Жаклина Стојановска, а најдобра судијка - Ивана Пројковска. Признание за најголем општествен придонес преку спорт доби Македонската Асоцијација Бочија, најуспешна спортска менаџерка е Зорица Блажевска, а Тина Несторовска го има спортскиот подвиг на годината.

Најдобра спортистка со инвалидитет е Сара Дураку, најдобра спортистка во колективен спорт е Наташа Андонова, а во во индивидуален спорт Пулексенија Јованоска. Посебно признание за животно дело доби Индира Катратовиќ.