ПРИДОБИВКИ И ПОСЛЕДИЦИ ОД СОВРЕМЕНИОТ И МОДЕРЕН НАЧИН НА ЖИВЕЕЊЕ

Добивај вести на Viber

     Во не толку далечното минато кога мал број на луѓе имале возила, не постоеле мобилните телефони, а за интернетот не ни сонувале, времето кога родителите им правеле на дечињата топки и кукли од парталчиња, кога било вистинско доживување да се оди на кино или куклен театар, а младите девојки и момци се дружеле низ чаршијата, со сончоглед, семки и сладолед на точење во раце, а пријателските и љубовните писма пуштени по пошта се чекале цела вечност, времето кога спортските терени биле импровизирани игралишта, а надвор постојано се слушал детски џагор од дечињата кои по цел ден играле разни игри, времето кога се уживало на речните, езерските и морките плажи легнати на песок... 


За разлика од тогаш, денес модерниот и современ начин на живеење нуди голем број на придобивки кои освен позитивните страни, од нивнато прекумерно користење носат и голем број на последици.

Денес ја имаме привилегијата да ја имаме супер моќната алатка - информацијата, буквално на дланка, преку нашиот смартфон благодарејќи на кој можеме да се слушнеме и видиме со кого сакаме, овде ни е калкулаторот, поштенското сандаче преку кое праќаме и добиваме Е-писма за секунда, можеме да следиме телевизија, да „спиеме“ на YouTube  и да не набројувам бидејќи листата на придобивки нема крај.  Денес имаме модерни велосипеди, електрични тротинети и автомобили. На секој чекор имаме убави спортски терени, кафичи, ресторани. На годишен одморавионски во прекрасни хотели со „all inclusive“, а на плажите лежалки, нес кафе, коктели... Теретани со супер современи справи, системи на струја кои „магично“ без труд и мака можат да ве донесат до супер форма!?

Но денес децата сé поретко можеме да ги видиме да се дружат или спортуваат надвор. Нивниот најверен другар е смартфонот. Спортските терени, кината, театрите, шеталиштата се сé попразни и тука не мислам само на бројноста, туку на празнината од вистинското дружење, спортување, вреднување на културата, уметноста, негување на моралните вредности.


И децата и возрасните, пешаците, а не ретко и возачите, движејќи се по улиците со поглед кој не го одвојуваат од нивниот телефон. Бледи, расеани, изгубени во „прекрасниот“ виртуелен свет, како Алиса во земјата на чудата во која има СÉ, но всушност нема НИШТО!

Денес вежбачите, па и дел од тренерите со модерна опрема и неизбежно со телефонот во рака правејќи селфија на поголемиот дел од „тренингот“, очекувајќи инстант резултати преку ноќ и секако што повеќе лајкови со тенденција да се стане славен „инфлуенсер“, а притоа заборавајќи дека фокусот треба да биде на едукацијата, на самиот тренинг и сето тоа во функција на здравјето. А кога ќе се заврши работата не е грев да си направиме и селфи.

Денес сите сме во некаква трка. Возрасните во трка по повеќе пари, некои за опстанок, а други за луксуз, престиж, моќ...  
Денес има сé повеќе дипломи, а сé помалку знаење, сé повеќе спортски терени, а сé помалку вистински спортисти, сé подостапни контакти и „дружење“ преку социјалните мрежи, а сé помалку вистинска љубов и вистинско пријателство. Дечињата од најмала возраст учат јазици, компјутери, се праќаат на секакви курсеви и се форсираат до максимум. Имаат навидум сé, но немаат вистинско детство. Деформитетите се сé поприсутни кај нив, а тоа како никој да не го забележува. Здравјето и правилниот раст и развој не се во листата на приоритети.
 
Денес сé поретко околу нас можеме да видиме насмеани лица. Денес има многу калкулации, и денес сé се врти околу материјалното, а сé помалку околу вистинските вредноси во животот. Денес се спортува за пари место од љубов, се учи за титула, статус и пари место за знаење, сé дружи од интерес место за вистинско пријателство, сé почесто и во љубовта има калкулација место емоции, жар и страст...


 
Мојата порака до вас е: „Приближете се кон природата од која сите ние сé повеќе се оддалечуваме. Што повеќе време поминувајте со семејството. Посветете се и на себе. Најдобрата инвестиција е инвестицијата во своето здравје и инвестицијата во едукација. Имајте самоконтрола во користењето на придобивките од современиот начин на живеење и не дозволувајте тие модерни алатки да ја преземат контролата над вашиот живот. Поминувајте повеќе време во природа, дружете се, спортувајте, рекреирајте се.  Главна цел во животот да ви биде да бидете здрави и среќни. Животот ни е подарок, поминува за миг, а материјалното е илузија.
Бидете благодарни за секој нов ден, секое ново утро и славете го животот“.



  Поради големиот број прашања што сум ги добивал во текот на кариерата, во сферата на спортот, рекреативното вежбање, мотивацијата, исхраната, итн., одлучив да го споделам моето знаење и искуство во колумна и во авторска книга во издание на Просветно дело. Доколку имате дилеми и прашања поврзани со темата истите може да ги пратите на нашите социјални профили, а дел од поставените прашања ќе бидат одговорени во самата книга.

*Авторот, спортист и тренер, проф. Лазар Иванов, креатор на супер ефикасната фит програма ЕКСТРИМ ФИТ, целиот свој живот го посветил на вежбањето и здравјето. Неговите тренинзи досега ги практикувале десетици илјади рекреативци и спортисти. Текстовите се извадок од неговото богато искуство во спортот и спортската рекреација. Текстовите извираат од личните искуства како вежбач-ученик, спортист, тренер кој научил многу од своите ментори, од личните спортски искуства, но секојдневно учи и од своите вежбачи. Тренер кој никогаш нема да прекине да учи и да го пренесува наученото.

Проф. Лазар Иванов, професионален тренер по Микс Аеробик и Фитнес
Сите права се задржани