Прирачник за самољубов
Започнете го денот со млака вода со лимон.
Не 200мл со половина лимон, не 250мл со цел лимон или нешто налик било која рецептура за совршен живот, туку првата чаша за вода која ќе ја најдете со било која верзија на цеден лимон која ќе ја ископате во фрижидерот. Па дури и да не е млака, не сакате млака, можете само со топла или само ладна вода, направете го тоа.
Направете го тоа за себе, не заради тоа што некој ќе ви каже леле браво па ти слушаш совети за здрав живот и имаш рутина. Туку затоа што на секое тело му одговара извесна количина на лимон и вода изутрина. Ваше е да започнете да го слушате вашето тело и вие да ја одредите дозата и начинот.
Па така некому не му одговара само лимон бидејќи има проблеми со желудникот па ќе додаде мед, некој има проблеми со пробавата па ќе додаде маслинов зејтин, а некој ќе го сака вкусот па ќе ги пие сите три како комбинација.
Вашето тело е ваша интима, ваш храм. Односот кон вашето тело ќе ве одведе на места на кои не сте ни сонувале дека може да стигнете.
Јас сум жена која целиот свој живот се бори со некаков вишок на килограми. Всушност најголемата вистина е дека дури и светски познатите манекенки, со совршено вајани тела, без никаква потреба за фотошоп на нивните фотографии, се борат со вишок килограми, целулит, стрии, отоци и слично. Тоа е болест на новата ера, на новата храна, на новиот начин на живот. Кажано ми е дека треба да сум слаба, наметнато ми е дека треба да имам совршено обликувани округли гради, средно меки на допир, долги нозе со правилни колена, стомачни како исцртани на прирачник за анатомија, извајани раце, скраја да е ако има некој одвишок или целулит. Носот прчаст, устата преполна по можност како од згрешена апликација за на фејсбук, веѓите зависи од тоа која од старлетиве како ги црта, едни полудепилирани едни полуприродни. Ако евентуално овие начела не се исполнети, марш на корекција на пластичар, марш во теретана, оди јади сокови и пиј прашоци.
Ако погледнеме детално и ако ја
разложиме денешната идеологија за среќа, живееме материјално и конзумерски
настроен живот. Секој ден се сведува на финансиски добиток или загуба, потреба
за комплетно непотребни работи, и глад за вишок.
Па така секој од нас заглавува со природно наметнат порок, природно потребна
зависност од некое дејствие. Најболната, најдостапната и најшироко несвесно
конзумирана зависност е таа од храната. Не е дрога, не е забранета а појака е.
Потешко се контролира, повеќе те повлекува и последиците се многу полоши од
оние на леглано забранетите супстанци.
Немам статистики но со лаичка сигурност можам да потврдам дека деведесет проценти од европската и американската популација јаде со очи а не со потреба. Можеби најзагрозено подрачје е Америка, земјата на можностите и престолнината на брзата храна која полека и сигурно ја освојува планетава.
Колку пати сте изеле се што има во чинијата само за да не се фрли. Колку од вас се растени со баби кои од првото отварање на очи се почнува со јади бабе греота си, кујзнае колку си гладен. Па на маса се вади се што има и нема во фрижидер а нормално на ништо не се вика не. До пред да почине баба ми паѓаше болна кога ја одбивав за јадење. Не беше возможно да одам да ја видам а тоа да не заврши со оброк, мезе, грицкалки, слатко… Наполнив 34 години, а секој ден на телефон знаеше да ме праша, јадеше Бабе, а што јадеше. Па уште ако кажам салата или супа, реакцијата е леле дете кујзнае колку си гладна. И тоа е некоја врста на оставштина, се пренесува од баба на мајка ама во поновово време.
Бидејќи големата вистина е дека нашата земја е со тешки последици од петте века ропство. Броено им било на луѓето што јадат и колку јадат и како јадат.
Па така мојата прабаба, а ако се распрашате сигурно и вашата, секое утро го започнувала денот со некоја овошка од двор. Готвела таа, за цела куќа најчесто со ред. Среда и Петок посно, кога има месо има пиперки потпечени или зеленчук од бавча, или потпржен праз, кога има компири или ориз најчесто не се комбинира со друго освен за гозба или слава. Тогаш може тава ориз со пиле или јагне. Не се јаде месо секој ден, не сака телото. Се готви со домашни состојки, зачините се од двор или од бавча, сушени на сонце. Има домашно вино и ракија па ред е домаќините да се почестат со по една чашка. Ама чашка, а не литро, како нас. Во текот на денот сигурно каснува по едно две оревчиња што ги чува во предниот џеб од кецелата, ако и се јаде слатко ќе касне некое сушено овошје, нивно тука созреано под нос. Пред спиење, антибиотик, една чаша ракија на екс со главица лук внатре како апче. Забите ќе ги испере со сода бикарбона, косата ќе ја офарба со кна, лицето ќе си го измачка со мед или маст, интимата ќе ја испере со пресен јогурт.
И немала вишок килограми, имала бели кристални здрави заби, црна долга коса што ја држела во плетенка, природно набрчкано лице, јаки нокти… а држела куќа за дваесет луѓе. Работела двесет и четири часа на ден, дури и во сон, спиела на рогозина на рамно, на тврдо а била исправена, висока и стројна жена. Работела во домот и на нива, од изгрејсонце до зајдисонце. Постојано имала блага насмевка на лицето, задоволство и мир.
Како паралела, жената денес има кариера и дом во исто време. Во тоа време би било работа на нива и дом. Нашето семејство е најчесто тро или четворо члено, во комфор на станбен простор. Душеците за спиење се некаков бренд, со некаква паметна пена што се акомодира на нашето тело. Имаме тајминг на постоење, стануваме во, легнуваме во, ручаме во, работиме од*до, одиме на вежбање од*до.
Јадеме по списанија или по алчност, по реклами од инстаграм или фејсбук, или најновите прашоци за смути или сендвичи од најблиската сендвичара што капат со нездрав холестелор. Имаме по сто милијарди оброци на ден со комплетно неконтролирано потекло, полни со конзерванси, мелени кучиња, коњи и мачки во форма на бургери, пилиња со вкус на смрт, или три временско и количински контролирани оброци со органско потекло, биохемиски состав на месото и зеленчукот, вегански продукти со чудни имиња и потекло. Има и онаа ектрема што секогаш е на некаква диета, па јаде по половина грејпфрут или чаша кисело млеко на ден. И оние што бутаат сланина и јајца, ама кето било.
Се ни е некаков проблем, постојано сме во магичен круг на режими, диети, вежби и незадоволство. И тоа незадоволство го носиме дома, па така пати партнерот, патат децата, пати работата, пати целиот ваш живот.
Пред да продолжите да читате, одговорете си го ова. Кога последен пат сте биле среќни сами со себе? Кога последен пат сте излегле сами во ресторан, на кафе, во кино, да поминете време со себе?
Штом е ова во вашите раце вие не сте среќни, барате промена, имате потреба од подобрување. Штом го читате ова, топло ви препорачувам, откако ќе го дочитате, ќе го фрлите, споделите или запалите, не знам, изборот е ваш, најитно на цел свет да превземете нешто за себе и сопствената среќа.
Јас не можам да ви кажам на сите како да бидете среќни, тоа е нешто лично, индивидуално. Среќата е најголемата интима на еден човек. Можам да споделам со вас која е мојата среќа, што ме тера мене секој ден да се менувам, да се подобрам, за себе, за оние кои ги сакам и за целата енергија во општеството.
За тебе.