Прирачник за самољубов 2

Добивај вести на Viber

Продолжение на колумната

Секој од нас има едно мало гласче кое ровари во нашата глава постојано, дава совети, мислење, ве доведува до состојба на колебливост, страв, недоумица, преиспитување на одлука. Тоа е вашата подсвест. Мојата е директно поврзана со мојата душа, тоа го научив за себе со текот на времето. Какво и да е моето дејствие, мојата одлука, секогаш се јавува тоа едно нешто што ме поместува од лежиште и ме тера да размислувам дали мојата одлука е исправна. И тука драги мои започнуваат сите проблеми во вашиот живот. Нашата несигурност, од секојдневни мали одлуки, до големи животорешавачки одлуки, одложувањето на одлуката и заобиколување на конкретното решение, не доведуваат во точка на преклопување на реалноста и сонот. Или ти, колку пати сте се колебале што да јадете, дали да јадете, колку да јадете, дали сте гладни, дали ви се јаде сладолед или хамбургер, и дали на крајотна денот воопшто да јадете. И тоа го размислувате со глава, не со потреба, со очи, не со желудник.

Најголемиот дел од нас, секоја чест за исклучоците, јадат заради ситуацијата, а не заради вистинска глад. Одиш на ручек дечко ти, јадеш салата и пиеш флаширана вода, и потоа доаѓаш дома и го јадеш пола тенџере сарма, бидејќи навистина си гладна. Одиш на бизнис вечера, не знаеш пола од приборот за што е, нарачуваш оброк што едвај го читаш на менито и тоа го правиш за да го импресионираш соработникот. Доаѓаш од диско под дејствие на Бог те знае какви супстанци, и влегуваш во фрижидер сосе штикли или патики, а по пат веќе си изел две банички од Ла Делишеса. Па следното утро се будиш со седум кила плус од онака, од живот тоа ти е. Јадеш кофа сладолед пред телевизор со вилушка за да трае подолго, дека ПМС те дрма на најјако или дека не ти вратил на порака, или дека не знае дека си жива. Па после по можност нарачуваш фамилијарна пица што ја јадеш сам, ама нема врска ти си фамилијарен човек. И скоро секој од нас, можеби и баш секој, има ситуација во животот каде што се прејал до повраќање онака, дека го понел моментот на гајба пиво и цело прасе на ражен. Па то фрштат стомаци, целулити, стрии, свадбарки, коферки и што уште не освен здрави и исправни тела.

Или ја имаш и другата спротивност, каде за да се одвикнеш од храна стануваш зависен на _здрав живот_ па се забораваш по теретани, пиеш секакви шејкови со сомнително потекло за да се уквасиш во мускулите, јадеш по табла јајца и цел кокошарник и се дуеш ко тесто пред месење, па се сликаш од почеток до крај на денот од прв до последен оброк, пошто нели све за фанове, мора да знаеме сите кој што и како јаде и колку сме сите здрави.

Тие кои јадат со потреба, доза на хедонизам, умерена љубов кон храната и комплетно незабележлив однос, се луѓе кои можат да се соочат со секој проблем во нивниот живот.

Односот на луѓето со храната говори за каков човек станува збор. Помини еден ден со еден човек, обрни внимание на тоа како е облечен, какви му се чевлите, што и кога ќе јаде и ќе пие, колку и како ќе го направи тоа и ќе дознаеш се за него.

Ништо друго не го издава карактерот освен односот на човекот кон храната, бидејќи тоа е односот на секој човек кон самиот себе. Тоа што влегува во нашата уста, не носи по болници на испитувања на нарушени крвни слики, холестероли, шеќери, кожни болести, настински, главоболки, па дури по најнови испитувања состојби на канцер, тироида и хронични болести. Обрнете внимание на интернет колку се повеќе и повеќе има статии за луѓе кои излечиле рак во одреден стадиум само со промена на животниот стил. Под таа промена, во најголемиот број на случаи, деведесет проценти и припаѓа на храната.

Ги имам држено сите овоземски диети, како секоја нормална жена нели, што прочитани, што самоизмислени, од која ниту абсолутно една не ми се покажа како ефектна. Во систематизација на режими на исхрана, зошто никој не ни кажа дека тајната за комплетна личност е во балансот. Дека не станува збор за диета, за режим или за идеали на постоење, туку дека се е индивидуално, секоја жена, секој човек сами за себе треба да пронајдат соодветен начин на бидување, исхрана и индивидуална среќа.

Како дете ги прочитав и куранот и библијата. Кога имав околу дваесет и четири години почнав да читам за будизам.

Ќе го тргнам религискиот фактор на страна, од филозофско морален аспект, сите три големи религии поставуваат неколку основни начела. Сакај и ќе бидеш сакан, не убивај и не повредувај, почитувај, и третирај го своето тело како храм. Ова е мој личен заклучок што не значи дека сите ќе се сложат со ова. Во секоја култура и во секоја религија би требало да важи исконското правило на себе почит и себе љубов. Нели промената започнува од нас, нели треба прво ние самите себе да се сакаме, за да може да не сакаат и другите. Епа како овие основни правила на постоење, дозволивме да ни станат најтешко применливи.

Јас растев со вишок килограми во текот на целиот свој живот. По општествени идеали и сега во овој момент сум со вишок. Бидејќи нели за да си совршен треба да си петнаесет килограми под висината. Јас сум висока 178 цм што би значели дека треба да имам 63 килограми. Во моментов имам 73, имав и 65 сум имала и 78, и стигнав до 92 килограми. Во сите овие тежински промени, ниту во еден момент не престанав да се борам за себе, да учам да се сакам. Но тоа што забележав и тоа што најмногу се одрази на целиот моја живот е тоа дека престанав да се почитувам. Па така, на мои триесет и една година, пиев алкохол како да нема утре, јадев колку што јаде мојот партнер, најчесто и повеќе, подалеку од пет качени скали се немав искачено. Се облекував не како што сакам, туку како што најдобро ќе се покријам, се однесував кон себе без внимание, не се запуштав, но и не се пазев доволно. И на крајот од 2016 година доживеав клиничка смрт од 45 секунди заради висок крвен притисок.

Заклучок на еден идеален доктор, човек пред се, за жал веќе покоен, беше следново.

*Ивана пиле мое, во тебе има енергија да поместиш планини, ти имаш сила за сите во тебе, можеш се и ништо не ти е тешко. Но, ако продолжиш вака моја прогноза е дека нема да доживееш ни 40 години. Мора да најдеш вентил, мора да најдеш хоби, мора да го промениш твојот однос кон исхраната, намирниците и целиот твој животен стил. Трчај, оди спортувај, најди нешто кое ќе те отргне од твоето секојдневие, и стани зависна од тоа.*

Многу ми е жал што не доживеа да му кажам дека после една година трчам по пет километри на трака и можам да одседам по два часа во теретана.

Но, уште повеќе ми е жал што морав да ја допрам последната точна на топење за да ми се отворат очите. Е сега, тоа е карактерно нели, некој од нас не мора да дојде до последната скала, за да донесе одлука или да направи промена, некој е абсолутно среќен во комфорна зона на постоење и не е подлежен на промени. Но штом го читаш ова, ти си во моите, ти си моја крвна група и потребно ти е нешто или некој да те подбутне за да се случи промената.

Јас сум бивши пушач, пушев од 12 до 24 години со неколку мали паузи. И го скршив на мајка ми срцето кога дозна, а тогаш имав веќе некаде околу шеснаесет години. Првиот коњак го испив на 12 со првата цигара, првото кафе го испив истиот ден со две лажици шеќер, второто со една, третото горко и еве го до ден денешен. Од турско на нес, па еспресо и останав така. Црно јако кафе без шеќер, порано стигнував до девет кафиња на ден, денес пијам максимум три. Цигарите ги оставив од денес за утре, пак со ситуација поврзана со здравје, се сеќавам имав превисока температура, живеев со тогашниот дечко во Белград, станав од спиење и запалив цигара. Тоа ми беше ритуал секоја ден во мојот живот се до тој ден, не ни миев заби пред да ја запалам првата цигара. Во тој момент ме заболе секоја клетка почнувајќи од главата до петите, ја скршив и ја фрлив и тоа беше тоа. Се вратив неколку пати, во неколку претешки и преемотивни моменти се додека не сфатив, а подоцна и прочитав дека афтерот од никотин е еден од тригерите на хормонот за депресија.  А јас сум зависна од среќа и од насмевка. И решив никогаш повеќе да не им се вратам, ни со кафе, ни после јадење, ни после секс, ни со алкохол.

Бев вегетаријанец седум години. Бев веган шест месеци и завршив на инфузии со колабиран притисок. Не јадев месо воопшто самоиницијативно, бев прва година на факултет за применета уметност, и како дел од една изложба видов како се коле теле и како од телето настанува бургер. Седум години не каснав месо после тоа. Има една реплика која вели незнаењето е Благослов. Епа јас би рекла дека заради такви реплики кои не пружаат отпор, ние денес патиме. Заради недоволна информираност, чуло не дочуло, ние стоиме во мртва точка на јас знам се. Да знаев дека постои начин за балансирана исхрана каде не мора баш секој ден и во секој оброк да јадам месо, да знаев дека постојат етички кланици, да знаев дека од една екстрема не се оди во друга, дека животот не е црно и бело туку има и сива зона што упорно и упорно ја прескокувам, немаше да завршам со убиен имунитет, настинки по една нова месечно, лош холестерол, отоци, целулити, подочњаци, и уште еден тон случувања на моето тело кое се повеќе и повеќе ми се одразуваа на карактерот. Јас сум нулта крвна група, не ми може телото без животински протеин, да, ги прочитав и пробав сите можни додатоци и суплементи и не, не ми делуваат. По категоризација А и Б можат да функционираат без животински протеини, нулта крвна група не може. Но тоа не значи дека секој ден, три до четири пати во денот мора да се јаде месо. Не, не мора. Телото само си кажува колку му е доволно а најчесто тоа е многу малку. Тоа што ние јадеме со мисловна потреба, а не физичка, тоа не прави тронти со одвишок излачени хормони за депресија и склони на непотребни зависности. Од една зависност преминуваме во друга, од една се лечиме друга закачуваме. И секогаш се си опростуваме, за тоа најмногу ни се лутам. Има една голема генерациска вистина, нашите мајки се растени поинаку и ни пренеле нам, нивните се растени поинаку и им пренеле ним. Но во цел тој процес на воспитување и едукација од колено на колено, ретроградно едно нешто е заедничко. Многу ретко сретнувам жена што се сака себе си баш таква каква што е, како што самата се создала, како што родителите ја воспитале и животот ја искалемил. Најмногу среќавам жени, девојки, ќерки и мајки, што би промениле многу работи кај себе а не го прават тоа. И си простуваат што не ја прават потребната промена за подобро кон себе.