Природно е да има заболени и меѓу оние кои даваат помош: Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Лекарската комора

Добивај вести на Viber

Сакам да им се заблагодарам на сите здравствени работници и соработници, на колегите, и да кажам дека ние, од здравствениот сектор, им даваме добар пример на нашите сограѓани дека хуманоста се споделува, вели доцент д-р Калина Гривчева Старделова, интернист, гастроентерохепатолог и претседателка на Лекарската комора.

Не само кај нас, туку секаде во светот – лекарите, медицинските сестри, лабораториските истражувачи, севкупните болнички екипи се хероите на актуелново време на пандемија со коронавирусот.

*12 проценти од вкупниот број заболени од новиот корона вирус кај нас се медицински лица. Како го коментирате овој податок?

-Владите во светот се под постојан притисок дека голем број од медицинскиот кадар, кој се грижи за пациентите со ковид-19, заболел. Низ историјата, далечна и блиска, постоеле болести со многу жртви. Но, живееме во 21 век. На глобално ниво, медицината е многу, многу напредната, но и покрај тоа се чувствуваме беспомошно, бидејќи состојбата навистина е комплексна и бара време. 

Ве уверувам дека сите здравствени работници во државава, стручно и совесно, се даваме безусловно, правиме сè што може да направиме, особено тие кои се во директен контакт со заболените. Она што го преземаме кај нас, се презема, помалку или повеќе, секаде низ светот. Проблемот навистина е светски. Речиси е ист приодот што го имаме со оној во Германија, а и начинот, средствата и механизмите кои ги применуваме се слични. Со оглед на распространетоста на вирусот меѓу населението, природно е да се очекува појава на заболени и меѓу оние кои даваат помош. Но, би напоменала дека во моментов мал дел од заболените здравствени работници се разболени во текот на нивната работа.  

*Дали нашиот здравствен систем се покажа подготвен за овој предизвик?

-Механизмите што според сугестиите на стручњаците ги носи Владата, а ги спроведуваат здравствените институции како мерки против ковид-19, според мене, се навремени и покажуваат резултати. Ако ја анализираме кривата на вкупно заразени, може да кажеме дека е линеарна. За бројот на новозаболени анализите кажуваат дека е праволиниски. Ова ни се показатели дека некако успеваме да се носиме со вирусот.

 *Високиот степен на заразен медицински персонал се повторува во сите земји, зафатени со корона-кризата. Во Италија заболеа ¼ од медицинските лица, слично е и во Шпанија, а сега и во Њујорк, новото кризно жариште на светот. Дали преголемиот број на пациенти го урива секој, дури и најподготвениот, здравствен систем?

- Во здравствените системи на разни држави се воведуваат нови типови решенија за соочување со проблемот. Различни здравствени системи секојдневно бараат начини со кои ќе се надмине тековната состојба. И така, секој ден. Ова, доведува до замор, физички и психички, и до вашето прашање. Треба да сме трпеливи. Не е само поставеноста на здравствените системи во прашање. Тие се различни во различни држави, а успехот во надминување на пандемијата никаде не е очигледен. Не постои земја која ќе се пофали дека има здравствен систем кој овозможил да не се појави или прошири вирусот. Да, ова некако наликува на безизлезност, но не е така. Не е сè во системот. Повеќе е до потребното време и дисциплинираност од сите нас.

*Анксизоност, страв, неизвесност. Сите ги споделуваме овие чувства. И лекарите се само луѓе. Кои се доминантните емоции меѓу Вашите колеги?

-Како лекар кој е секојдневно инволвиран и на дневно ниво има контакти со колегите, можам да кажам дека се работи за мешани емоции, но не и за страв. Пандемија во светски рамки е состојба за која можеби не бевме психички подготвени. Но, тука сме - и докторите и граѓаните. Во оваа ситуација, дури и да не постои реска граница за тоа кој го спречува понатамошното ширење. Дисциплинираноста на пациентите, соодветното (според регулативите на Светска здравствена организација) однесување на граѓаните или посветеноста на докторите. Сите учествуваме во соочувањето со проблемот и зависи од сите нас колку тој ќе трае.

*Дали ваквите кризни ситуации, освен што ја тестираат колективната подготвеност, ја проверуваат најнепосредно и личната посветеност на секој професионалец во здравството?

-Да, кризната ситуација нè доведе до тест на солидарност, колективна одговорност и подготвеност. Ја доведува во прашање издржливоста и психичката состојба на здравствените работници, односно на секој граѓанин. Овој тип на криза ни покажа дека може да се соочиме со проблем кој не признава граници или социјални групи. Прашање е како ќе се однесува човештвото кон проблемот, бидејќи не е битно од која страна е поединецот - дали е пациент или доктор, дали е сиромав или богат.

*Дали ова искуство ќе озвозможи поуки за идната пофункционална работа на Лекарската комора – во обуки и осовременување на постојните лекарски практики?

Кризната состојба нè наведе да не чекаме и Лекарската комора веќе применува, да ја наречам еден тип на алернативна едукација. Се работи за споделувања искуства на лекарите од кризните жаришта со останатите колеги кои се објавуваат на нашата интернет и на Фејсбук-страницата на Комората. И, што е најважно, сето ова започна сосема спонтано. Тие ги кажуваат своите искуства како лекари и укажуваат на ситуации во кои се нашле, што презеле или како се чувствувале. Ова се прави на дневно ниво и е многу корисно за нивните колеги кои се наоѓаат во исти или слични дилеми. Ваквата размена на информации од стручен карактер, секако, е едукација од колега на колега. Во иднина, кога сето ова ќе заврши, сигурна сум дека многу повеќе ќе се посветиме на организација на стручни настани кои, пред сè, ќе се базираат на апликативни методи за време на криза.

Јасна Франговска