Поради професијата на сопругот постојано се селиме и реткост е да имаме постојано живеалиште: Ана од Скопје за животот со професионален фудбалер
Љубовната приказна на Ана од Скопје и сега веќе нејзиниот сопруг Чума
започнала пред 7 години. Тие се запознале во нашата земја, каде Чума играл како
професионален фудбалер за ФК Работнички во Скопје. Нивен заеднички познаник ги
запознал, па сосема спонтано се родила љубовта меѓу нив.
Најдовска е од Скопје, завршила факултет за Применети странски јазици при универзитот Фон, а за себе вели дека отсекогаш знаела дека нема да живее во Македонија, па последните 6 години има живеано во Русија, Казахстан, Данска, Норвешка, а сега е во Кипар.
Тие се во брак, а плод на нивната љубов е ќеркичката Оланна.
Инаку, таа има и свој блог кој првично бил за храна, а потоа прераснал во многу повеќе, сега таму Ана споделува искуства од патувања, места кои ги посетила, од животот...
* Колку години не живеете во Македонија и каде имате живеано досега, а каде живеете сега?
- Оваа е веќе 6-та година, како не живеам во Македонија. Професијата на сопругот, кој е фудбалер ни налага постојано да се селиме и реткост е да имаме постојано живеалиште. До сега имаме живеано во Русија, Казахстан, Данска, Норвешка, и сега Кипар.
* Дали како дете, или како тинејџерка сте сакале или сте имале желба да живеете надвор од нашата земја?
- Да! За жал или за среќа никогаш не се гледав себе си дека можам да живеам, да градам иднина и семејство во Македонија, и моите најблиски кои добро ме познаваат секогаш ми велеа на шега „Не, ти не си за тука”. Патував често, Шпанија ми беше омилена дестинација, бидејќи го студирав шпанскиот јазик, бев целосно заљубена во нивниот јазик и културата. Точно пред 11 години, преку студентска програма имав прилика да го искусам животот во Мадрид и тогаш за прв пат ја добив желбата за живот надвор од Македонија.
* Неколку години сте во брак, каде се запознавте со сопругот? Како започна вашата љубовна приказна?
- Се запознавме пред 7 години во Скопје, тој играше фудбал во ФК Работнички, се запознавме преку наш заеднички познаник. Нашата љубовна приказна започна сосема спонтано, и иако кликнавме уште на самиот почеток, и двајцата бевме доста резервирани и со мисла дека “се што е убаво кратко трае”, токму поради тоа што тој требаше да си замине после неколку месеци…. 5 години подоцна, откако успешно ги поминавме сите “тестови” за врска на далечина, ја крунисавме нашата љубов со брак.
* Зошто токму блог за храна, обожавате да готвите, или друго беше причината за започнување на вашиот блог?
- Блогот го започнав сосема случајно, додека живеевме во Русија во 2016 година. Започна како блог за здрави рецепти, но прерасна и во нешто повеќе. Споделувам и објави поврзани со патувања, места кои сум ги посетила, мојот живот, соработки и слично. Искрено сопругот беше главниот иницијатор за јас да го започнам блогот, бидејќи што и да направев дома дали овесна каша, палачинки или било каков рецепт јас трошев многу време да го подготвам, декорирам, фотографирам... А тоа го правев од мерак без никаква цел. Во тој момент сопругот ми беше најголема поддршка, и постојано ми ги фалеше рецептите кои ги правев како и фотографиите од истите, па така решив дека можеби е во право и дека треба да ги споделувам рецептите и со останатите.
* Колку време ви е потребно за да објавите (да подготвите, снимате, фотографирате) објава на вашиот блог?
- Искрено откога се роди ќеркичката навистина имам многу малку време за блог објави, токму поради тоа што ми одзема доста време. Конкретно за рецептите, ми одземаат 5-6 часа, кои најчесто преферирам да бидат во првите часови од денот бидејќи многу ми е важно додека го подготвувам рецептот да го снимам и фотографирам процесот, а за тоа ми е потребна убава дневна светлина, потоа и завршното фотографирање кое исто така трае долго бидејќи треба да се намести целиот сетинг….. и секако на крај од сето ова следи средување на кујната и садовите и целиот хаос во позадина, но и секако тестирање на тоа што сум го подготвила, што е и мојот омилен дел.
* Дали сте подготвиле македонски традиционални јадења за вашиот сопруг и пријателите и кое им е омилено?
- Да секако дека сум подготвила, омилени на сопругот, а и на мене ни се полнети пиперки.
* Како ги менаџирате сите обврски, имајќи во предвид дека имате мало девојче?
- Не е воопшто лесно, но јас сметам дека сѐ во животот е навика, и ако нешто се сака, се може. Ќеркичката Оланна моментално бара многу внимание, игри, прошетки, занимации, активности. Се трудам да го организирам времето најдобро што можам, и Оланна ми е секако приоритет кога се во прашање моите планови.
* Доаѓате ли често во Македонија? Кои места ви се „must see“ кога сте овде?
- Доаѓаме секогаш кога имаме слободно време, тоа не е многу често, но Оланна навистина ужива кога е во Скопје и кога поминува време со моите најблиски. Кога сме таму, Дино Парк, Градски Парк, Киндер Парк, ни се први на листа за посетување. Таму каде што има забава за Оланна таму ќе не најдете сигурно.
* Што ви недостига најмногу од Македонија?
- Ми недостига мојата фамилија и моите пријатели.
Наталија Миланова
ГАЛЕРИЈА: