Промоција на книгата за деца „Веселата зграда“ од Ана Голејшка Џикова и Драш
Промоција на нова книга за деца „Веселата зграда“ од авторката Ана Голејшка Џикова и илустраторот Драган Китановски – Драш, ќе се одржи на 9 октомври (среда) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, со почеток во 18.30 часот.
Сликовницата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ преку веселите стихови на поетесата Голејшка Џикова и разиграните илустрации од графит-артистот Драш, ни раскажува за жителите на една зграда со седум ката. Во неа, кат по кат, нè запознава со: учителката во пензија Ката, Молња и Громче, елекричарот чичко Ват, Јасна, Перо и нивниот мачор Неро, со младиот сликар, магичната Вера, кученцето Луна и семејството гулапчиња.
Промоцијата ќе започне во 18.30 часот со работилница за деца, на тема „Обој ја својата весела зграда“, на која дечињата ќе дадат свое, шарено видување на зградата од приказната на Ана и Драш. Во продолжение ќе следува официјално претставување на книгата со авторката и илустраторот.
Промотор на „Веселата зграда“ ќе биде Милан Дамјаноски, доцент по англиска книжевност на Филолошки факултет „Блаже Конески“ и рецензент на книгата.