Прости ми-простено ти е!

Добивај вести на Viber

Не постои помоќно чувство од чувството да простите. Не постои поспокојно (или олеснувачко) чувство од чувството да побарате прошка кога сте згрешиле. И едното и другото кога ќе научи човек да ги практикува, тогаш навистина се ослободува од еден исклучително голем товар, кој можеби дотогаш не ни знаел дека го носи врз плеќите. Да се побара прошка, значи да нурнеме длабоко во себе, да сме на чисто со тоа дека достоинство и суета не се едно исто, да имаме храброст да признаеме дека сме згрешиле. И да, храброст прво пред себе а потоа и пред оној кому сме стапнале на душата. Да се даде прошка е како да сте искачиле едно скалило погоре во вашиот личен раст и развој, а со тоа и фрлање на бремето од туѓата неправда или грешка кон вас.

И сето ова звучи и се чини преубаво и лесно, но во секојдневниот живот не оди баш така како подмачкано. Ви имам кажувано за баба ми од Битола која од сите верски празници кои си ги почитуваше од А-Ш со салтанати и адети, овој празник не го сакаше. За неа, Прочка беше формалност и секогаш велеше дека џабе денот ако цела година сме си грешеле. Ако ме прашате како јас го доживувам денот кој е “наменет” за простување, мора да ви кажам дека кога бев помлада бев покрута за простувањето. Она што ни го велеле како мали “пред да се извињаваш, треба да внимаваш”, мене ми беше врежано во главата. Таа ригидност и тесноградост ме чинела многу, иако суетата ми била како квасец. Демек, ќе си држам јас до принципите мои по секоја цена. Како па да не! Секоја грешка која сум одбивала свесно или несвесно да ја заборавам и сум се држела за неа како слеп за стап, била по едно мало топче горчина кое ми стоело во грлото. И наместо да го плукнам и да се ослободам од него, јас уште толку сум напластувала горчини. И си напластував неосетно малку по малку, додека еден ден не сфатив дека не можам да дишам, не можам да голтам без болка во грлото. Тогаш научив дека кога човек се држи со сите сили за минатото и  за да се навраќа одново и одново кој што му сторил, не постигнува ама баш ништо кај оние кои му грешеле, ами сам на себе си прави проблем.

Нема ништо поисцрпувачко од тоа да си го враќате филмот секојдневно и да си ја труете душата (а и главата) со “како можеше”, “зошто ми направи вака или онака”, “со што го заслужив јас ова”. Некогаш грешките се ненамерни, па џабе е да се прашуваме како можел некој да ни згреши. На крајот од денот, никој не е безгрешен. На прашањето зошто некој ни сторил вака или онака, бидете сигурни дека никогаш, ама баш никогаш нема да го најдете одговорот оти не сме во кожата на другиот. Можеби било нешто речено или сторено без да се размисли, можеби било и намерно, ама тоа “зошто” јаде однатре оти е како лавиринт во кој се вплеткуваме. И ако се прашувате со што сте ја заслужиле неправдата, одговорот исто така нема да го добиете оти не знаете што му е во главата на другиот. Она што за вас е можеби сосем бенигно а сте го кажале, кај некого предизвикало гнев и ви вратил 100 пати посилно. А можеби е некој и до толку поган што колку и да му правите добро, ќе најде начин како да ве извади од колосек.

Секако дека знам оти има грешки кои се толку тешки и кои носат таква длабока болка, што буквално ви се чини дека нема шанси некојпат да простите. Истата сум била, додека не ми кликна дека има разлика меѓу простување и заборавање. Да се прости е како кога ќе истресете прашина од себе или трошки кои ви се налепиле. Да се заборави или да не се заборави е сосем друг муабет. Заборавањето за мене не функционира, оти памтам ко слон, ама памтам за да не се доведам себеси во истата ситуација во која сум била за да ме повредат. Ете, токму тоа што секогаш правам разлика меѓу простувањето и заборавањето, многу поспокојно спијам. Оти едно е да ви сторат некој зулум и да ве повредат или навредат. Тогаш, грешката е во оној кој сакајќи или несакајќи ви нанел штета. Ако простите и заборавите, праќате сигнал дека е сосем ок за вас да ве шутираат онаму каде што ве боли. Ако простите, но не заборавите, секако дека ќе превенирате пак да бидете удрени. Кога простувам а не заборавам, се дистанцирам доволно далеку од оној кој што ми згрешил за да не ја дадам слободата да мисли дека можам да искрепам сé што ќе ми се сервира. Знаете како велат, првиот пат кога ќе ви згрешат-до нив е, ама секој следен е до вас оти сте дале амин.

И ако простувањето ни дава една широчина и нé прави големи луѓе, тогаш барањето прошка да знаете дека е уште повозвишено чувство. Свесноста за себе е голема работа и е за почит. Сите сме некако посвесни за туѓите грешки, пропусти и киксови. Но, прашањето е колку сме свесни за своите грешки, пропусти и киксови. Колку сме кадарни да си кажеме “аууууу, ама ја оплескав овој пат”, без притоа да си наоѓаме оправдувања или причина како да ја намалиме нашата одговорност. Вие не знаете колку ми беше тешко на младост да се извинам. Како што велат старите, се однесував како да ќе ми падне круната од глава ако кажам дека сум погрешила. Бев махер да си измислам едно чудо аргументи со кои си се правдав сама пред себе. Секогаш велам дека младоста е дрска и суетна, ама па затоа созревањето е болно но и бесценето, оти си се учиме на грешките. Сега...сега се извинувам во мигот кога сфаќам дека загазувам кај што не треба. Сега не си барам ниту оправдување за грешките, ниту причина зошто да го одбегнам извинувањето. Ако изедам гурабии, кажувам извини. И не го кажувам за го сторам пак истото, односно, за да си исплакнам уста и совест, туку оти навистина ми е криво. А криво ми е затоа што знам колку е овој живот проклето кус и тежок сам по себе и без мојот придонес за нечиј немирен сон.

Откако почнав да простувам и откако се помирив дека не сум светица, не ми тежи ништо на градите. Едноставно, човекот е грешен и тоа е. Во некој идеален и паралелен универзум, сите ние би имале безгранична емпатија и осет, ама во овој живот и свет не сме совршени битија. Но, да не заборавиме и една многу важна, ако не и најважна работа.

ДА СИ ПРОСТУВАТЕ САМИ НА СЕБЕ!

Да, ама баш вака како што е напишано. Да си простувате сами на себе и да не се камшикувате за сé и сешто. Да научите (ако досега не сте научиле) дека најголемата прошка треба да си ја побарате од себе и да си ја дадете самите. Да не се јадете себеси дека можете подобро, поинаку, дека сте утнале ваму или онаму, дека сте вакви или онакви. Какви и да сте, мора да се сакате себеси! Да си простите што сте некогаш исфрустрирани, што не сте совршени за сите околу вас, да си простите што сте дозволувале да ви грешат, да си простите што сте грешеле, да си простите што сте некогаш нервозни, уморни, безволни. Џабе е да им простувате на сите, ако не умеете да си се погалите себе. Не велам дека треба да се стагнира во нашето растење, демек еве ќе си простам за сé и нема зошто да се обидувам да бидам подобра личност. Не, напротив. Да си простите за она за што се јадосувате, но секогаш да сте со мисла и помисла дека можете да бидете подобри од вчера. Да не бидете џелати на сами себе, додека од друга страна сте благородни кон другите.

Да ми простите ако сум ви грешела и да знаете дека ви е простено. И да, ако некогаш ви згрешам, да ми посочите оти и јас уште учам многу работи. Чинам дека светот би бил многу поубаво место ако научиме сите да кажуваме “извини”и “прости”, но и ако си ја ослободиме душата од јадови со тоа што ќе простуваме...но не само на зборови, туку искрено и чисто.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Да простиш е како сам на себе

Скапоцен дар да си дадеш

За да ти се ослободи душата

Од синџири во кои си ја оковал

Та да ти олесни до немајкаде

Чиниш товар од тебе паднал

И се истркалал некаде попатно

Без да те влече удолу

Без топка горчина во грлото

Без ноќи во кои се јадосуваш

Без згужвана постела од неспиење

Да простиш е како сам на себе

Да си дадеш дозвола за смеа

Да ја снема онаа длабока брчка

Меѓу очите која ти се вгнездила

И усните наместо надолу свиени

Угоре да ти појдат

Та зеницата во ѕуница да ти се обои

Чиниш еден дожд лековит бил

Та ја однел сета тежина со себе

Да простиш...

Да простиш е љубов

Најмногу кон себе и во себе

За да не го носиш во тебе

Сето црнило собрано од секого

Ами ете

Некако да си го обелиш умот

И да си го светниш срцето

Небаре како ново да ти е

Како бел и свилен фустан

Кој ќе го обуеш за да наздравиш

На себе и слободата

Која со простувањето ќе ја добиеш

Да простиш и ич да не му ја мислиш

Да простиш на грешните

Да си простиш себеси

Оти и сам кон себе човек греши

Да не бидиш самобендисан

Ниту да имаш горделивост во себе

Од која ќар немаш

Ами само зијан ти носи

Да простиш

И со многу љубов во себе

Да побараш да ти се прости

Оти денес некој тебе

Утре ти некому ќе згрешиш

Ама да му се плукнам на животот

Ако треба низ него да врвиме

Со камен од грешки направен

Што туѓи

Што свои

Прости и побарај прошка

Дај и побарај љубов и милост

Оти никој не ќе однеси суета в гроб

Ниту пак ќе е важно кој бил прав

Прости и побарај прошка

Биди човек во простувањето

Биди човек во барањето прошка