Првиот син го посвоивме како бебе, вториот на четири години, кога првпат се видоа – се прегрнаа: Ксенија и Саша Петковиќ за Женски магазин

Семејството Петковиќ го запознав на плажа, во Платамона, Грција. Вниманието ми го привлекоа двете дечиња, кои правеа прекрасни кули и замоци од песок покрај брегот. Еден ден им се приближив за да ја пофалам нивната креативност. Откако дознав дека се викаат Стефан и Вук, ги прашав колку години имаат. Стефан ми одговори дека двајцата имаат по шест години, но дека тој е постар од брат му шест месеци. И дополни: „Ние сме посвоени, ама  сме браќа“.

Во тој миг се приближија нивните родитили Ксенија и Саша. Мајка им со насмевка појасни: „Видовте колку се паметни нашите синови, тие знаат сé!„ Се спријателивме. Наредните две години секое лето се среќававме на истото место. Семејната слика беше идентична – две исклучително воспитани и среќни деца и двајца исполнети родители.

Живеат во Зрењанин, Србија. Ксенија (52) е дипломиран психолог. Вработена е во Основното училиште „Жарко Зрењанин“. Стефан (10) е четврто одделение. Тој е одличен ученик. Многу сака да црта, пишува убави состави и има многу развиена фантазија. Вук (10) е трето одделение. И тој е одличен, а веќе го стекнал епитетот гениј за математика. Многу ја сака и историјата и географијата. Саша (52) е лекар специјалист по Хигиена, работи во Институтот за јавно здравје Зрењанин.

За нивната животна приказна исполнета со многу непроспиени ноќи, судир со бирократијата при посвојувањето, но и за среќата и радоста зборува Ксенија. 


*Колку години сте во брак?

- Се венчавме во 1996 година, по двегодишна врска. Се запознавме во студентскиот дом во Нови Сад, каде што двајцата студиравме. Бев студент на Филозофскиот факултет, а тој на Медицинскиот..

* Беше ли тешко да се прифати реалноста и да се почне борбата за потомство?

- Сега кога размислувам за сè, никогаш додека се забавував со Саша, не фантазирав за деца и мајчинство. Мислев дека тоа ќе дојде само од себе. До тој момент, сè во животот одеше во ред и без никакви проблеми. Школувањето, студиите, целиот живот ни беше добар и убав. Се вљубивме, се венчавме. Двајцата завршивме факултет и се вработивме. Заеднички се договоривме дека ќе живееме во Зрењанин. Кога одлучивме да имаме дете, сфативме дека не можеме без помош на медицината и отидовме на лекар. После различни испитувања, лекарите ни предложија вонтелесно оплодување.

Прифативме и се обидовме двапати, но не успеавме. Тогаш решивме да не се обидуваме повеќе и да пронајдеме друг начин како да имаме дете. Самото вонтелесно оплодување е многу опасно за здравјето на жената, бидејќи за кратко време таа во себе внесува голема количина хормони. Последиците може да се манифестираат дури подоцна. Меѓутоа, кога сакаш нешто, често не размислуваме за штетните ефекти.

Во исто време бевме и среќни и изненадени

*Наидовте ли на големи проблеми при посвојувањето?

- Кога решивме да посвоиме дете, знаевме дека тоа е многу тешко. Родителите сакаат здраво дете, а повеќето деца што се посвојуваат или се делумно болни, или се интелектуално попречени. Тоа се, сепак, оставени деца од различни причини. И без договор, знаевме дека полот воопшто не ни е важен. Бидејќи моравме во Центарот за социјална работа да одредиме некои основни насоки, рековме дека сакаме дете до 4-5 години, без оглед на полот и националноста. Знаевме дека бебињата се најбарани и дека најтешко се добиваат. Кога донесовме одлука, ги информиравме нашите родители. Само ги информиравме. Не баравме ничие мислење. Одлуката беше наша.


*На која возраст беше Вашиот прв син Стефан, кога го донесовте дома? 

 - Стефан имаше шест и пол месеци кога нѐ повикаа од еден Центар за социјална работа. Пред тоа, повеќепати бевме повикувани од бројни Центри. Посетивме многу градови и села во Србија. Еднаш го прекинавме и летувањето, бидејќи нѐ повикаа од еден Центар за дете. Сето тоа траеше четири  години, од првиот момент кога ја започнавме постапката за посвојување, па сè додека го донесовме дома. Долг период, зарем не? Симболично, Стефан прв пат го видовме на 70-от роденден на татко ми. Веднаш „се вљубивме“ во него! Беше убав, имаше сини очи и мала, руса коса. Се сеќавам на денот кога го донесовме дома. Нашите емоции беа измешани: во исто време бевме и среќни и изненадени. Тоа беше чувство слично на шок. Дури подоцна го „премотувавме филмот“ и се сеќаваме на некои настани. Тогаш само мислевме на него и како да му биде сѐ добро!

Сами се боревме

*Решивте повторно да го поминете истиот пат и да посвоите уште едно дете. Што ве мотивира?

- Веднаш штом го посвоивме Стефан, двајцата почнавме да размислуваме за тоа дека сакаме да има брат или сестра. Не сакавме да остане сам. Се јавивме во нашиот Центар за социјална работа во Зрењанин и наидовме на неразбирање. Не им беше јасно, зошто сакаме уште едно дете?! Секако, моравме повторно да ја поминеме целата процедура. Да извадиме поеинечно по 15 документи. Сè беше исто како првиот пат. Дури ни дојдоа повторно и во куќна посета, за да видат дали имаме соба за уште едно дете. Но, во такви ситуации со администрацијата, најдобро е да ги „исклучите“ мозокот и логиката и да работите само како што ви кажуваат, бидејќи во спротивно ризикувате многу да се нервирате. Следните четири години, повторно се обидувавме да посвоиме уште едно дете. Ние ниту во ниеден миг не чекавме Центарот да ни „најде дете“. Бевме активни цело време. Редовно преку Интернет барав мејлови од Центрите за социјална работа во Србија, но и од разни институции во Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Ќе им напишев кратко писмо, ќе се претставев и ќе кажев дека сакаме да посвоиме дете. Пратив допис на преку 200 адреси. Двајца или тројца ми одговорија, ме известија дека немаат деца за посвојување и ни посакаа среќа.


*Како изгледаше првата средба помеѓу Вук и Стефан?

- Вук првпат го видовме и набрзо и го посвоивме, кога имаше четири и пол години. Тој веќе беше „голем“ и имаше свои спомени со хранителката. Тој сè уште памети некои од тие спомени. Колку ни беше лесно со Стефан, бидејќи со нас научи сè, кај Вук ги промашивме првите чекори, првите зборови. Имавме голема среќа што хранителката е една прекрасна жена. Таа му пружила многу љубов и убаво се однесувала кон него. И денес сме во контакт со неа. Секој роденден, секоја Нова година, таа се сеќава на Вук и праќа подароци за двете деца. Се слушаат на телефон. Ние редовно ѝ испраќаме фотографии од Вук, и ѝ пишуваме за неговото растење и успеси. Таа е дел од неговиот живот и ние го почитуваме тоа. Кога се запознаа силно се прегрнаа. Од првиот ден, Стефан и Вук еден со друг се нарекуваат „браќа“ и убаво се согласуваат. Разликата меѓу нив е само шест месеци. Но, Стефан мораше порано да тргне на училиште, така што не се во исто одделение.

Брзо се навикнавме еден на друг

*Беше ли потребен подолг период за адаптација на новиот член на семејството?

- Адаптацијата на новиот член на семејството бараше доста напор, без оглед дали стануваше збор за Стефан, кој дојде кај нас како бебе или за Вук, кој имаше четири и пол години, кога го посвоивме. Тоа е процес во кој сите се навикнуваме едни на други. Можеби тие двајцата најбрзо се навикнаа еден на друг! На почетокот, Вук беше многу поприврзан за мојот сопруг. Мене видливо ме отфрлаше. Не ми дозволуваше да му се приближам. Ми беше многу тешко. Но,  го разбирав. Тешко му беше да прифати нова „женска“ фигура. Му бев трета „мама“ по ред. Но, помина и тој период. Сега сме сосема блиски.

*Колку Стефан и Вук се слични, а колку различни?

- Стефан и Вук се браќа. Тие се постојано заедно. Секогаш имаат за што да си разговараат. Честопати се обединуваат во смислување некоја итра игра против родителите. Беа сè уште мали, кога едниот нѐ мамеше со приказна, додека другиот земаше две чоколади од оставата. Стефан е прекрасно момче. Одговорен, внимателен, емотивен. Секогаш е тука за да му помогне на другиот. Тој се грижи за сите нас. Тоа нѐ спојува да бидеме заедно. Многу е грижлив и ги сака луѓето. Им верува на сите. За него нема лоши луѓе. Секогаш наоѓа добрина кај секого. За него велиме дека е дете со „срце на дланка“. Вук е логичар. Математичар. Кај него сѐ е натпреварување. Секогаш прв. Секогаш победник. Памети сè. Знае многу. Има огромна самодоверба и верба во себе. Тој е роден водач. Многу е зборлив. Тие се надополнуваат еден со друг. Учат еден од друг. Многу разговараме. За сѐ. Двајцата се одлични ученици. Тренираат фудбал и играат шах. Не ги оптеретуваме со бројни активности. Прво е важно училиштето, а потоа и другите активности.


Среќни сме и благодарни

*Вие сте едни од ретките кои успеале да посвојат две деца.  Како реагира околината?

- Досега имавме само добри искуства со луѓето кога ќе слушнат дека момчињата се посвоени. Најпрво се збунети, бидејќи тоа сè уште не е толку често, а потоа ни честитаат и ни велат „Секоја чест! Колку сте храбри! Колку сте хумани!" Секако ќе шепнат: „А тие, се разбира, се уште не знаат дека дека се посвоени?“ Кога ќе им одговориме дека и двајцата знаат дека  не сум ги родила, уште повеќе се изненадени. Се разбира, тоа треба веднаш да им го кажете на децата. Не смее да биде тајна дека децата се посвоени. Може да дојде до големи трауми ако децата тоа не го дознаат од своите родители, туку од некој друг. Секој што посвојува дете мора од првиот ден да биде свесен дека кога тие ќе пораснат, ќе сака да знаат од каде потекнуваат. И, морате да бидете подготвени на тоа. Во почетокот се плашевме од таа мисла, но сега сме свесни дека ќе ги интересира од каде потекнуваат. Подготвени сме да одиме заедно со нив и да видиме сè што ги интересира. Еднаш ќе дојде и тој ден. Кога ќе бидат малку постари. Уште кога станавме родители со посвојување на нашите момчиња, многу наши пријатели нè прашаа дали би разговарале со двојки  кои немаат деца, а сакаат да посвојат? Секогаш сме биле расположени да го споделиме нашето искуство. Исто така, многу парови кои веќе посвоиле деца нѐ контактираа и ги споредивме искуствата. Тоа е многу важно. Не сме сите исти и не се бориме на ист начин во ситуацијата во која се наоѓаме.


*На што го ставате акцентот при воспитувањето?

- Ги поттикнуваме да се грижат за своето здравје, ги учиме да разликуваат добро од лошо. Сакаме да станат добри и чесни луѓе. Сакаме да се пронајдат во тоа што го сакаат и еден ден и двајцата да имаат свои семејства и деца. Личниот пример кај децата е најважен. Затоа, со мојот сопруг се трудиме да им бидеме пример како треба да се однесуваат. Љубовта кон децата е иста, без разлика дали сте ги родиле, или сте ги посвоиле. Дури кога ќе станете родител, сфаќате дека имате во себе некоја огромна сила и одговорност, за кои порано не сте знаеле дека сте ги имале. Како да ви се отворила нова врата. Љубовта која што ја чувствувате кон децата ве облагородува. Децата ве облагородуваат. Повеќе не сте си најважен самиот на себе. Одеднаш станувате одговорни дека едно дете треба да стане човек, а вие сте тука за да му помогнете. Да го направиме тоа дете да биде уште подобар човек од вас, да ве надмине. А вие секогаш да бидете тука кога ќе му биде потребна вашата поддршка. Да му бидете „ветер во грбот“.

На крајот од приказната: Животот е убав, но животот е исто така и борба. Треба да живеете така што ќе се борите за тоа што го сакате. Не треба да чекате и да ги пропуштате можностите. Ако дадете сѐ од себе, некој од горе што гледа сè, ќе ви помогне да ја остварите вашата желба. Ние сакавме нешто и се потрудивме со сите сили тоа и да го оствариме. Успеавме. Среќни сме и благодарни на нашите момчиња.


СОЊА АЛЕКСОСКА – НЕДЕЛКОВСКА