Првпат почнав да трчам за да изгубам некое кило: Сања Николовска Најдовски по подвигот Еверестинг

Сања Николовска-Најдовски стана прва жена од Македонија која го извела подвигот Еверестинг, искачувајќи го Водно 19 пати по ред, што е рамно на висината на Монт Еверест.

За овој предизвик, на Николовска-Најдовски ѝ беа потребни 18 часа, 32 минути и 47 секунди, при што искачи повеќе од 9.000 висински метри. Таа стартуваше во четири часот наутро и маршутата ја комплетираше во 22:30 часот.

За остварениот предизвик, како и за вљубеноста во овој спорт, таа со задоволство раскажа за читателите на нашиот магазин.

* Веќе подолго време активно се занимавате со планинско трчање. Од каде љубовта кон овој спорт?

- Од мали нозе спортував, но никогаш не бев по трчањето. На 18 години почнав да возам велосипед на планина, возев скоро на секоја тура во Македонија, се пријавував и на трки во хоби категорија. Првпат почнав да трчам во 2015-та година, пробував да изгубам некое кило. Подоцна во 2016-та година ме сретнаа колешката која беше член на ТРЕКС и останатите девојки од тимот кои ме разубедуваа да се пријавам на КМТ(Крали Марко Треилс) планинска трка која ја организира ТРЕКС во Прилеп. По долго размислување решив дека сакам да пробам да се подготвам за трка која е 31км со 1850Д+, сакав да видам дали можам да издржам. Подготовките траеја отприлика 3 месеци, со дотогашното мое „искуство” во трчање сакав само да ја завршам трката, успеав, ми беше претешко ама посакав повторно да се пријавам на наредна трка, и така некако почна љубовта кон овој спорт.

* Омилен период, омилена планина, омилено друштво за искачување?

- Секој период и секоја планина има своја убавина, фино е и кога грее Сонце, но и кога врне. Најважно е да знаеш да уживаш во сите временски услови, но и да знаеш кога треба да се повлечеш. Најпосетувана планина од мене е Водно, бидејќи е најблиску до моето место на живеење. Најчесто друштво ми се сопругот и ТРЕКС екипата, а омилено друштво за на планина, па секој кој ја сака и почитува планината, сака да трча по неизодени, нови патеки, да трча по места кај што фактички не постојат патеки, да ужива во малите работи, во слободата и тишината која ти ја дава планината, далеку од секојдневните обврски.

* Во моментов сте актуелна по Еверестингот кој го изведовте со 19 качувања на Водно. Како дојдовте на идеја за овој подвиг? Колку време се подготвувавте и кога решивте дека сте подготвена, со оглед на тоа што изминатиов период имавме доста карантински денови во кои мораше да седиме само дома, колку тоа влијаееше на вашата подготовка?

- Идејата за овој предизвик ја добив лани, по направениот прв Еверестинг во трчање во Македонија на Марјан Бонев. Сакам предизвици, сакам да видам до каде се границите на мојата издржливост и имам желба да пробам да ги поместам.

Во јануари сфатив дека тоа сакам да го направам оваа година, но по новонастанатата ситуација со КОВИД-19 малку се оддолжија работите, но на крај сѐ заврши супер. Подготовките траеја околу 5 месеци, иако не беа конкретни подготовки за подвигот, туку општо за планинските трки. Подготовките се состоеја од тренинзи за сила кај мастер Елена Бубало, сѐ до март кога моравме да продолжиме со вежбање од дома, од планинарење и од планински трчанки.

Карантинските денови добро се менаџираа додека не дојдоа неколкуте карантински викенди, но и тие добро поминаа, вежбав на кровот од зградата и дома, вежби за сила и јога за истегнување, а еден викенд избегав на планина.

Околу подвигот малку беше логистички потешко без жичницата, но им благодарам на „ПРО СПОРТ“ за поддршката, ни дадоа „e-bikeSpecializedBicyclesLevo“ со кој полесно можеше да се изврши целата логистика и повеќето спуштања од Врвот на Водно до Средно Водно.

Големо БЛАГОДАРАМ и до Виктор Најдовски (сопругот) кој многу ми помогна логистички и ме истрпи дента, фамилија Николовски, Зарапчиев, Филип, Владо, Раде и екипата на ТРЕКС, без кои ништо од ова немаше да успее.Уживав во денот.

* Како се почувствувавте кога го исполнивте зададениот предизвик, на што прво помисливте во моментот? Дали додека траеше посакавте да се откажете?

- Бев задоволна што успеав да го завршам замисленото и тоа за побрзо време од предвиденото (не дека беше брзо времето во секој случај). Најпрво помислив на пиво и храна, а потоа што би бил нареден предизвик.

Во ниеден момент не помислив на откажување, благодарејќи на сите луѓе кои беа цел ден таму и ми олеснија многу, логистички, а и психички. Само последниот пат (19-тиот) ме фати мала криза, не ми беше тешко, но ми беше ладно, веќе бев уморна и сакав што побрзо да завршам.

* Ваши најдраги признанија од натпреварувања, како и најубави впечатоци?

- Најдраго ми е кога ќе се надминам себеси, кога сум подобра од претходниот пат. Признанијата се само дел од тој процес на себенадминување, па би ги издвоила најверојатно првиот маратон 42,2км Скопски Маратон 2016-та година, првата планинска трка КМТ 31км, најдолгата дистанца за мене Ултра маратонот на Истра 110км со 4600Д+, Триатлонот во Белград ТРИ каде што има пливање 1,9км; возење велосипед 90км и трчање 21км и ланското 1-во место на Водно-Матка треил маратонот 42км со 3100Д+.

Кај планинските трки и ултра дистанците убаво е тоа што секој пат учиш нешто ново за себе, секоја трка е своја приказна, која буди различни емоции и остава различен вид впечатоци од кои треба да го извлечеш најдоброто.

* Како балансирате меѓу Вашата секојдневна професија и семејство, и планинарењето?

- Балансот не е проблем. Работам како графички дизајнер во „Априори Комуникации“, па така првата половина од денот ми е посветена на работата, а останатиот дел од денот го организирам според домашните обврски и спортот, најчесто трчање. Многу е едноставно што со сопругот тотално се разбираме и поддржуваме во сѐ што правиме, зошто и тој е дел од оваа трчачка заедница.

* Каде ја насочувате енергијата кога не сте фокусирани на работата, но ни на планинарењето? Како се релаксирате?

- Најчесто сакам да излезам на пиво/кафе со друштво, да прошетам во парк, да прочитам книга, да гледам некој филм/поретко серија. Во последно време пробувам да ја вклопам и јогата во секојдневието, ама не ми оди баш најдобро, морам да признаам.

* Што би им порачале на сите оние кои сакаат да почнат да планинарат, но стравуваат дека нема да успеат да го исполнат тоа? Што е најважно?

- Сите оние кои ја сакаат планината и кои имаат доволна желба ќе успеат да истрчаат или испешачат на планина. Треба да се стекне навика, потоа сѐ е полесно. Најважно е да се вложат, да бидат среќни на планина, и ако се издржливи сигурно ќе успеат во своите цели.

Најважно е што планината нѐ учи на многу работи кои ни помагаат низ животот, нѐ учи да бидеме подобри луѓе, погрижливи еден за друг, почовечни.

* Мото кое ве води низ животот?

- „Go beyond your limits“, уживај во планината и сакај ја, остани насмеан.


Даница Караташова